Д-р Ангелчо Андоновски, директор на детската болница Козле: Носете ги децата на чист воздух за да им се вентилират белите дробови од опасното аерозагадување

Д-р Ангелчо Андоновски, директор на детската болница Козле: Носете ги децата на чист воздух за да им се вентилират белите дробови од опасното аерозагадување

Подготвил: Наташа З.

Дали да се изнесуваат децата надвор кога е презагадено, колку се ефикасни заштитните маски, каде да се шетаат за да ги исфрлат опасните честички од аерозагадувањето од органите за дишење, кога да се побара лекарска помош за да не се прават непотребни метежи во и онака преполните ординации, како да се реагира кога детето се гуши се само дел од причините за разговор со д-р Ангелчо Андоновски, директор на Институт за белодробни заболувања кај децата- Козле, установа во која се лекуваат деца од цела Македонија. Со него разговаравме и за проблемот со влагата која се појави во новата болница, но и за високите цени кои мајките ги плаќаат за престој со детето



Факултети.мк: Во овој период од годината, во најголем дел од населените места има големо загадување на воздухот, кога не се препорачува децата да шетаат надвор. Каде треба да се носат децата за да не го поминуваат времето во затворен простор?
- Децата во текот на студениот период, кој опфаќа неколку месеци во годината, најголем дел од денот го минуваат на училиште или во градинките. Доенчињата поради ниските температури вообичаено се дома со своите мајки, баби итн. Но, за време на викендите децата задолжително треба да се однесат на прошетка и тоа на повисоките места или на местата каде што протокот на воздух е зголемен. Обично секој град има свое планинско, речно или езерско место каде што можат да поминат и по неколку часа на чист и свеж воздух. Исто така и физичката активност е задолжителна за да може белодоробието правилно да функционира и да извентилира се што е наталожено во него. Доколку има потреба, да се избегнува периодот кога концентрацијата на загаденост е во високи граници. За тоа постојат и соодветни интернет страници каде се запишани мерењата на воздухот од мерните станици и тоа ни олеснува да провериме за степенот на контаминација на воздухот, а со тоа и да одлучиме за нашиот престој надвор со децета.

Факултети.мк: Што значи тоа вентилирање на белите дробови? Колку време треба да се на чист воздух за да ги исфрлат опасните ПМ честички?
- ПM 10 честичките претставуваат мали честички со промер од 10 микрометри, кои имаат способност слободно да се движат во атмосферата. На веќе познат начин, овие честички стигнуваат до атмосферата за време на вулкански ерупции, пожари, ерозија на почвата. Антропогените извори вклучуваат формирање на овие честички со согорување на фосилни горива, во електрани или од различни видови индустрии, а влијанието врз здравјето на луѓето зависи првенствено од големината на честичката. Се смета дека колку е помал дијаметарот на честичките, толку се со поштетни ефектите што ги носат со нив. ПМ10 лесно може да навлезе во долните слоеви на респираторните органи. Во случај на помали честички (наночестички) од овие честички, можеме да зборуваме за пенетрација на делови од кардиоваскуларниот систем. Пократката изложеност доведува до иритација на респираторните органи или зачестени инфекции, а подолгата изложеност може да доведе до генерирање на големи респираторни проблеми, како што се хронична опструктивна пулмонална болест или рак. Обликот и големината на честичките се различни. Честичките ПМ 10 се состојат од сложена мешавина од различни материјали, вклучувајќи саѓи (јаглерод), сулфатни честички, метали и неоргански соли. ПМ10 може да се емитираат од било која површина изложена на триење. Сето ова значи зависно од изложувањето на овие честички зависи и периодот колку да се помине на чист воздух за да тие се извентилираат од белите дробови.

Факултети.мк: Каков е вашиот став за носење заштитни маски кога има големо загадување, дали тие помагаат?
- Јас како лекар, лично имам позитивен став околу носењето на заштитните маски, но тие маски не треба да се само обични туку маски со активен јаглен кои имаат филтер кој содржи активен јаглен и може да ги сопре сите штетни честички.

Факултети.мк: Поради какви проблеми најчесто се бара лекарска помош во институтот?
- Во моментов сепак се работи за патологија која е поврзана со инфекции на горно и долно респираторниот систем. Од тонзило-фарингити, лакунарни ангини, ларингити до трахеити, бронхиолити, опструкции и пневмонии. Ние секогаш како педијатри ги проверуваме и докажуваме сите можни причини за таквата состојба, па врз основа на таа инвестигација правиме и статистика на причинителите за таквата патолошка состојба.

Факултети.мк: Со оглед на тоа што има многу болни деца и големи метежи во болниците, на детската клиника и кај педијатрите, како родителите да прават проценки кога е вистинско време да се појде на лекар, а кога тие сами може да му помогнат на детето?
- Во глобала станува збор за вирусни инфекции кои подоцна можат и да се усложнат со бактериски инфект. Зависно од тоа родителите треба да се јават на матичниот педијатар веднаш по првичната појава на суспектна состојба. Исто така треба да се напомене дека при појава на ларингитична промена веднаш треба да се посети педијатар или соодветна педијатриска установа бидејќи се работи за сериозна патологија која не секогаш знаеме во кој правец ќе се одвива.

