Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци: Ако градот го направиме поубаво место за живеење, младите ќе останат

Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци: Ако градот го направиме поубаво место за живеење, младите ќе останат

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Факултети.мк го посвети декември на Кавадарци и оттаму носиме интересни приказни. Се сретнавме и со новоизбраниот градоначалник Митко Јанчев, кој најавува многу промени во градот и побогат културен, спортски живот.




Јанчев е дипломиран инженер-геолог

Со развивање на туризмот, спортски и културни центри, места за рекреација, Кавадарци ќе ги задржува младите во градот. Новоизбраниот градоначалник Митко Јанчев, кој доаѓа од бизнис-секторот, за Факултети мк. вели дека приоритет му се младите, децата и образованието, но и инфраструктурата на градот. Младите ќе ги задржиме само преку проекти кои ќе го направат градот поубаво место, вели тој.
- Тука вработувањето не е проблем. Има осум проценти невработеност, но младите си го бараат своето. Немаме место за рекреација, за спортски активности, туризам. Во една или две години не може сѐ да се направи, но ќе ги мотивираме да останат тука. Во принцип, многумина сакаат да продолжат да живеат таму каде што се родиле, но треба да им направиме услови за тоа. Да бидат исполнети во местото на живеење и да бидат искористени и мотивирани – вели Јанчев.

Едносменско работење во сите училишта

Јанчев е дипломиран инженер-геолог на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а магистерските студии на истиот универзитет ги завршил на насоката на техничките науки, Петрологија, минералогија и геохемија. Тој е сопственик и управител на ДПТУ „Кожувчанка“ од Кавадарци, првата приватна компанија за производство на вода во Македонија. Функцијата управител ја презел на 23-годишна возраст, по ненадејната смрт на неговиот татко, основач на компанијата „Кожувчанка“. Вели дека искуството од бизнис-секторот ќе го пренесе во решавање на проблемите на граѓаните.
Новиот градоначалник објаснува дека основните и средните училишта генерално се во добра состојба. Пред две години со кредит од Општината е направен проект за ефикасно енергетски училишта.



Децата до петто ќе добијат униформи од Општината

- Сменети се покриви, фасади и училиштата во градот се во добра состојба. Следната година се планира истиот проект за подрачните училишта во руралните средини. Ќе има и доградба на спортски сали, некаде инсталирање на парно греење. Во програмата имаме предвидено за сите училишта буџети за ново осветлување. До 2020 година да има ЛЕД-осветлување, кое е подобро за децата. Ќе се заменат и сите табли во училиштата – вели новиот градоначалник. Тој планира да воведе само едносменско работење во сите училишта каде што има услови, како и бесплатни униформи до петто одделение.

Нов пазар и решавање на сообраќајниот метеж

Со оглед на тоа дека Кавадарци има и активна ликовна сцена, ќе добие свое ликовно ателје, а во план е да се изгради и културен центар за млади. Градскиот татко на Кавадарци планира да направи и нова систематизација во Општината и да воведе ИСО-стандарди бидејќи дел од 85. вработени не работат соодветно на решенијата за работа.



Плоштадот во Кавадарци

- Еден од првите проекти на кои ќе работиме е „Мој општинар“. Идејата ми е десет вработени од Општината да бидат одговорни за одреден реон во Кавадарци. Ќе имаат своја униформа, овластувања и задачи и ќе бидат на терен меѓу граѓаните. Тие ќе ги согледуваат потребите на граѓаните, ќе ги забележуваат и ќе ги решаваат, односно ќе ги пренесуваат до надлежните институции. Ова ќе ја подобри комуникацијата на граѓаните со Општината. Хроничните проблеми што се влечат со години полесно ќе се решат на тој начин – објаснува Јанчев.
Едни од најболните точки во Кавадарци се сообраќајот и паркиралиштата. Паркирањето воопшто не е регулирано, па Јанчев планира за решавање на овој проблем да побара помош од Машинскиот и од Сообраќајниот факултет.
- Ќе побараме да се изработи една сообраќајна студија која ќе ни каже што треба да менуваме во инфраструктурта. Потоа ќе испланираме и зонско паркирање и ќе предвидиме и катни гаражи. Кога протокот на автомобилите низ градот ќе биде побрз, ќе придонесе и за намалување на загадувањето на воздухот. Ова ќе биде долгорочно решение за сообраќајот – вели тој.
Ако ги исполни своите ветувања, Кавадарци треба да добие и нов пазар во затворен објект, со катна гаража, кој ќе биде отворен секој ден. Прекупците што сега прават метеж на пазарот ќе се пренасочат на агроберза надвор од градот.

Кавадарци ќе отвори вински музеј

Градоначалникот има многу планови и за развој на туризмот и на спортот во градот.
- Во план е спортската сала „Јасмин“ да ја направиме спортски комплекс со затворен бaзен. И објектот „Ла Луна“, кој е напуштен, ќе го дадеме на приватник да направи спа-центар, сала за вежбање, кугларница и затворен базен. Ќе се прави и спортска и повеќенаменска патека од Ваташа до Моклиште. Културно-историските споменици Ваташа, 12 Другари и Моклиште се во лоша состојба, напуштени, бидејќи многу години не се одржувале. Јанчев вели дека овие места ќе се развиваат како туристички локации.





На локација во градот ќе се изгради и вински музеј, кој треба да привлекува туристи од цела земја и од странство.
Загадувањето не го одминува ниту Кавадарци. Воздухот во градот е постојано загаден во текот на зимата. Какви се плановите за решавање на овој горлив прoблем?
- Направени се многу анализи за загадувањето на Кавадарци. Штипски универзитет направи мерење на загадувањето на целата територија и околината на Кавадарци. Опфатени се 80 проценти од обработливото земјиште, воздухот и водата. Секундарното загадување е проблематично во зимскиот период. Овие мерења се правеле пред сѐ поради тешката индустрија. Докажано е дека во следните 25 до 30 години работата на „Фени“ нема да има трајни последици врз здравјето на граѓаните. Примарно „Фени“ не загадува – вели тој.
Градоначалникот потенцира дека секундарното загадување, 70 проценти, доаѓа од загревањето, а игра улога и сообраќајот. Општината за ова грејна сезона одвоила 4 милиони денари за субвенции за греење на пелети. Едно од решенијата на Јанчев за проблемот со воздухот е и повторното отворање на котларница, која ќе обезбеди парно греење во повеќе комплекси на згради.