Ја посетивме гимназијата „Добри Даскалов“: Ние сме пример и гордост на кавадаречкото образование!

Ја посетивме гимназијата „Добри Даскалов“: Ние сме пример и гордост на кавадаречкото образование!

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Ги негуваме и традиционалните и современите образовни политики. Убаво си ја остваруваме нашата образовна мисија, постои знаење и храброст и кај наставниците и кај учениците – вели Невенка Поп Ангелова, која деветта година го раководи ова училиште

Ние сме гордост за кавадаречкото образование – вели директорката на гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци, Невенка Поп Ангелова. Тимот на Факултети.мк, како дел од серијалот посветен на Кавадарци, ја посети и единствената гимназија во овој град. Некогаш „Јосип Броз Тито“, а од 1995 година гимназијата го носи името на револуционерот Добри Даскалов.


Околу 750 ученици брои оваа гимназија. Тие имаат солидни услови за учење и големи успеси на многу натпревари, републички и меѓународни.
 
Со директорката Невенка Поп Ангелова, која ја раководи гимназијата во последните девет години, разговаравме за нивните успеси и предизвици.

- Нашето училиште учествува на речиси сите акредитирани натпревари што ги има во државата. Дури одиме и на меѓународни натпревари. Лани освоивме прво место по македонски јазик, математика бевме трети. Хорот и оркестарот, иако не сме музичко училиште, освојуваат награди, женскиот тим во кошарка исто така. Имаме одлични резултати и по биологија, хемија и физика. Во рамките на училиштето имаме мешан оркестар, наши деца учествуваат во драмски претстави. На фестивалот „Утринска ѕвезда“ во Банско редовно одиме и освојуваме награди – гордо ни кажа Поп Ангелова, која е дипломиран информатичар.


Соработка со странски гимназии

Во училиштето секоја година се запишуваат ученици во пет гимназиски паралелки и по една – правен и економски техничар. Интересот за стручните насоки не се намалува, тие се интересни профили зашто се и ретки во регионот, ни објаснува директорката.
Зградата на гимназијата постои од 1957 година, во 1976 година била доградена со кабинети по хемија, биологија и спортската сала, и по 40 години доби нова доградба, која им помага да ја реализираат наставата во една смена.

 
Невенка Поп Ангелова е директорка на училиштето од 2008 година

- Вклучени сме во повеќе проекти, од кои некои се и меѓународни. Имаме проекти „Еразмус плус“, интеграција на електронско учење во училница. Координатор на проектот е Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, а сме вклучени пет партнери – два факултети и четири гимназии, од кои две од Македонија и по една од Шведска и од Бугарија. Наши наставници посетуваа обуки, изработуваа отворени едукативни работилници и се поставени на една платформа. Тие се во функција на квалитетот на наставата, размена на искуства по одредени предмети. Има интерес кај професорите за такви проекти, професорите по информатика, по економски предмети и по природни науки. Сите тие што можеа да дадат придонес, а други пак обуките ги искористија и ги применуваат во наставата – ни објасни Поп Ангелова.


Шетајќи низ училниците, забележавме дека нема компјутери во секоја училница.

- Компјутерите од проектот „Компјутер за секое дете“ ни се во четири простории, имаме два кабинети по информатика, каде што се одвива наставата по информатика, а ја користат и другите професори за ИКТ-наставата. Имаме и две смарт-табли што се користат. Сметам дека не мора за секој предмет секој ученик да има компјутер пред себе. Со тој проект училиштата беа опремени во 2008 година, а компјутерите имаат рок на траење. Имаат и софтвер за да се користи во наставата, ама тоа бара многу големо одржување. Мое лично мислење е дека требаше да има многу поголеми подготовки за користење на тој проект, наставниците да бидат поподготвени за да сакаат да го исползуваат тоа – смета Поп Ангелова.

Од посетата на шведско училиште

Образованието не трпи компромиси


Идејата на нашето образование е да создадеме современа средина за учење, да ги следиме образовните политики, да создаваме средина што ќе има современи материјали. И не треба да се занемарува креативноста на наставникот. Треба да му се даде слобода да го осмисли часот, категорична е директорката.

- За квалитетот на образованието, не треба да се избира поевтиното. Не треба да се прави компромис со образованието ако треба да се задоволат некои стандарди. Речиси 90 отсто од матурантите се запишуваат на факултет и стануваат успешни луѓе. Поп Ангелова ни го истакна проектот што го имале минатата учебна година, во кој успешни правници, економисти, медицинари, бизнисмени, зборувајќи за својата животна приказна, им беа инспирација на матурантите.

Успешните научници со своите ментори

- Ги негуваме и традиционалните и современите образовни политики. Убаво си ја остваруваме нашата образовна мисија и сме пример и гордост на кавадаречкото образование и традиција. Има знаење и храброст и кај наставниците и кај учениците. Подготвени сме да им приоѓаме на сите предизвици во животот. Горди сме и на меѓуучилишната соработка што ја негуваме – вели Поп Ангелова.
Гимназијата негува пријателства и со странски училишта. Меѓу нив е Крагуевската гимназија, во која учеле многу народни херои. Со нив соработуваат на повеќе проекти и манифестации.

- Имаме соработка и со гимназијата „Курт Николин“ од Норкопинг, Шведска. Благодарение на иницијативата на нашинец, Златко Каров, кој работи во тоа училиште, неколку пати со наши ученици сме биле таму. На нивен проект на „Еразмус“, со наши деца заеднички соработуваа на реклами, одеа по кавадаречки фирми и организиравме натпревар за најдобро видео. Во чест на оваа соработка, наши професори подготвија мјузикл од АББА и ученици го изведоа таму – ни раскажа директорката.

На натпреварот „Ноември – месец на науката“, ученици од гимназијата се вратија со една торба признанија. Заедно со своите професори по биологија и по хемија - Елизабета Иговска, Богде Коцева, Магдалена Убавкова и Даница Пецова - младите гимназијалци активно се вклучија во сите активности и покажаа најдобри резултати. Преку иновативен пристап на полето на науката, учениците изработија модели, збирки и изведуваа експерименти и демонстрации.


Ученикот од прва година Слободан Јовановиќ го освои првото место за проектот „Биоразновидности и систематика на дневни пеперутки и молци“ - исклучителна збирка од пеперутки со претставници од четири континенти. Ученичката од трета година Павлинка Ташева учествуваше со модел - скелет на човек, изработка од хартија. За своето дело доби позитивни критики и сертификат.
Учениците од прва година, Софија Секуловска и Рената Попова, освоија прво место за изведување на експериментот - каталитичко разложување на водороден пероксид (хемиски дух од ламба). Учениците од трета година - Ѓорѓи Ристов и Лука Ристов добија сертификат за експериментот димна бомба.

Млади научници: Софија Секуловска и Рената Попова

Средниот успех на гимназијата во последната учебна година бил 4,06.
- Се трудиме да го задржиме квалитетот и учениците да добиваат заслужени оценки. Тоа е и една од идеите на екстерното оценување. Со тоа се стопира лесното давање оценки. Не може целосно да се исклучи, ама мислам дека е сведено на минимум.
Поразговаравме и со библиотекарот во училиштето, Александар Јорданов, кој ни откри дека младите сакаат да читаат и дека библиотеката има солиден фонд на книги.
- Нови лектирни изданија секогаш ни требаат - рече тој.