Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз него и кликнете два пати.
 

„Децата се воспитуваат преку тоа што го прават родителите, а не преку тоа што го зборуваат“

 

Татко и ќерка пишуваат
(Фото: Pixabay)


Оваа прекрасна мисла на Карл Густав Јунг ја открива суштината на воспитувањето на децата како процес во кој активно учествуваат родителите. Ви презентираме резултати од неколку психолошки истражувања од пред неколку години што секој родител би требало да ги знае:

1.    Родителите се посреќни од оние што немаат деца


Последните неколку години некои истражувања покажуваат дека родителите во просек секојдневно се чувствуваат подобро од оние што немаат деца и наоѓаат многу поголемо задоволство во грижата за нив во споредба со другите активности (Нелсон, 2013). Татковците особено добиваат високо ниво на позитивни емоции и среќа од своите деца.

2.    Вреди детето да се стави на прво место


Истакнувајќи го задоволството од родителството, истражувањата констатираат дека ставовите каде што децата се ставаат на прво место се делотворни. Ештон и Џејмс (2013) во своето истражување констатирале дека родителите што добивале поголемо внимание кога биле деца подоцна во животот биле посреќни и ја наоѓале смислата на животот во своите деца. Активната грижа за децата е поврзана со поголема исполнетост и со намалување на негативните емоции. Овие наоди укажуваат дека колку повеќе грижа и внимание луѓето им посветуваат на другите, и толку повеќе среќа и смисла доживуваат во животот. Од оваа перспектива, колку повеќе родителите ќе му бидат посветени на своето дете, односно колку повеќе го ставаат детето во центарот на вниманието, толку ќе бидат посреќни и поисполнети од родителството (Ештон-Џејмс, 2013).

3.    Премногу грижливото родителство може да биде депресивно

Како и во други работи во животот, тенка е линијата помеѓу грижата и задушувањето; особено кога децата ќе пораснат. Шифрин (2013) испитувал 297 недипломирани студенти за однесувањето на нивните родители кон нив и како тие се чувствуваат во врска со тоа. Истражувањето покажало врска меѓу премногу грижливото родителство и високото ниво на депресија кај студентите, како и ниско ниво на самостојност, поврзаност и оспособеност за живот. Родителите би требало да имаат на ум колку е адекватна нивната вклученост во животот на своите пораснати деца, како и да ги приспособат воспитните стилови кон потребите на своите деца.

4.    Избегнувајте ги строгоста и непопустливоста

Околу 90 проценти од Американците признаваат дека барем еднаш користеле строга вербална дисциплина кон децата, при што ги нарекувале со погрдни имиња, пцуеле, наместо да се обидат да им помогнат или да ги смират адолесцентите. Треба да бидете свесни дека таквиот начин само ги влошува работите. Студијата спроведена врз 967 американски семејства покажала дека строгата вербална дисциплина кај тринаесетгодишните деца предизвикала уште полошо однесување кај нив следната година (Венг, 2013). Но, тука не помага ниту посилната врска на родителите со своите деца. Водачот на истражувањето, Минг-те Венг, објаснува: „Заблуда е дека строгата дисциплина не остава последици ако постојат силни врски помеѓу децата и родителите, и дека адолесцентот ќе го сфати тоа како ’го прават тоа затоа што ме сакаат‘. Родителската љубов не ги намалува ефектите од строгата вербална дисциплина. И се чини дека е штетна во сите околности“.

5.    Регуларно време за спиење

Регуларното време за спиење е навистина важно за развојот на детскиот мозок. Истражувачите следеле 11.000 деца од 3 до 7-годишна возраст со цел да го измерат влијанието на спиењето врз когнитивните функции (Кели, 2013) и го констатирале следното: „...неправилното спиење кај тригодишните деца е поврзано со ниски резултати во читање, математика и просторна ориентација и кај момчињата и кај девојчињата, што укажува на фактот дека периодот околу третата година е чувствителен период од когнитивниот развој“.

6.    Домашните работи работете ги заедно

Усреќувањето на децата е полесно ако односот помеѓу родителите не е премногу студен. Честопати „јаболко на раздорот“ помеѓу брачните партнери се домашните работи. Трик за постигнување брачно задоволство во извршувањето на домашните работи е да ги работите заедно. Кога родителите заедно ги извршуваат домашните обврски, неважно е кој што работи – и двајцата се задоволни од поделбата на трудот (Галован, 2013)

7.    Ограничете им го времето за гледање телевизија на децата

Американската педијатриска академија препорачува децата помлади од 2 години воопшто да не гледаат телевизија, а постарите од две години – не повеќе од два часа дневно. Новата студија која следела околу 2.000 канадски деца од раѓање констатирала дека секој дополнителен час гледање телевизија кај две и полгодишни деца резултирал со послаби постигнувања подоцна кога тргнале во градинка (Пагани, 2013). Децата што ја надминувале оваа препорака имале полош речник, послаб успех по математика и послаби моторни вештини кога наполниле 5 години.

8.    Вежбањето го подобрува учинокот на децата во училиште

Децата сè повеќе се статични, па затоа вежбањето е одличен начин да се подобри работата на мозокот и другите телесни функции. Новата студија покажала дека кај единаесетгодишните деца умереното до енергично вежбање е поврзано со подобрување на успехот по јазици, математика и природни науки (Бут, 2013). Вакви резултати од вежбањето се констатирани и кај шестгодишни деца. Интересно е дека вежбањето кај девојчињата најмногу влијаело врз подобрување кај природните науки.

9.    Опасностите од преголема грижа

За некои жени, грижата за децата е постресна од работата. Постои врска меѓу одгледувањето деца, стресот и чувството на вина. Како ова се вклопува во истражувањата дека децата го исполнуваат вашиот живот со радост и смисла? Тоа се објаснува со различните ставови кон родителството. Да се биде „мајка што премногу се грижи“ може многу лошо да влијае врз вас. Во студија во која испитувале 181 мајка на деца до 5 години, Ризо и соработниците (2012) констатирале дека мајките што се согласувале со идејата дека децата претставуваат нивна „жртва“ и дека жените се подобри родители од мажите, биле подепресивни и помалку задоволни од животот. Значи, да, одгледувајте го вашето дете, но не жртвувајте го вашето ментално здравје.

10.    Зошто браќата и сестрите се толку различни

Секој што има повеќе од едно дете ја забележал оваа интересна работа: нивните личности честопати целосно се разликуваат. Според истражувањето на Пломин и Даниелс (1987), браќата и сестрите имаат помалку заеднички работи во своите личности отколку двајца целосни странци. Што е многу чудно, со оглед дека 50% од нивните гени се идентични. Меѓутоа, одговорот не лежи во гените, туку во средината во која растат децата. И покрај истото опкружување, детето има:

•    Поинаков однос кон родителите
•    Поинаков однос кон братот/сестрата
•    Поинакво друштво и искуство во училиштето итн.

Сите овие разлики значително придонесуваат за очигледните разлики меѓу браќата и сестрите – честопати толку големи што дури и физички не си личат. Сето ова значи дека поради фактот дека нивните личности толку многу се разликуваат, родителската стратегија што се користела со едното дете нема да даде резултат и кај другото!

Но тоа е уште еден од интересните предизвици на родителството!


Автор: Џереми Дин
 
Објавено на 07.12.2017 во категорија Живот
Подготвил: Б.Б. / Лектор: Ивана Кузманоска
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook