Македонец меѓу лицата што ќе влијаат врз формирањето на Европа во 2018

Македонец меѓу лицата што ќе влијаат врз формирањето на Европа во 2018

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Градски метеж
(Фото: Pixabay)


Бриселскиот портал „Политико“ објави листа со 28 лица што ќе влијаат врз формирањето на Европа во 2018 година, пренесуваат медиумите.

На листата се наоѓаат 18 мажи и 10 жени од 28 различни земји – политичари, бизнисмени, уметници, писатели од кои може да се очекува да бидат во центарот на случувањата во годината што е пред нас.

На првото место се наоѓа Кристијан Линднер, лидерот на германските либерали, кој, како што објаснуваат, зазема клучна улога во политиката на Германија како челник на конзервативниот „евро-внимателен“ дел од општеството.

„Повлекувајќи го прекинувачот“ во коалиционите преговори во ноември, Линднер ја втурна Германија во политичка криза, поставувајќи се себеси во центарот на случувањата.

Во годината во која француско-германскиот мотор најверојатно ќе води дебата околу правецот по кој ќе се движи Европа, неговата улога на „кочничар“ може да се покаже како клучна, се наведува во анализата.

Втори на листата се британскиот министер за екологија Мајкл Гроув, како „мозокот што стои зад Брегзитот“, француската министерка за труд и „челичната тупаница на Емануел Макрон“ – Мјуриел Пенико е на третата позиција, на четвртото место е холандскиот премиер Марк Руте, а на петтата позиција е претседателката на Долниот дом на парламентот на Италија, Лаура Болдрини.

Од претставниците на земјите од поранешна Југославија, меѓу тие што ќе влијаат врз Европа е само словенечката новинарка Анушка Делиќ, и тоа на високото шесто место.

Нејзиниот висок пласман се илустрира со одредницата „водечки истражувач“. Во образложението се наведува дека Делиќ сака да „ги растури ѕидините на Европскиот парламент“, а причините за „нејзината фрустрација“ лежат во што оваа институција одбива да објави како пратениците навистина ги трошат 450-те милиони евра годишно, пари од даночните обврзници.

Како што наведува „Политико“, кога таа побарала податоци за трошењето на парите, барањето ѝ било одбиено за да не се загрози приватноста на членовите на оваа институција. Како што се наведува, таа организирала мрежа од новинари од 28 земји-членки на ЕУ кои собирале податоци за трошењето на парите и укажале на недостигот на транспарентност. Таа била вклучена и во истражувачките проекти во врска со „Панама пејперс“.

На листата се најде и Рене Реџепи, еден од најистакнатите готвачи во светот, за нас интересен по неговото македонско потекло по таткова страна. Роден е во Копенхаген, но поголемиот дел од детството го поминува во Џепчиште, родното село на неговиот татко. Овие посети во Македонија му оставаат силен впечаток и претставуваат значајна инспирација во неговата дејност. 

Деталната листа погледнете ја овде.