Нѐ очекува интересна деценија: „Криптовалутите конечно ќе имаат можност да станат секојдневно средство за плаќање“

Нѐ очекува интересна деценија: „Криптовалутите конечно ќе имаат можност да станат секојдневно средство за плаќање“

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Берза
(Фото: AFP)


Темата за која во последно време најмногу се пишува во сите медиуми дефинитивно е – криптовалути. За едни тоа сè уште е енигма, за други е можност за брза и лесна заработувачка, а некои воопшто не сакаат да се мешаат во овој бизнис. Постојат стотици теории за криптовалутите и за нивната стабилност. Само последниве денови, на пример, биткоинот прво падна за 30, а потоа порасна за 50 проценти.

Основните принципи на кои се засноваат криптовалутите досега станаа општопознати, но експертите тврдат дека движењето на нивната вредност и натаму е непредвидливо.

Финансиерите се најдоа во небрано

„Биткоинот и криптовалутите настанаа надвор од традиционалното финансиско работење и вистина е дека сè до неодамна единствените луѓе што се занимаваа со нив беа технолошки експерти или технофили, односно лица што по правило немаат голем допир со финансиските пазари. Но тоа забрзано се менува, особено во последните неколку месеци. Биткоинот настана од речиси романтично-анархистички побуди да се создадат пари на интернет врз кои банките, државата и воопшто сите механизми што постојат во реалниот свет нема да имаат свое влијание, токму затоа што постои перцепција дека тие механизми се корумпирани и подложни на интересите на крупните играчи. За жал, човечката природа е таква што истите општествени структури се создадоа и во светот на криптовалутите: оние што на разни начини, со среќа или плански, собраа големи богатства во криптовалути, го користат тоа како влијание за менување на развојот на технолошките платформи во свои интереси и за да манипулираат со цената. Се случуваат истите работи како на нормалните пазари, само на поинаков начин, преку интернет“, истакнува Иван Ворас, научник и инженер, автор на книгата „The Sceptic`s Guide to Bitcoin, Cryptocurrencies and the Blockchain“.

Тој смета дека повеќето финансиски експерти биле изненадени од фактот дека се создава еден паралелен свет на вредности кој ги заобиколил, но набрзо намирисале заработка, па се активирале и на тоа поле.

Да се купи или да се продаде?


Последниве денови сè почесто се јавуваат инсинуации дека сега е вистинско време за продавање на биткоините. Дали има вистина во тоа?

„За таа тема – кога да се купи или да се продаде, напишани се илјадници и илјадници страници пораки на форумите и на Фејсбук. Лично сум чул многу теории кои го тврдат токму тоа: треба да се продадат токму сега, но сум чул и еднаков број теории што го тврдат сосема спротивното: сега треба да се купуваат. Всушност – никој не знае, односно најприближно знаат оние што веќе сега имаат толку криптовалути, односно пари што можат да влијаат врз работите што ќе се случуваат. За другите важи исто како и секогаш; да се обидат да купат евтино, а да продадат поскапо“, вели Ворас.

Некои критичари на биткоинот имаат забелешки на функционирањето, каде што сите трансакции се бележат во „блокчеин“. Затоа и се појавиле некои криптовалути што ги прикриваат деталите за трансакциите.

„Биткоинот нуди лична псевдонимност при спроведувањето на трансакциите: да, сите трансакции од технолошки причини се бележат во блокчеинот, но притоа не се бележат личните податоци на корисникот; не постои врска меѓу вистинските имиња и презимиња, е-адресите или што било друго поврзано со трансакциите на биткоинот. Другите криптовалути, како zCash, Monero, Privx, Verge... на различни начини се обидуваат да го намалат и тој дел: да може од самите нишки на трансакциите да се прочита текот на криптовалутата, па затоа се популарни меѓу многу заговорници на криптовалутите. Токму поради ова, разни државни агенции низ светот воопшто не се среќни“, објаснува Ворас, кој пишувал на оваа тема и во својата книга.

Нè очекува интересна деценија

Некои критичари веќе предупредуваат дека биткоинот ќе експлодира и дека инвеститорите ќе ги загубат своите пари, но дали тоа важи и за другите криптовалути?

„Токму поради големата популарност и разликите меѓу нив, мала е веројатноста да се случи сите истовремено да паднат или да растат. Денес има илјадници криптовалути затоа што лесно се создаваат, но уште поинтересно е што ќе се случува со концептот на парите и вредноста кога целата монетарна и финансиска инфраструктура може да се создаде за едно попладне. Пред нас е интересна деценија“, смета Ворас.

Токму поради нивната непредвидливост, централните банки и агенции сакаат на некој начин да ги стават криптовалутите под контрола.

„Државните агенции во каква било форма, како и банките, можат да ги надгледуваат единствено влезот и излезот на парите во светот на криптовалутите, односно менувачниците и берзите кои интерактираат со реални пари. Колку што е поголем притисокот на тие точки, толку ќе биде поголем прометот со криптовалути без да се врши конверзија во реални пари, односно криптовалутите конечно ќе имаат можност да станат секојдневно средство за плаќање. Од економската практика многу добро е познато дека посилната валута ја заменува послабата... технологијата не може да се запре, биткоинот ја популаризира можноста да се создаде криптовалута, а практично сите следни криптовалути донесоа одредени подобрувања кои ги прават поотпорни и покорисни за реална примена. Самиот биткоин е технолошки многу застарен и неговата вредност во долари нема директна врска со неговата корисност, па можно е титулата најпопуларна криптовалута да ја преземе некоја друга што има подобри квалитети и можности. За да се случи тоа, пазарот на криптовалути мора да се стабилизира“, заклучува Ворас.