Филмаџии протестираа против намалениот предлог-буџет, Министерството за култура ветува дека ќе ги поддржи сите квалитетни проекти

Филмаџии протестираа против намалениот предлог-буџет, Министерството за култура ветува дека ќе ги поддржи сите квалитетни проекти

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Неколку десетици филмски професионалци од Република Македонија, независни филмски автори, незвисни продуценти и слободни филмски работници, го изразија својот револт кон одлуката на Министерството за култура, во предлог-буџетот за култура за претстојната година да скрати од средствата наменети за филм. Тие денеска упатија порака до министерот за култура Роберт Алаѓозовски и побараа да се преиспита одлуката.

- Живееме во време, во кое филмот и останатите аудиовизуелни уметности доживуваат невидена експанзија на планетарно ниво. Во целиот свет, а посебно во рамки на Европската Унија, буџетите за филм перманентно се зголемуваат. Во последнава декада, а како последица на дигиталната ера и експанизјата на новите медиуми, продукцијата на филм е повеќекратно зголемена. Филмот, и во 21 век, останува водечки медиум кога е во прашање културното влијание. Филмот и понатаму е најмоќната промотивна алатка преку која се потврдува постоењето и идентитетот на една нација. Тој има моќ да патува брзо, на сите континенти, да пренесува мечти, идеи и пораки, да потврдува и негира, да спори и вреднува – стои во писмото.



Писмото продолжува:
- Нашата филмска продукција е во развој. Ние, филмските професионалци, сме целосно свесни дека помеѓу делата кои ги создаваме има катастрофални промашувања и дека меѓу нас, за жал, има и залутани поединци и нечесни профитери. Посебно во последниве десетина години. Но, исто така, помеѓу нас се и авторите кои со своите дела, под знамето на Македонија настапуваат на најпрестижните светски филмски случувања.

Зарем не сме сите свесни дека меѓународниот успех на македонската култура, неспорно и во најголема мера, му припаѓа на филмот? Ако ги погледнеме учествата на меѓународните фестивали, наградите на фестивалите од А и Б категорија, ќе ни стане јасно дека македонскиот филм, толку критикуван, често оспоруван и стигматизиран, со сите свои маани и „детски болести" е сепак, ако не највредниот, тогаш барем најуспешниот извозен културен производ на оваа земја.

Во последниве две децении во Македонија се гради независната филмска продукција по европски терк и ние со забрзани чекори се интегрираме во европското филмско семејство. Кратењето на средствата за филм, во време кога државниот буџет и буџетот за култура се зголемуваат, а Aгенцијата за филм се гуши во наследени долгови, значи директен удар кон и онака кревката македонска филмска продукција.

Аргументациите дека и со помалку пари се прават добри филмови се точни, но само како исклучок, а не како правило. Аргумeнтациите дека се давале пари, а филмовите биле лоши се точни, но за едни други времиња, во кои доделувањето на средствата многу често беше политичка одлука. Зарем не се боревме сите заедно против таквото општество? Најголем дел од нас, филмските професионалци, автори и филмски работници, стоевме на бедемот на отпорот, во борба за подобро општество, за систем на вредности во кој филмот ќе биде ослободен од стегите на политиката, ослободен од натрапници и профитери, а достапен за талентираните, посветените и успешните.
Затоа, почитувани претставници на власта, најљубезно ве молиме и од вас искрено очекуваме да ја преиспитате оваа одлука. Убедени сме дека при донесување на конечната одлука околу ставката во националниот буџет која се однесува на филмската дејност, ќе ги земете предвид сите фактори, европските искуства и стандарди, а најмногу од сѐ, тенденцијата за развој и напредок на македонската кинематографија, актуелните генерации филмски творци и оние кои доаѓаат.

Советникот за медиуми во ресорното министерство, Петрит Сарачини ги поздрави присутните и им кажа дека му е драго „што се случува протест по долги години молк.“

- Вистина е дека годинава Агенцијата доби помалку средства од претходните години, но треба да имаме предвиде дека токму преку буџетот на Агенцијата во минатото се финансираа проекти што спроведуваа партиска и политичка пропаганда, а не создаваа уметнички дела, а преку нив се кршеа и законите. Како најеклатантен пример е серијата „Македонија“ за која беа потрошени 4 милиони евра од буџетот, во која бројот на епизоди незаконски бил намален од 130 на 80. Имавме и случаи во кои се исплатени пари, а тие не дошле до луѓето ангажирани на тие проекти. Ќе направиме целосна ревизија на Агенцијата. Би сакале да нагласиме дека наша заложба е да ги помагаме сите квалитетни проекти, да најдеме средства и преку пренамена на ставки и ребаланс на буџетот - велат од Министерството.