Факултети.мк: Како да се реагира кога детето се гуши поради ларингитис, оток на органите за дишење, неретка ситуација и многу стресна и детето и за родителот, до моментот додека да се стаса кај лекар?
- Ларингитот е ургентна состојба која бара специфичен третман кој опфаќа системска т.н. обработка на пациентот и специфичен терапевтски пристап. Навидум малото засипнување на гласот може да не доведе до состојба наречена круп што значи дека ларингитот буквално предизвикува едем на ларингсот со самото тоа и моментален проблем со дишењето со што животот на пациентот е доведен во опасност. Првично родителите веднаш по појава на самата таква појава во домашни услови ќе треба детето да го внесат во бањата и да го изинхалираат со пареата од топлата вода за да веднаш потоа го изнесат на ладен воздух и да се даде антихистаминик. Доколку ни оваа процедура не даде со резултати се препорачува да детето веднаш биде однесено во соодветна педијатриска институција за започнување на целосен третман за лекување и спречување на таа состојба. Сакам да надополнам дека ние како стручни лица ќе продолжиме да вложуваме напори со сите професионални инструменти (со нашите совети) и ќе пропдложиме да апелираме врз одговорните за намалување на инциденцата на акутни и хронични респираторни инфекции болести преку намалување на изложеноста на ултра-фини честички ПМ 10 и други честички, особено оние со потекло од индустријата, сообраќајот и согорувањето на гориво во домаќинството, како и проблемите со озон, во согласност со препораки на СЗО .

Факултети.мк: Кај вас се лекуваат деца од цела држава. Дали имате доволно капацитет за да се соочтите со метежите и како менаџирате кога нема доволно слободни кревети за хоспитализација?
- Да, детската болница Козле е Институт за белодробни заболувања кај децата уште од 1965 година па до ден дененешен. Функционира како регионална детска болница од терциерен тип и се работи всушност за специјална белодробна болница. Она по кое сме и препознатливи освен решавањето на белодробната патологија е постоењето на бронхоскопски тимови за екстирпација или отстранување на страни тела кои се аспирираат во белодробието од дечињата. Тие тимови постојано функционираат и работат беспрекорно. Алергиите ги решаваме ефикасно, нутритивните и алиментарните алергиски испитувања се само нов правец на ширење на дејноста на нашиот стручен тим. Центар за слип апнеата, Центарот за астма и ОРЛ кабинетите се постојано преполни. Од пред година и половина во болницата се наоѓа и Центарот за цистична фиброза (ЦФ) која ја дава неопходната помош на пациентите со оваа ретка болест. Со заеднички напори од страна на Владата, ресорното Министерство за здравство и Фондот за здравствено осигурување се работи да овие пациенти добијат се што е неопходно за нивно лекување т.е за подобрување на нивниот животен тек. Сепак да не заборавиме дека и покрај лошата состојба во која е доведено здравството во Македонија во изминативе 11 години сепак се прават сите напори да сите деца бидат згрижени и да ги имаат неопходните медицински препарати за лекување и третман. И секако дека болницата располага со 91 легло за деца и 91 легло за мајки, факт е дека болницата строго запазува да не дојде до преоптоварување со пациенти кои лежат се со цел да се избегне појавата на интрахоспитални инфекции. Но доколку е итно неоодложно да мора урегнтно да се лежи секако дека болницата е подготвена во секој момент да им излезе во пресрет на пациентите.

Факултети.мк: Во новата зграда на Институт за белодробни заболувања кај децата-Козле подолго време имаше влага по ѕидовите во просториите. Успеавте ли да го решите овој проблем?
- Моја прва задача со доаѓањето во институтот беше менаџирање на техничките проблеми со влагата во оваа установа, која не смее да постои во болница од ваков карактер. Во моментов тој проблем со влагата е саниран. Проблемот е што иако оваа зграда е маркантна и убава на изглед има огормен број технички недостатоци кои не засегаат сите нас, имајќи предвид дека во болницата се лекуваат деца. За сите тие недостатоци информиран е и премиерот на Владата, Министерство за здравство, а и проектната единица при министерството која е директно одговорна за градењето на оваа болница, а која не информираше дека имаме две-годишна гаранција. Пред извесен период апелирав јавно дека недостатоците перзистираат и никој не сака да ни ги реши, а знаеме дека болницата во моментов нема соодветна документација ниту катастарски е решена. За тоа постојат основани факти со сите писма пратени до надлежните инстиутуции. Самата болница не може да биде ниту осигурана од страна на осигурителна компанија поради тоа што не поседува никаква сопственичка документација. Знаеме само дека на 30 декември 2015 година е пуштена болницата без никаков технички прием, па затоа и се соочуваме со горенаведените проблеми. Работам на тоа да добијам помош и се надеваме дека ќе ја добиеме.

Факултети.мк: Лекувањето на децата во вашата установа (како и во секоја друга каде што се третираат деца) често подразбира и престој на мајката или на членка од семејството, за што се плаќа посебно околу 700 денари од ден. Оваа сума многу често е превисока за многумина и не можат да си ја дозволат. Се размислува ли да се реши овој проблем за многу семејства?
- Да ,секако дека се размислува. Факт е дека болницата е нова и за разлика од другите здравствени установи нуди подобри услови за лекување на најмалите и најсензитивните во државата. Сакам да цитирам дека сите професионалци во надлежните установи за здравство се засегнати и работат сконцентрирано на овој проблем за да биде решен. Нормално дека очекуваме законски промени и правилни прераспределби на групите кои и како да се соодветно подредат врз основа на соодветна патологијата, годините и ред други останати фактори кои ние како професионалци знаеме дека треба да бидат правилно подредени. Па со тоа да функционираме правилно и да настапиме со фактот дека сме социјална држава според Уставот на Република Македонија. Мислам дека нашите потомства се нашата иднина и ние треба да направиме се за нив, се за да останат здрави и да ни го држат најважниот општествен столб. Здравството е еден од главните столбови на државата и треба постојано да се надоградува и стабилизира. Факт е дека децата се нашето најголемо богатсво.