Георгина Димова, наставничка по информатика во Неготино, доби европска награда во силна конкуренција

Георгина Димова, наставничка по информатика во Неготино, доби европска награда во силна конкуренција

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Кога ќе добиеш можност да се вклучиш во меѓународен проект, разменуваш искуства со наставници од цела Европа, од различни образовни системи, од прекрасни и многу квалитетни луѓе. Од друга страна, добиваш шанса и да се претставиш себеси, својата работа, но и во добро светло да ги претставиш своето училиште и својата држава



За нејзиниот проект „Недела на информатиката“ што се одржа минатата учебна година во училиштето „Страшо Пинџур“ од Неготино, каде што предава, наставничката Георгина Димова ја освои наградата All Stem – All Stars во Брисел. Посветена наставничка за која збогатувањето на знаењето никогаш не знае за крај. Учествува во разновидни меѓународни проекти кои ѝ помагаат да ја подобри својата настава и да ги заинтересира ученици за предметот информатика.

Добивте меѓународна награда. Што, за Вас, значи ова признание?

- Оваа награда за мене претставува потврда дека она што го работам со моите ученици е значајно и вредно за споделување како практика со другите. Уште повеќе што признанието го добив од организација како European School Net – мрежа од 31 европскo министерствo за образование во Брисел, во конкуренција на 280 апликации од цела Европа.

Може ли да ни објасните со каков проект учествувавте?

- Оваа награда ја добив на организиран натпревар All Stem – All Stars од страна на Stem Alliance (stemalliance.eu) во категоријата настани. Натпреварот траеше од септември 2016 до април 2017 година. Во тој период се организираа настани низ цела Европа со цел промовирање на науката и технологијата во училиштата преку разни активности во кои се вклучуваа учениците, наставниците, родителите, бизнис-секторот и универзитетите. Јас учествував со настанот „Недела на информатиката“. Тоа е годишен настан што го организираме втората недела од февруари секоја година. Во него секоја година се вклучуваат многу училишта и преку добро осмислени активности се промовира изучувањето на информатиката и програмирањето меѓу учениците од основните училишта. Годинава, на пример, имавме натпревари преку игра со користење на QR кодови и kahoot. Потоа организиравме работилници за програмирање во Scratch на кои учениците изработуваа игри. И сето ова се организира во сите училишта што се пријавиле за учество. Активностите може да се видат на нашиот блог: nedelnainformatikata.wordpress.com Наградата ми беше доделена на 7 декември на настанот „Advancing And Scaling-Up Education – Industry Collaboration” во Брисел.


Колку е важно професорите да се вклучуваат во меѓународни проекти за полесно да следат искуства за подобрување на наставата?

- Секоја размена на искуства е важна за професионалното усовршување, без разлика дали доаѓа од наставникот од твоето училиште или од колега од некое друго училиште. Кога ќе добиеш можност да се вклучиш во меѓународен проект, разменуваш искуства со наставници од цела Европа, од различни образовни системи, од прекрасни и многу квалитетни луѓе. Од друга страна, добиваш шанса и да се претставиш себеси, својата работа, но и во добро светло да го претставиш своето училиште, како и својата држава. Овие проекти нудат и најразлични обуки за професионално усовршување од најразновидни теми: иновативни методи, дигитална писменост, работа со надарени ученици, зголемување на интересот за изучување на науката итн. По завршувањето на обуката се здобиваш со сертификат. На пример: European Schoolnet (http://www.europeanschoolnetacademy.eu) има своја онлајн-академија на која наставниците можат да посетуваат многу курсеви. Сите тие се во вид на MOOC курсеви – масовни онлајн-курсеви кои се поделени во модули, наставникот треба да следи некое видеопредавање и да изработи одредена задача. На крајот се полага тест за да се заврши курсот. Исто така, најразлични можности за онлајн-усовршување има и на порталот на Scientix (http://www.scientix.eu) преку вебинари и moodle курсеви.

Имате ли слобода тие знаења да им ги пренесете и на Вашите ученици?

- Секако. Секој наставник има слобода да ги реализира наставните содржини онака како што смета дека е најдобро. Некои проектни активности што не сме во можност да ги реализираме во редовните часови ги реализираме како воннаставни активности, со цел учениците да имаат можност да се запознаваат со најновите трендови во науката и техниката.


Носител сте на повеќе образовни титули од Вашата област: MIE Expert, MIE Trainer, TeachSDGs амбасадор, Scientix амбасадор, edmodo амбасадор

- Две години по ред сум избрана за иновативен наставник експерт на „Мајкрософт“, титула што ја добиваат наставниците кои покажале иновативност во наставата преку примена на информациско-комуникациска технологија. Исто така сум и обучувач на „Мајкрософт“ – ја добиваат оние наставници што обучиле над 100 наставници. Во моментот работам на меѓународен проект за промовирање на изучувањето на Глобалните цели за одржлив развој на УНИЦЕФ. Дел сум од едно глобално движење TeachSDGs, како негов амбасадор, кое работи на интегрирање на Глобалните цели во наставата во училиштата за да се подигне свеста за глобалното затоплување, сиромаштијата и нееднаквоста во светот. Сите што сакаат да ги интегрираат Глобалните цели во своите лекции може да се информираат како да го направат тоа на веб-страницата: teachsdgs.org. Исто така сум и амбасадор на Scientix и на edmodo, односно работам на промовирање на истите.