Конференција „100 жени претприемачки“: Жените се голем неискористен економски потенцијал

Конференција „100 жени претприемачки“: Жените се голем неискористен економски потенцијал

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Според податоците на Евростат, во Европа 59 отсто од жените се вработени, а кај мажите овој процент изнесува 70 отсто. Во Македонија 37 отсто од жените се вработени, и 56 отсто од мажите. Зошто жените и понатаму се помалку вработени од мажите, кога на светско ниво 60 отсто од високообразовниот кадар се жени, а само 40 отсто мажи?!

Учеснички на интернационалната конференција Фото: МИА

„Во потсвеста на луѓето сè уште постои мислењето дека жените се помалку компетентни од мажите. Ако во минатото жените биле примарни негуватели, а мажите примарни хранилници, таа слика во денешното општество е многу сменета и поинаква. Жените сè повеќе се качуваат на скалата на хиерархија, но и понатаму имаат помали плати од мажите, нивниот потенцијал не е доволно искористен“. Ова беше дел од обраќањето на Дијана Кобас-Дешковиќ од Хрватска, креаторка на методот „Mамфорс“ и самата жена-претприемач која им помага на многу млади организации да застанат на нозе.

Катерина Котлареска-Маневска, организаторка Фото: МИА

Таа се обрати на интернационалната конференција „100 жени претприемачки“ која денеска се одржува во ресторанот „Аликас“ во Скопје. Конференцијата ја организира Катерина Котлареска-Маневска, исто така претприемач и сопственичка на приватниот бизнис Kasia Events. Таа им посака добредојде на учесничките:
- Денеска ќе се мотивираме, ќе се забавуваме, ќе се инспирираме, но и ќе се вмрежуваме. Ова е шанса да се сретнете, да си кажете една на друга каков проблем имате, да добиете предлог како да го решите. Ви благодарам што решивте да бидете дел од настанот – рече Котлареска-Маневска.


Министерката Зорица Апостолска: да ги отфрлиме предрасудите Фото: МИА

Конференцијата ја отвори Зорица Апостолска, министер без ресор за странски инвестиции. Таа нагласи дека ѝ е драго што има толку заинтересирани да учествуваат на конференцијата. Според неа, во време на глобализација, развојот на општеството и економијата не може да оствари ако се водиме по стереотипи кои жената ја врзуваат само за домот, за семејството.
- Во 21 век мора да разбереме, пред сè овде на Балканот, дека определбата на жените за да балансираат меѓу приватното и професионалното, меѓу семејството и кариерата, може да биде надополнување, надоградување. Борбата против овие културни ограничувања, надминување на психолошките бариери кои едно општество ги поставува во однос на жените-претприемачи, станува темелна потребна и е неопходна ако сакаме долгорочни економски резултати. Така ќе се ослободи еден огромен потенцијал и тоа со економски капацитети кој со децении лежи потиснат кај женската популација – рече Апостолска.

Фото: МИА

Таа нагласи дека преку успешни бизнис приказни на жени претприемачи ќе се испратат успешни пораки и ќе придонесат да с есмени претприемачката филозофија кон поголема инклузивност на жените во оваа сфера.
- Отворањето на фронтови кон стереотипите втемелени во традициите на 19 и 20 век не се доволни за да се постигнат посакуваните резултати. Во предзивикот за промена на целокупното културно милје, нужно е вклучување на институциите, на државата, на Владата, на сите политички чинители, од локално до централно ниво. Само во таков контекст на активна поддршка, бизнис идеите на жените сè повеќе ќе се преточуваат во комплетни бизнис проекти. Ова е голем предизвик, но верувам дека жените умеат да го направат потребниот исчекор и да ја променат сликата на бизнис заедницата во Македонија. Во мојата работна кариера од 35 години не сум била секогаш во бизнисот, но сум научила дека бизнисот не е лесно да се води. Имало паѓања и успеси. А по некој пад, жената е најспособна да се справи, да стане и да продолжи успешно – нагласи Апостолска.


Дијана Кобас-Дешковиќ од Хрватска Фото: МИА

Дијана Кобас-Дешковиќ ги претстави податоците на Евростат, според кои во Европа 59 осто од жените се вработени, а кај мажите овој процент изнесува 70 отсто. Во Македонија 37 отсто од жените се вработени, и 56 отсто од мажите.
- Зошто жените и понатаму се помалку вработени од мажите, кога на светско ниво 60 отсто од високотбразовниот кадар се жени, а само 40 отсто мажи?! Ние им помагаме на организациите да бидат успешни. Веќе шест години се занимавам со ова. Работам веќе 20 години. Се сеќавам, на почетокот најмногу се облекувавме во бели кошули и костуми, како мажите. Денес и таа предрасуда е надмината. На бизнис состаноците се појавувам во фустан – вели Кобас-Дешковиќ.