МОН: Можен е предвремен зимски распуст

МОН: Можен е предвремен зимски распуст

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска



Предвремен зимски распуст може да предизвика големото загадување деновиве, велат од Министерството за образование и наука. Факултети.мк побара став од МОН дали ќе го поддржи најавениот бојкот на наставата в среда (20 декември) откако родители на социјалните мрежи почнаа да се организираат и на порадикален начин да го искажат револтот од огромното загадување. Од Министерството за образование и наука велат дека се свесни за состојбата, но не можат да го поддржат бојкотот.

- Изгубените денови ќе мора да се надополнат. Дали зимскиот распуст ќе почне порано, зависи од загадувањето. Како Министерство за образование и наука, свесни сме и работиме на развивање на свеста за потребата од заштита на животната средина во образовниот процес и промовирање на заштитата на животната средина. Ќе направиме сè за да го заштитиме здравјето на нашите деца. Но, поддршка на иницијатива за бојкот на настава не можеме да дадеме од проста причина што тоа е на штета на наставниот процес. Сепак, Законот предвидува дека училиштето ќе мора да изнајде начини за да го реализира фондот на предвидени часови по соодветните наставни предмети, како и вкупниот број 180 наставни денa – велат од МОН за Факултети.мк.

Тие додаваат дека активно ги следат состојбата и препораките на надлежните институции.
- Ако се утврди потребата, ќе размислиме за предвремено почнување на зимскиот распуст. Сепак, секој прекин на наставата мора да биде надоместен. Така, доколку зимскиот распуст почне порано, неработните денови би морале да се одработат и учебната година би завршила подоцна од 10 јуни. Или учениците би одработувале викенди во текот на второто полугодие затоа што вкупниот фонд на наставни денови мора да биде 180 за да се реализира фондот на предвидени часови. Во случај на отсуство на ученик, сепак самиот наставник/професор е должен да увиди зошто ученикот не посетувал настава – децидни се од МОН.