Сашо Тасевски: „Не трпам притисоци и не премолчувам!“

Сашо Тасевски: „Не трпам притисоци и не премолчувам!“

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Отсекогаш ме импресионирале директорите од типот на Благоја Чоревски и Димитар Станкоски. Тие беа автономни во водењето на театарот, нив не можеше кој било да им се јави и да им кажува што да прават. Кога ќе има потреба од нови глумци, ќе си има аудиција на која комисија ќе одлучи кој заслужува да се вдоми во Драмски



Тој е од оние актери што зборуваат гласно и се бунтуваат со причина. Богато актерско портфолио си изгради во последните две децении на матичната сцена на Драмскиот театар. Од пред неколку месеци е исправен пред нов предизвик, да ја менаџира токму институцијата во која порасна како актер. Токму вечерва е премиерата на претставата „Лет над кукавичјото гнездо“ во режија на Ристо Алексовски, во која ја игра главната улога на Макмарфи.

Во сцена со актерката Александра Павлова

„Лет над кукавичјото гнездо“ ја најавивте како претстава од која очекувате да го врати Драмски во колосек. Како се одлучивте за текстот, кој благодарение на филмот на Милош Форман е светски популарен?
- „Лет...“ е култна приказна која прво беше објавена како роман, а има и многу драматизации. Таа состојба на тоталитарна свест ја живеевме многу години, во која сите индивидуи се подредени според волјата и желбата на една власт. Она што го гледавме изминатите години е една логика на роб, која беше постојано потхранувана. Затоа, ова е вечна и универзална приказна. Може да се случи во секое општество, да се спојат неколку коцки и оној ропски менталитет во кој луѓето сами си го градат својот затвор околу себе и сами се цензурираат. Токму такви услови постојат во установата во која постојат луѓето со болни души во претставата. Тие се здрави, меѓутоа, некој ги убедил дека се болни и почнале да ги почитуваат правилата наметнати од горе. Со Алексовски сум работел неколку претстави и е многу паметен човек што ја познава режијата и знаев дека може да се носи со големи теми. На некој начин со години неправедно беше маргинализиран од светот на театарот и ете се споија коцките. Собрани сме одлична екипа. Од оваа претстава конечно ќе почне да се враќа пулсот на Драмскиот театар. Немаме амбиции дека правиме генијална претстава, ама сакам претставата да биде барем добра. Имавме само две читачки проби и веднаш се префрливме на сцена.

Тасевски заедно со доајенот Чоревски

По неколку месеци, како изгледа да се биде од другата страна во театарот кој буквално знаете како дише?
- Од дистанца е најлесно да се критикува и кога дојде моментот да се одлучам, си реков Hic Rhodus hic salta („Овде е Родус, овде скокај“) - ако не скокнеш, не можеш ништо да смениш. Искрено, кога почнав да ја работам менаџерската функција, не ме изненадија многу работи. Една од предностите е што сум бил во таа куќа повеќе од 20 години. Горе-долу знаев што се проблемите и тоа е предност. Не ме изненади и тоа дека решавањето на проблемите нема да оди баш мазно. На начинот на кој функционираат институциите, постојат многу системски грешки. Тоа најчесто подразбира дека на директорот му се врзани рацете во важни моменти. И тоа е повеќе лекување на симптоми отколку справување со проблемот. Токму тоа може најмногу да те демотивира, а претпоставувам дека колку подолго време ќе останеш на позицијата, толку повеќе ќе те фрустрира.

Кои се тие најгорливи системски пречки со кои се соочувате?
- Проектите што ги работиме се финансираат наменски. Тие пари се ограничени, директорот не добива одредена сума пари за која ќе одлучи како да ја распредели, ами добива сума за проект. Јас, како менаџер, дури и да заштедам на еден проект, не смеам да ги трошам тие пари за друг проект. Тие пари мора да се вратат во Министерството, а дополнително мора да молиме кога ќе ни треба нешто поситно, како на пример, завеси, теписи. Друг извор ни е буџетот што го имаме од продажба на картите. Тие пари брзо се трошат оти имаме луѓе на договор на дело, кои ги плаќаме и кои буквално ни го исцрпуваат. Кога дојдов, им ги покачив платите на луѓето што се на договор на дело. Имаше луѓе што 15 години земаа плата од 8000 денари. Им ја качив за минимум 3000 денари. Исто така, и тендерите ни ја забавуваат работата, ограничени сме на 500 евра годишно од една фирма.

