Ива Пројковска, интернационален фудбалски судија: Несудениот криминолог од Македонија решава ситуации на фудбалските терени низ светот

Ива Пројковска, интернационален фудбалски судија: Несудениот криминолог од Македонија решава ситуации на фудбалските терени низ светот

Подготвил: Д.Ф.

Лектор: Ивана Кузманоска

Пројковска е првата интернационална ФИФА-судијка од Македонија, која освен на натпревари од домашните првенства дели правда и на многу меѓународни натпревари.



Фудбалскиот свет одамна не е резервиран само за мажите. Преку светските и европските женски фудбалски првенства и настапите на женските репрезентации на олимпијадите, светот полека престанува да го перципира фудбалот исклучиво како машки спорт. Сепак, кога станува збор за судиите на овие натпревари, појавувањето на жени во таа улога сѐ уште кај многумина знае да предизвика изненадување. Токму така реагираат повеќето луѓе кога ќе ја запознаат скопјанката Ива Пројковска, првата интернационална ФИФА-фудбалска судијка од Македонија.

Ива дипломирала на Полициската академија во Скопје, на криминалистичко-криминолошката насока, а запишала и постдипломски студии за форензичка физика на Природно-математичкиот факултет и безбедносни науки на ФОН, кои сѐ уште не успеала да ги доврши. Сепак, наместо да решава криминални злосторства, таа во моментов решава ситуации на фудбалскиот терен, каде што е една од малкуте жени-судии во Македонија.

Навидум нежната и тивка девојка на теренот се претвора во бескомпромисен судија кој доследно ги спроведува своите судиски одлуки. Вели дека уште од мала се занимавала со различни спортови. Почнала со кошарка, па карате и фудбал, спортови во кои се бара повеќе работа, упорност, тимски дух. На крај, од активен фудбалер се префрлила на „другата страна“ на теренот.

- Како напаѓач во фудбалот, односно лево крило, секогаш бев „казнувана“ со офсајд од страна на судиите. Се разбира јас, како и сите други играчи, не се сложував со нивните одлуки и решив да видам како е да се биде од другата страна. Фудбалското судење прво почна како шега, но си поставив цел како и за сѐ друго во животот и сега работам на остварување на таа цел – вели Пројковска.



Од семејството и од пријателите ја добила поддршката за нејзината одлука да почне да суди, особено затоа што знаеле дека не бара дозвола кога нешто ќе науми да направи. Едноставно ги соопштува своите намери за да не можат да ја премислат. Реакциите на публиката кога ќе се појави на теренот во улога на судија се најразлични.

- Има секакви ситуации. Од тоа што некои луѓе добиваат можност за исмејување, до воодушевување. Некои добиваат можност за пцуење, навивачката група „Комити“ добива можност да се истакне креативно и да измисли песна или некоја парола. Кај некого моето појавување како судија предизвикува восхит, некои се чувствуваат горди... Навистина има најразлични реакции – вели Пројковска.

За да стигне до сегашниот фудбалски судиски статус, Ива требало да помине неколку скалила. Таа објаснува дека прво се станува судија со привремена категорија, а потоа постојан судија, по што се добиваат натпревари за судење. Со одреден број отсудени натпревари се полага за втора и прва категорија, при што полагањето се состои од тестови, физички норми и контролни натпревари. Потоа следува републичка категорија, со која ФФМ предлага до ФИФА листа на судии, а ФИФА и УЕФА ја прифаќаат. УЕФА ги повикува судиите на семинар на кој полагаат норми, различни тестови за познавање на правилата, видеоанализи, познавање на англискиот јазик. Ако ги поминат сите тие тестирања, судиите почнуваат да судат меѓународни натпревари и припаѓаат на трета категорија (напредокот се брои од повисока кон пониска категорија). По извесно време и добри добиени оцени, има можност за напредок. Пројковска во моментов е во втора категорија и е кандидат за прва категорија судии. Таа само што се врати од CORE семинар за судијки, на кој УЕФА ја планирала листата за ЕП во 2021 година.



