Шкотска почнува со експериментот за универзален основен приход

Шкотска почнува со експериментот за универзален основен приход

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

skotska
Фото: Shutterstock

Луѓето што живеат во Глазгов, Единбург, Фајф и во Северен Ејршир наскоро ќе добиваат безусловна месечна сума како дел од експериментот за универзален основен приход што во моментот се истражува со поддршка од локалните власти.

И покрај тоа што проектот е во своите почетоци и околу него има многу контроверзии, идејата веќе привлече 334.500 долари јавно финансирање во форма на грант за развој на истражувањето.

Градовите што се вклучени во проектот имаат рок до крајот на март 2018 година да ги достават своите понуди.

Во свет каде што машините сè повеќе ги преземаат работните места на луѓето, лидерите започнаа да признаваат дека мрежата за заштита на социјалната сигурност мора да се промени. Застапниците на универзалниот основен приход веруваат дека безусловната понуда на редовна, иако мала, сума на пари може да им помогне на многумина да застанат на нозе, па дури и да ги охрабрат да инвестираат во нови бизнис-идеи. Во Шкотска некои ја критикуваат вмешаноста на владата, која нема овластувања за данок и бенефиции потребни за пилотирање на целосен основен приход.

Меѓутоа, луѓето од двете страни на политиката се вклучија во предлогот кој би можел да донесе значајни заштеди со замена на надоместоците за невработеност.

Шкотска не е првата земја што ги разгледува универзалните основни приходи. Во 2017 година голем број експерименти почнаа да се спроведуваат низ целиот свет - Кенија, Финска, Канада и Калифорнија.

Во Калифорнија експериментот се спроведува со помош на компанијата „И Комбинатор“. „Во еден свет каде што технологијата ги елиминира работните места, тоа ќе значи дека трошоците за добар живот ќе се зголемат. Без нешто како основен приход, мислам дека нема да имаме еднакви можности“, изјави претседателот на „Комбинатор“, Сем Алтман.

Финскиот експеримент доби пофалби од целиот свет и од критичарите. Сепак, и тој беше критикуван, па некои ја опишаа шемата како „малку повеќе од егзибиција за публицитет“, а дизајнот беше означен како „форма на безусловни бенефиции за невработеноста“.