„Напиши му писмо на твојот омилен професор“ - кампања за даскалите што им го менуваат животот на своите ученици

„Напиши му писмо на твојот омилен професор“ - кампања за даскалите што им го менуваат животот на своите ученици

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Преку веб-страницата „Мојот омилен професор“ секој ученик/студент што чувствува желба може да му оддаде јавно признание и да му напише „виртуелно“ писмо како благодарност на својот омилен професор/наставник.





 „Бидејќи ме научи да ја сакам математиката и покрај фактот што единствени бројки присутни во животот ми се оние на часовникот“. Ова е краткото и симпатично писмо што како благодарност Стефани Јовчевска ѝ го напишала на својата професорка по математика, Павлина Маркудова, од гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“.
На веб-страницата „Мојот омилен професор“ осамнаа многу писма од ученици, упатени како благодарност токму до нивните учители за сѐ што ги научиле во животот. Ако постои таква инспиративна личност, која ви била многу повеќе отколку само наставник, сега е време да ѝ го кажете тоа, преку виртуелно писмо.


Добрите учители не се секогаш препознаени

Идејата за #МојотОмиленПрофесор е заеднички плод на соработката меѓу УНИЦЕФ и СмартАп - Лабораторијата за социјални иновации и се родила на скорешната конференција на тема „Квалитетно образование - за раст, резултати и подобра иднина“. Александар Лазовски, еден од креаторите на проектот, вели дека всушност сѐ почнало на еден од TEDxSalon настаните што ги организирале на тема интересни техники за доближување на наставниот материјал до учениците на иновативен и интересен начин, преку креативност или технологија. Тимот запознал неколку инспиративни професори од нашата земја. Слушнавме од нив за тоа како се трудат секое дете да го совлада материјалот, дознавме за неверојатно охрабрувачки зборови и за ситуации во кои тие професори биле активни чинители во креирање подобра иднина за своите ученици, раскажува Лазовски.





- Тажниот дел во сето ова беше дека токму тие професори не се препознаени, не се доволно вреднувани и тие самите понекогаш не можат да ја видат својата огромна вредност. Сакавме ние да бидеме тие што ќе им дадеме глас на тие професори, да ги направиме пример за тоа како треба да креира, подучува и инспирира еден образовен работник и конечно нив да ги ставиме во фокусот на приказната - бидејќи тие тоа го заслужуваат – вели тој.


Ме враќаше еден чекор назад за да земам залет за два напред

Ваквата идеја ја препознал и надградил УНИЦЕФ, по што произлегла кампањата. Целта на проектот е да има позитивно афирмирање и вреднување на трудот на професорите, наставниците и учителите и учителките кои заслужуваат да добијат јавна благодарност.
- Ова е кампања за оние што навистина се заложуваат за работата, за оние што често не се препознаени од јавноста и за оние што, ако се навратиме наназад низ спомените, ни го промениле животот и сосема несвесно се поставиле како наши идоли. Ова може да се моментални професори и учители на вашите ученици или, пак, вашите дамнешни професори на кои и ден-денес се сеќавате – вели тој.





Преку веб-страницата „Мојот омилен професор“ секој ученик/студент што чувствува желба може да му оддаде јавно признание и да му напише „виртуелно“ писмо како благодарност на својот омилен професор/наставник. По пишувањето на писмото тоа може да се сподели преку социјалните медиуми или, пак, да се објави како фотографија која пристигнува по е-пошта. На веб-страницата може да се прочитаат прекрасни пораки упатени до наставници и професори.
 - Ме враќаше еден чекор назад за да земам залет за два напред. Вечно ќе му бидам благодарна за животната лекција дека секогаш можам многу повеќе - му порачува Ангелина Блажевска на професорот Роберт Миновски од Машинскиот факултет.





Лазовски, пак, додава дека ова е одлична можност јавно да им се оддаде почит на оние што неуморно работат на креирање на следните големи умови. Веб-страницата ќе прима „писма“ до 20 декември, а ќе има изненадување за професори и образовни работници со најмногу и најинтересни изјави.
 - Се разбира, mojotomilenprofesor.mk ќе биде достапен и по завршувањето на овој рок и луѓето ќе може да достават свои благодарности и јавни пофалби за нивните омилени професори. Секако, поради огромниот интерес за проектот, секогаш е отворена опцијата да се рестартира, па дури и да се надгради кампањата – вели Лазовски.