Анастазија Аранѓеловиќ, еден од дваесетте постдипломци на програма на Универзитетот „Колумбија“: Образованието е највредниот имот што некој може да го поседува

Анастазија Аранѓеловиќ, еден од дваесетте постдипломци на програма на Универзитетот „Колумбија“: Образованието е највредниот имот што некој може да го поседува

Подготвил: Наташа З.

Лектор: Ивана Кузманоска

Анастазија Аранѓеловиќ од неодамна се вброи меѓу дваесетте магистранди од цел свет на престижната програма на Универзитетот „Колумбија“ во САД, една од најпосакуваните научни установи во светот. Со неа разговаравме за тоа како се влегува во ова високо научно друштво, што очекува од студиите, но и за тоа колку е значајно образованието и како треба да се едуцираат младите, што им недостига тука за да живеат од она за што учат...



Факултети.мк: Вие сте една од дваесет во светот што се примени на постдипломски студии за политички науки на Универзитетот „Колумбија“ во САД. Како се влегува на еден од десетте најпрестижни универзитети во светот?

- На нестандарден начин. Не се пресудни ни оценките ни парите. Пред сè се бара да имате перспектива, повисоки идеали и стандарди во животот. Нормално, се бара прецизен и концизен метод на живеење во кој јасно знаете што сакате и имате барем некаква замисла како да го постигнете тоа. Впрочем, начинот на избор на кандидати се базира претежно на тоа какви им се целите во животот, кои се конкретните чекори што дотогаш ги имаат преземено за да дојдат до своите цели и колку успеале во своите напори согласно шансите што им биле укажани.

Факултети.мк: Што очекувате од постдипломските студии?

- Очекувам да бидам во средина со луѓе што немаат граници на верувања и убедувања за она што е возможно, а што е невозможно во животот, и цврсто и самоуверено одат напред кон она што го имаат трасирано како свој пат, без разлика на убедувањата на луѓето околу нив - и благодарение на својата самоувереност, видливо успеваат во тоа што го прават.

Факултети.мк: Како течеше Вашето претходно образование?

- Во најдобар можен ред, како и секое друго образование што би можело да се класира како квалитетно по мои стандарди - ми даде увид во врвот и кремот на науката и ме научи дека ниту една врата не е затворена, ниту пак смее да биде затворена пред оние што нудат квалитет и создаваат вредност во општеството како личности, како академски граѓани, или како претприемачи. Додипломските студии, како Ристовска, ги завршив на Универзитетот „Вилијам Маршал Рајс“ во Хјустон, кој е број еден универзитет за нанотехнологија во Америка и се смета за централен универзитет на хемијата, позициониран во градот со најразвиена хемиска индустрија на двата американски континенти. Воедно е и седиште на целата нафтена индустрија во САД. Паралелно, втората област на која дипломирав, по принципот на „двоен степен“, е областа на политички науки, на истиот универзитет.

Факултети.мк: Каква беше организацијата на едукацијата, како се снајдовте со тамошните менталитети?

- Тамошниот начин на размислување е базиран на едно мото кое е сосема изземено од овдешното општество: како заедно да постигнеме сè што може да се постигне, а кое ќе ни го подобри животот на сите нас заедно без да ја нарушиме внатрешната хармонија на ниту една индивидуа што е инволвирана во процесот или би била афектуирана од процесот.

Факултети.мк: Каде се гледате себеси по 10 години?

- На јахта на Малдиви, се сончам и уживам во животот со добро друштво додека работам онлајн од лаптоп и пијам коктел од папаја. Десет години се многу, таму се гледам за пет до седум години максимум. За некого тоа е материјализам, а за друг - процес на креација преку игра и одмор.

Факултети.мк: Од нашето Министерство за образование бевте одбиени за стипендија. Со какво образложение или знаете ли зошто?

- Излишно е да коментирам. Станува збор за гарнитурата што заминува. Да ѝ дадеме шанса на новата администрација да се покаже во подобро светло.

Факултети.мк: Дали младите луѓе може да бидат успешни во Македонија и што сè е потребно за тоа?

- Треба да се воведе систем во кој секој ќе може да создаде вредност во општеството и ќе има можности сето свое образование и знаење или, пак, пасија и хоби да ги преточи во одреден краен резултат кој ќе биде од корист за другите и ќе го подобри животот во општеството генерално. Како конкретна интерпретација на погоре кажаното, мора да се олесни процесот на претприемаштво кај младите и мора ригорозно и без пардон да се стимулира производството кај нови фирми формирани од млади лица. Тука треба да се насочи неограничен државен капитал кој би ја напумпал производствената индустрија водена од страна на млади индивидуи.

Факултети.мк: Зошто вреди да се инвестира во образованието?

- Ако не заради очигледното самоописменување, тогаш барем за да ги стекнете информациите што ќе спречат да станете марионета на некој друг. Очигледно највредниот имот што некој може да го поседува е информацијата. Навремена и точна. Сè додека купуваме станови и автомобили наместо тој капитал да го даваме за информации - ќе имаме проблеми, и приватни и државни. Каде во Скопје може да видите најсовремена библиотека на 10 ката правена по сите светски стандарди? Каде е бесплатниот пристап за секој еден студент до онлајн дата-базите на сите научни журнали? Каде се бесплатните спортски мегасали за студентите и младите во кои би бил овозможен секој вид на привилегија на уживање и рекреација на оние што се одлучиле да инвестираат во образованието?

When something's missing - something's wrong. Или во превод, кога нешто фали - нешто не е во ред.

А мене лично ништо не би ме спречило да ги дознам нештата што сакам да ги знам, а со чија практична примена знам дека ќе се подобри квалитетот на мојот живот, а со тоа и квалитетот на животот на најблиските околу мене.



Во информацијата впрочем лежат game-changers (двигатели на промени) кои можат да направат ненадеен позитивен пресврт во животот на една личност или на едно цело општество. „Колумбија“ е еден од десетте факултети во светот што се на врвот на Шангајската листа на факултети, заедно со Кембриџ, Оксфорд, Харвард и Принстон. Меѓу сите тие десет е на врвот по број на милијардери помеѓу дипломците. Со други зборови, произведува најголем број академски граѓани што своето знаење и информации ги применуваат во бизнисот и индустријата, создавајќи најголема вредност за општеството (а со тоа и за самите себе).

Ќе го цитирам Ворен Бафет, кој исто така има завршено на „Колумбија“. Тој вели: ,,Има една перверзна човечка карактеристика која сака да ги прави лесните нешта тешки“.

Никој не е должен да му дозволи на тој до него да му каже дали нешто е лесно или тешко. Верувајте во своите соништа и во самите себе. Не постои ништо невозможно. Постои само невозможна нерешителност да се преземе нешто со цел да се сменат нештата на подобро.

Бидете во тек со точните и навремените информации, не штедете на образование, и при сето тоа, најважно од сè, чувајте ја својата позитивност, како  и добро расположение.