Проф. д-р Марина Стефова, раководителка на Институтот за хемија при ПМФ: Имаме одлични хемичари, но состојбата на Институтот за хемија е очајна

Проф. д-р Марина Стефова, раководителка на Институтот за хемија при ПМФ: Имаме одлични хемичари, но состојбата на Институтот за хемија е очајна

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Повеќе години наназад не се финансираат национални научноистражувачки проекти, многу се ограничени бројот и средствата на билатералните проекти, а поради низа административни тешкотии, речиси е невозможно учество и во меѓународните проекти


Проф. д-р Марина Стефова

Во Македонија има извонредни таленти и вљубеници во хемијата на сите нивоа. Доказ за тоа е бронзениот медал што средношколецот Филип Трајковски од Скопје годинава го освои на Меѓународната олимпијада за хемија што се одржа во Тајланд, како и достигнувањата на многу други истражувачи. За жал, вложувањата во научните истражувања се на многу ниско ниво, вели проф. д-р Марина Стефова, раководителка на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Таа раководи и со секцијата за хемиско образование при Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ).
Сојузот годинава ја координира и манифестацијата „Ноември – месец на науката“. Секој викенд на ПМФ се организираат разни настани, натпревари и работилници од областа на природните науки. Овој повод го користиме и за да го свртиме вниманието на јавноста кон хемијата како наука и кон нејзиниот третман во земјава.

Имаме извонредни таленти

На прашањето дали има во Македонија таленти за хемијата како наука, проф. Стефова вели:
- Да, секако! Институтот за хемија може да се пофали со извонредни таленти и вљубеници во хемијата на сите нивоа. Од двајцата академици, преку истакнати и светски афирмирани истражувачи што работат на Институтот за хемија и на други факултети и лаборатории во Македонија, но и во врвни светски истражувачки институции, сè до студентите, кои уште за време на редовните студии, барајќи повеќе, се вклучуваат во научноистражувачка работа - вели таа.


  Ученикот Филип Трајковски од Скопје освои бронзен медал за Македонија на IChO2017 во Тајланд

Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија е акредитиран од Министерството за образование и наука за натпревари по хемија. Веќе четири години организираат натпревари за ученици од основните и од средните училишта.
- На овие натпревари може да се „детектираат“ талентите за хемија и многу сме задоволни што со нив имаме можност да работиме и на понапредно ниво во подготовките на македонската екипа за Меѓународната олимпијада за хемија (International Chemistry Olympiad, IChO). Годинава може да се пофалиме со извонреден успех – ученикот Филип Трајковски од скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ освои бронзен медал за Македонија на IChO2017 во Тајланд, што е показател дека постои потенцијал и е мотивација за работа понатаму – вели Стефова.

Прераснавме во врвна институција

Хемијата како наука во Македонија се развива од воспоставувањето на катедрата по хемија на Филозофскиот факултет во 1946 година. Минатата година прослави 70-годишен јубилеј како Природно-математички факултет. Стефова вели дека во овој период Институтот за хемија израснал во врвна научноистражувачка институција со високо реноме кај нас и во светот според сите параметри со кои се вреднува научноистражувачката работа.


Институтот за хемија при ПМФ

- А тоа се: научните трудови во светски признати списанија. Дури 27 отсто од научните трудови од Македонија објавени во списанија со импакт-фактор се од истражувачите од Институтот за хемија. Тука се студиските престои на истражувачите и плодната соработка со многу регионални и светски познати истражувачки лаборатории, национални, билатерални и европски проекти, соработка со компании и многу други активности – објаснува Стефова.
Таа додава дека Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија го издава Macedonian Journal of Chemistry and Chemical Engineering - меѓународно препознатливо научно списание со фактор на влијание во кое се печатат научни трудови со новите достигнувања од хемијата и хемиското инженерство на истражувачи од нашата земја и од целиот свет.
- Сојузот секоја година организира и научни конгреси, и тоа „сениорски“ и студентски конгреси на кои се презентираат најновите резултати од хемијата и хемиското инженерство од лабораториите на Институтот за хемија и на Технолошко-металуршкиот факултет и од учесници од странство – вели Стефова.

Неопходни се значителни вложувања во научните истражувања

На прашањето колку е задоволна од тоа колку државата вложува во научни истражувања во хемијата, Стефова е категорична:
- Не, никако не можеме да бидеме задоволни со вложувањата во научните истражувања! Повеќе години наназад не се финансираат национални научноистражувачки проекти, многу се ограничени бројот и средствата на билатералните проекти, а поради низа административни тешкотии, речиси е невозможно учество и во меѓународните проекти. Во тој поглед, состојбата на Институтот за хемија е очајна - вели Стефова.


Од Олимпијадата по хемија во Тбилиси, 2016 година

Но, додава таа, и во овие околности сè уште постои ентузијазмот на истражувачите, кои се обидуваат да истраат и да ја одржуваат донекаде кондицијата во својата работа преку контакти со соработници и лаборатории во странство, договори со компании и слично, но ова се само обиди за преживување.
- Неопходни се значителни вложувања во научните истражувања, и тоа не само за опремување, туку и за одржување модерно опремени лаборатории, за вработување млади истражувачи во нив, поттикнување и олеснување на процедурите за учество во меѓународни истражувачки и развојни проекти итн. Само на тој начин ќе бидеме во тек со случувањата и ќе бидеме рамноправни партнери со колегите истражувачи насекаде во светот – вели Стефова.

Објавуваме трудови во светски списанија

Оваа состојба е сосема несоодветна со капацитетот на нашите истражувачи од областа на хемијата и хемиското инженерство бидејќи резултатите од својата научна работа тие ги објавуваат во врвни светски списанија со високи фактори на влијание, и тоа од повеќе области.


Новата надеж: Учесниците на манифестацијата „Ноември - месец на науката“ што се одржа на ПМФ

- Ќе ги споменам тука истражувањата од областа на молекулската спектроскопија и структурната хемија на кристалохидрати, комплексни соединенија, минерали итн., потоа истражувањата од областа на електрохемијата, антиоксиданти, заштита на животната средина, квантна хемија, полуспроводници, наноматеријали, полимери, композити итн. кои се реализираат во нашите лаборатории и во соработка со светски лаборатории. За илустрација, во лабораторијата за течна хроматографија се анализирани македонското грозје и вина, зрнестите овошја, шарпланинскиот чај итн. и резултатите за присуството на полифенолни соединенија со антиоксидантни својства се објавени во реномирани списанија од доменот на хемија на храна. Освен тоа, во изминативе години беа објавени и две извонредни монографии што произлегоа од Институтот за хемија, и тоа „Минерали од Македонија и вовед во минералогија“ (Глигор Јовановски, Блажо Боев, Петре Макрески) и „Геохемиски атлас на Република Македонија“ (Трајче Стафилов, Роберт Шајн). Искуство и желба за истражувачка работа постои, опремени лаборатории имаме, во тек сме со актуелните светски теми, но недостига поддршка за младите истражувачи и за научноистражувачки проекти за да тргнеме повторно напред – вели проф. Стефова.