Сцена од претставата „Чолак“, заедно со Игор Стојчевски и Филип Трајковиќ

Неодамна преку „Фејсбук“ се спротивставивте на притисоци за вработување актери. Вие сте еден од ретките менаџери што направиле таков чекор. Победивте ли во Вашиот став дека нема да подлегнете на влијание?
- Тоа не беше моја импулсивна реакција. Имав притисоци од Министерството за култура за трансфер на актер од друг театар, а всушност бараа и уште неколкумина актери да донесат кај нас. Ми беше кажано дека сѐ е договорено и дека само треба да потпишам. Се почувствував понижен, оти никој мене не ме прашал како менаџер на театар дали на театарот му треба тој конкретен актер. Разговорот беше непријатен. Јас им реков дека ако сметаат, нека ме сменат, тоа можат да го сторат уште наредниот ден, ама реков дека нема да молчам.
Освен тоа, Драмски не е отпад за глумци со сомнителни квалитети, за кои луѓе што ги прашав од фелата ми дадоа мислење дека едноставно не им е местото кај нас. Не ја донесов сам таа одлука. Јас сум само в.д. и ако одам по таа слепа послушност, да правам сѐ што ќе ми се каже, тоа ќе биде само на штета на театарот. Јас само ќе му направам лоша услуга и на тој што ќе ме наследи. Не попуштив и не планирам да попуштам. Сабајлето добив порака од премиерот, кој ме поддржа. Ми рече дека такви работи не смее да се случуваат и дека никој не смее да ми врши притисоци и дека сум на таа позиција, да ја менаџирам институцијата на начин на кој сметам дека е најдобро и дека народот очекува резултати.
Отсекогаш ме импресионирале некогашните директори од типот на Благоја Чоревски и Димитар Станкоски. Тие беа многу автономни во водењето на театарот, нив не можеше кој било да им се јави и да им кажува како да работат. Не велам дека не излегувале во пресрет на ситуации, ама сепак, имале критериуми и систем на вредности под кои не се симнувале. Кога ќе има потреба од нови глумци, ќе си има аудиција на која комисија ќе одлучи кој заслужува да се вдоми во Драмски.

Монодрамата „Секс, дрога и рокенрол“ ја работеше со режисерот Алексовски

Во последните помалку од пет години, колку што постои новата зграда на Македонскиот народен театар, Драмски како да се подизгуби, што во добар дел се должи и на големата разлика во буџетите на претставите.
- Можам да кажам дека и пред отворањето на МНТ буџетите на Драмски не беа нешто сјајни, а беа многу повеликодушни за проектите на МНТ. Може да се каже дека разликата е речиси еден спрема три, во полза на МНТ. Како да задржиме квалитет, да викнеме добри режисери, композитори, па и глумци гости, со милион денари, а МНТ тоа го прави со 3-4 милиони денари. Едноставно не можеме да се тркаме. МНТ вози „порше“, а ние „југо“. Тоа е една од причините за падот на Драмски. Се разбира дека има и други фактори, од репертоарската политика, изборот на текстовите...

Каков Драмски посакувате?
- Постои една формула за добра драма, тоа е симбиоза од добра приказна и добро напишани ликови. Кога го имате тоа за основа, ви треба добар режисер, а се разбира и добра поделба на улогите. Ова е клучно за кревањето на реномето на еден театар.
Во новата програма за 2018 година, за една работа гарантирам - дека ќе понудиме добри драми. Ќе ги имаме „Совршени странци“ во режија на Нела Витошевиќ, „Pillowman“ од Мартин Мекдона, во режија на Јане Спасиќ, „Луди за љубов“ од Сем Шепард, во режија на Деан Дамјановски, ќе режира Зоја Бузалковска, а Васил Христов ќе го работи „Кралот Иби“.



И самиот сте писател, колку ќе Ви биде важно да биде застапена домашната драматургија?
- Драмски, историски гледано, секогаш работел драми на македонски автори. Се прославиле Горан Стефановски, Сашко Насев, Венко Андоновски... Од тие причини не одев по секоја цена да мора да имаме драмски текст во првата година. Ќе добијат шанса добрите текстови, тие со добра приказна и полнокрвни карактери. Не сум застапник на ставот за конкурс, оти речиси секогаш имало многу притисоци за изборот на победник.
Следна премиера ќе ни биде комедијата „Како да се ограби банка“, што почна да ја работи Иван Манасковски, а премиерата треба да биде во февруари. Сметав дека ни треба една добра комедија.