До пред извесно време Ива беше единствената жена фудбалски судија во Македонија. Но, бројката во последно време е сѐ поголема. Освен Пројковска, има уште една жена од Македонија што е на главната меѓународна листа, како и 3 меѓународни асистенти судии. Освен нив, уште десетина девојчиња судат во детските лиги, младинските лиги и во женскиот фудбал. Ива вели дека за неа, секој натпревар е посебен и од сите извлекува некаква лекција. Понекогаш тоа се анегдоти на кои подоцна се смее, понекогаш се ситуации од кои научила како требало или не требало да одлучи. Сепак, како посебни ги издвојува поголемите меѓународни натпревари и финалињата што досега ги судела.

Една од анегдотите на која секогаш се сеќава со насмевка е првиот меѓународен натпревар што го судела, а сѐ уште не била ФИФА-судија.

- Главниот судија го откажа натпреварот поради тоа што не се чувствуваше добро и јас како четврти судија морав да ја заменам. Но, си го заборавив свирчето во соблекувалната. За време на интонирањето на химните им викнав на моите пријатели, кои седеа на трибината, да одат во соблекувалната и да ми го донесат свирчето. Додека на теренот фрлав паричка за страните на кои ќе бидат тимовите, пријателите ми го фрлија свирчето во тревата и така го почнав натпреварот – раскажува Пројковска.

Таа вели дека фудбалерите не реагираат поинаку на неа со оглед на тоа дека е женско. На почетокот, кога почнувала да суди, имало и чудни реакции, но со тек на време се навикнале на неа.

- Морам да признам дека наидувам на големо почитување од поголемиот дел од фудбалерите, освен од оние што немаат основно домашно воспитување и кои никој не може да ги смени. Повеќето од нив повеќе сакаат да им судат женски отколку машки. Знаат дека кај мене не можат да влијаат без оглед на тоа што сум женско, па не сум имала некои сериозно непријатни ситуации. Ретко се случувало да има закани, обид за удар, пцуење. Но, тоа се случуваше во пониските лиги и на почетокот од моите судиски денови. Во последно време сѐ помалку има такви ситуации – вели таа.

Меѓу играчите и тренерите важи за многу строг судија кој не попушта, особено ако ја налутат.

- Бразилскиот фудбалер Брага кога играше за „Вардар“, секогаш знаеше да каже: „Ива, ти си супер другар надвор од терен, ама на терен не фермаш никого“. Свесна сум дека сум строга, но фудбалерите мора да сфатат дека тоа е за нивно добро. Некој мора да победи на натпреварот, а и ние може понекогаш да згрешиме. Сепак, и ние судиите сме луѓе – вели Ива.



Иако фудбалот ѝ е главна преокупација, приватно не навива за ниту еден тим. Кога била многу помлада, навивала за англискиот клуб Лидс јунајтед, но откако почнала активно да суди, престанала активно да ги следи клупските натпреварувања. Повеќе следи ракомет и кога е слободна секогаш е на трибините кога играат ракометните тимови Вардар и Металург.

Кога станува збор за иднината на женскиот фудбал во земјава, Пројковска нема оптимистички прогнози.

- По природа сум голем оптимист, меѓутоа, морам да кажам дека во моментов не гледам иднина во женскиот фудбал. Треба многу да се работи за промена на менталитетот на народот и општо на менталитетот на фудбалерките. Спортот треба да се сака, да се вложува во него, да се работи напорно, да се тренира, сериозно да се сфати работата, а треба и да се негува. Никој не станал спортист преку ноќ, за сѐ треба време и трпение. Ако ова се разбере, ќе имаме напредок како сега што имаме во младите репрезентации. Ако не, ќе си останеме каде што сме – завршува Пројковска.