Пронајдена колекција од 1,4 милијарда кориснички имиња и лозинки онлајн

Пронајдена колекција од 1,4 милијарда кориснички имиња и лозинки онлајн

Подготвил: М.П.

Лектор: Ивана Кузманоска

Хакерите секогаш прво го бараат најслабиот линк за брзо да добијат пристап до онлајн-профилите. Онлајн-корисниците забораваат да ја сменат својата лозинка, а и ја користат истата за повеќе профили, што е најголема грешка.


Истражувачите од безбедносната компанија „4iQ“ откриле нова колективна дата-база на „Дарк веб“, која содржи 1,4 милијарда кориснички имиња и лозинки. Агрегатната дата-база била пронајдена на 5 декември на форум, па се смета дека е најголема агрегација пронајдена на „Дарк веб“. Поточно кажано, се работи за масивна архива од 41 гигабајт. Последно била ажурирана на крајот од ноември и не произлегува од ново прекршување, туку од колекција на 252 претходни прекршувања на податоци и листи за проверка.

Дата-базата содржи обичен текст од „Биткоин“, „Линкдин“, „Мајспејс“, „Нетфликс“, игри како „Мајнкрафт“ и слично. Ниедна од лозинките не е шифрирана, па тоа е загрижувачко, а и откако се тестирале, било откриено дека повеќето од лозинките се вистински. Новото прекршување содржи 318 милиони уникатни корисници и 147 милиони лозинки. Дата-базата е добро организирана и е подредена по азбучен ред.

Најчестите и воедно најлошите лозинки пронајдени во дата-базата се „123456“, „123456789“, „qwerty“, „password“ и „111111“. Не е познато кој стои зад поставувањето на дата-базата на „Дарк веб“.

За заштита се препорачува да не се користи иста лозинка за повеќе профили и да се креираат силни и комплексни лозинки.