Оперативната директорка на „Фејсбук“ со порака до девојките што се стремат кон високи цели

Оперативната директорка на „Фејсбук“ со порака до девојките што се стремат кон високи цели

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

sheryl
Фото: AP

Шерил Сандберг со години е оперативна директорка во компанијата „Фејсбук“. Исто така, таа е активистка и авторка на стручни текстови и на книгата „Чекор напред“.

Во продолжение ви пренесуваме еден дел од книгата што го содржи нејзиниот говор на доделувањето дипломи на еден колеџ, што воедно е и порака кон сите жени што се амбициозни и се стремат кон висока кариерата.

„Во 2011 година Дебора Спар, претседателка на ’Барнард колеџот‘, исклучиво женски факултет за хуманистички науки во Њујорк, ме повика да одржам говор на свеченоста на доделувањето дипломи. Во тој говор првпат јавно ја допрев амбицијата за лидерството.

Верувам дека слободата на изборот важи за сите. Но исто така верувам дека треба да вложиме поголеми напори за да ги поттикнеме жените да застанат на водечките позиции. Ако не смееме да ги охрабриме жените да се стремат високо на денот кога добиваат диплома, тогаш кога? А ако јас не сум подготвена да го направам тоа, зошто да очекувам таква подготвеност од некој друг?

Додека им се обраќав на девојките, се затекнав себеси како се борам со солзите. Едвај стигнав до крајот од говорот, завршувајќи го вака:

„Вие сте ветување за еден еднаков свет.

Кога денес ќе слезете од оваа бина, започнувате живот како возрасна личност. Почнете го така што ќе целите високо. Трудете се - дајте сè од себе.

Како и сите други тука, јас имам големи надежи за вас. Се надевам дека ќе го најдете вистинското значење, задоволството и страста во животот. Се надевам дека ќе ги пребродите сите тешки моменти и ќе излезете од нив посилни и поодлучни од кога било. Се надевам дека ќе имате амбиции да изградите кариера и да завладеете со светот. Потребни сте му на светот - затоа променете го. Жените од целата планета сметаат на вас.

И затоа ве молам запрашајте се: „Што сè би направила ако не ми е страв? И одете и направете го токму тоа“.