АХВ: Немаме предупредување за небезбедно бебешко млеко и млечни производи на „Лакталис“, се прави контрола и кај увозникот

АХВ: Немаме предупредување за небезбедно бебешко млеко и млечни производи на „Лакталис“, се прави контрола и кај увозникот

Подготвил: Н.Ф

Лектор: Ивана Кузманоска

Агенцијата за храна и ветеринарство – АХВ досега нема добиено нотификација преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни (Rapid Alert System for Food and Feed) на Европската Унија дека на македонскиот пазар се пласирани небезбедни количини млеко и млечни производи на компанијата „Лакталис“, за кои француската влада соопштила дека се повлекуваат од продажба поради стравување дека постои опасност да се заразени со салмонела, информираат од АХВ.



Производителот „Лакталис“ и француските власти наредија глобално повлекување на млечни производи поради страв од зараза со салмонела. Во соопштението од компанијата е наведена листа со повеќе од 600 производи на „Лакталис“ што се повлечени од продажба и е забранета нивна консумација, како и извоз.
- Од почетокот на годинава досега од „Лакталис“ во Република Македонија се увезени 103,4 тони млеко и млечни производи, од нивни објекти во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, како и од соседна Србија и од Германија. Од објектите на оваа компанија во Франција годинава биле увезени само 2,4 тони млечен производ топено сирење – велат од АХВ.

Производите од оваа компанија, објаснуваат од агенцијата, како и од другите производители што се увезуваат во земјава, се контролираат од официјалните ветеринари на АХВ при увоз, при истовар и во прометот. Во ноември годинава биле земени и испитани мостри од сирење од овој производител од објектот во Република Србија и тие беа негативни, односно во нив не е утврдено присуство на салмонела.
- Инспекциските служби на Агенцијата во моментов вршат контрола кај компанијата што ги увезува овие производи во Република Македонија. Како одговорна институција за безбедноста на храната, Агенцијата ја следи состојбата и доколку се јави потреба, навремено ќе реагира со преземање соодветни мерки – додаваат од АХВ.

Инаку, „Лакталис“ се смета за еден од најголемите производители на млеко во светот. Француската влада на почетокот од месецов нареди масовно повлекување од домашниот и од странските пазари на млекото во прав за бебиња на фирмата „Лакталис“ поради зголемен ризик од салмонела откако биле пријавени 20 случаи на заразени бебиња со салмонела. Светскиот производител на млеко и млечни производи на 2 декември веќе повлече млеко за бебиња произведено во фабриката во Краон на западот на Франција. Од компанијата „Лакталис“ изразиле длабоко жалење и навеле дека ќе ги преземат сите санитарни мерки за спречување на ширење на бактеријата.
Компанијата повлекува производи и во Велика Британија, Грција, Мароко, Судан, Перу, Пакистан, Бангладеш и Кина.
Симптомите на зараза со бактеријата салмонела вклучуваат стомачни проблеми, дијареја и треска. Поголемиот број луѓе заздравуваат без лекување, но може да е опасна за слаби организми.