Родителите во борба против загадувањето: Бојкот на наставата на 20 декември

Родителите во борба против загадувањето: Бојкот на наставата на 20 декември

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Наместо собир, предлагаме свесните и совесни родители со своите деца да ја бојкотираат наставата во училиштата на 20 декември 2017 година, среда. Со ова ќе укажеме дека проблемот не само што не е решен туку и нема никакви најави дека ќе се реши, а уште помалку и дека каква било мерка ќе се спроведе



Под мотото „Свесно и совесно ја бојкотирам наставата на моето дете“, група родители од Скопје на социјалните мрежи најавуваат дека идната среда, 20 декември, нема да ги носат децата на училиште. Со хаштаг #Не се дише#бараме итно решавање на проблемот, вчера на „Фејсбук“ почна да се шири иницијативата што ја презеде и групата „Скопје бара чист воздух“. Целта е да им го привлечат вниманието на надлежните за да го решат проблемот со енормното загадување во главниот град.
- Мерните станици низ Скопје веќе две недели покажуваат огромна загаденост на воздухот. За важноста за справување со загадувањето како најголем и најопасен проблем потсетуваме веќе четири години. Досега се обидовме со чести собири за искажување на незадоволството од несправувањето со ниедна точка од овој комплексен проблем, да ги потсетиме службениците да си ја сработат работата која се нафатиле да ја сработат, а за што добиваат плата од наши пари – пишуваат активистите на „Фејсбук“.

Тие додаваат дека досегашните форми на протест не предизвикале никаква промена. Затоа решиле да го сменат начинот на искажување револт.
- Наместо собир, предлагаме свесните и совесни родители со своите деца да ја бојкотираат наставата во училиштата на 20 декември 2017 година, среда. Со ова ќе укажеме дека проблемот не само што не е решен туку и нема никакви најави дека ќе се реши, а уште помалку и дека каква било мерка ќе се спроведе. А, ние, најмалку нашите деца и постари, немаме уште една година. Затоа, ширете ја информацијава, постирајте слики со ваши пораки и на 20 декември останете дома и поминете едно претпладне со вашите деца – велат активистите.


Панорама на Скопје, од Водно

Родители, граѓани загрижени за состојбата со загадувањето која ќе се одрази и на децата и на сите што живеат во загадените реони интензивно се приклучуваат на кампањата. Родителите што членуваат во советите на родители во училиштата се организираат да ги известат училишните тела за да го издигнат проблемот на повисоко ниво.
- Како да им кажеме на децата „седете во училница, не излегувајте на голем одмор да купите храна или вода или да се размрдате малку!“ Геноцид! Геноцид и врз децата! Имаме ли држава, имаме ли локална и централна власт? – прашува една мајка.

Коментираа и просветни работници кои безрезервно го поддржуваат бојкотот. - Ја поддржувам одлуката максимално. Јас сум просветен работник, но јавно кажувам дека мора нешто итно да се преземе, затоа што секое доцнење може да биде фатално. Ова не е нормално и итно е потребна вонредна состојба. Не можеме да стоиме настрана заради нашите деца. Не се тие виновни што се родиле овде и што им е скратено основното човеково право - да дишат за да живеат – вели просветен работник.

Првото полугодие во Тетово пред две години заврши на 16 декември

Пред две години поради големата загаденост на воздухот, првото полугодие во Тетово заврши на 16 декември. Општината реши да ја прекине наставата во градинките, основните и во средните училишта поради енормното загадување на воздухот. Градоначалничката Теута Арифи тогаш изјави дека наставата ќе биде прекината до крајот на првото полугодие. Во меѓувреме, Општината требаше да продолжи со спроведување на мерките за намалување на загадувањето.