Родено едно бебе од сурогат мајка, се чекаат уште две

Родено едно бебе од сурогат мајка, се чекаат уште две

Подготвил: Наташа З.

Лектор: Ивана Кузмановска

Откако пред три години законски беше дозволено сурогат-мајчинството во Македонија, досега е родено едно бебе од сурогат-мајка, а периодов се очекува да се родат уште две бебиња. Ниту родителите ниту сурогат-мајките јавно не би говореле за новото животно искуство. Засега нема голем интерес од жените да бидат сурогат-мајки. Гинеколозите што работат со пациенти кои се соочуваат со неплодност ја поддржуваат можноста за сурогатство кога жените што треба да се биолошки мајки не може да ја одржат бременоста. Сепак, дополнуваат, можноста може да се прошири на други групи граѓани, како за оние што се или сакаат да бидат самохрани родители.

Сурогат-мајка е жена која се нафаќа да ја износи бременоста и да роди дете, не за себе, туку за други родители, откако во нејзината матка ќе биде внесен ембрион или ембриони зачнати во лабораторија, преку ин витро. Бебето ги добива гените на биолошките родители, а не на сурогат-мајката. Таа е негов привремен дом додека расте во нејзината матка и додека од неа ја добива храната.

Пред да се воведе можноста за сурогат-мајчинство во земјава, оние на кои им беше потребна одеа во странство, во земји каде што е дозволено сурогатството, најчесто во Украина, за таму да побараат помош. Сега тоа го прават паровите што не може да најдат сурогат-мајки тука. Во Украина млади жени се нафаќаат да бидат сурогат-мајки, а сето тоа е организирано преку агенции, законски е регулирано, меѓутоа, е многу скапо.

Сурогат-мајки - најчесто роднини и пријателки


- Во Македонија е родено едно дете од гестациски носител (сурогат-мајка) и пред термин за раѓање се уште две бебиња. За жал, ова е балканска средина, но мислам дека и светот се соочува со истиот проблем, па не постои заинтересираност да се биде гестациски носител. Така главно гестацискиот носител е во роднински или пријателски врски со брачната двојка. И веројатно затоа, според мојата претпоставка, се помали психолошките трауми што може да ги има гестацискиот носител поради износувањето на бременоста. Исто така, помали се психолошките трауми кај брчната двојка - вели прим. д-р Милка Трајанова, раководителка на Одделот за инфертилитет и асистирана репродукција на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.



Не може да се опише сликата кога конечно ќе го прегрнат бебето

Без оглед на сите контроверзии што го следат овој закон, вели таа, тој е решение за паровите кај кои жената не може да одржи бременост. - Морам да ви кажам дека не може да се опише сликата кога родителите што изгубиле секаква надеж за раѓање свое биолошко дете во свои раце ќе го земат своето дете добиено со помош на гестациски носител. Токму тука се гледа хуманоста на овој закон, за кој сите оние што професионално се занимаваат со брачна неплодност ќе ви кажат дека е во ред. Веројатно во иднина ќе се подобрува и законската регулатива, ќе се рушат и психолошките бариери, да се прифати да се биде гестациски носител, ќе се менува етичкиот кодекс во оваа проблематика. Јас од сè срце го поддржувам овој закон - вели д-р Трајанова.

Како забременува сурогат-мајката?


Има процедура како забременува сурогат-мајката. Имено, прво биолошката мајка на бебето добива хормонска стимулација за нејзините јајчници да произведат доволно квалитетни јајце-клетки. Откако ќе се постигне тоа, јајце-клетките со т.н. пункција се земаат од нејзините јајчници и во лабораторија се оплодуваат со сперматозоиди од таткото. Истовремено, со терапија се подготвува матката за сурогат-мајката да може да го прифати ембрионот или ембрионите што се поставуваат таму. Ако се одржи бременоста, таа ја износува.

Законските правила велат дека жени може да се сурогат-мајки ако се македонски државјанки, на возраст од 25 години и повеќе, до возраст што им овозможува добра физичка и психичка подготвеност за здрава бременост и веќе да имаат најмалку едно свое дете. Брачните двојки, пак, што би добиле дете од сурогат-мајка треба да имаат проблем со стерилитет кој не може да се лекува. Брачната двојка има право да бара поведување две постапки на биомедицинско потпомогнато оплодување со гестациски носител, кои успешно ќе завршат со раѓање на по едно живо дете од секоја постапка, додека гестацискиот носител има право само еднаш да роди едно живо дете за друг. Гестацискиот носител и жената од брачната двојка што е во работен однос ги имаат сите права од областа на работните односи, пензиското и инвалидското осигурување и породилно боледување.

Потенцијалните сурогат-мајки и потенцијалните родители одат на психолошки советувања, треба да достават докази до Министерството за здравство дека ги исполнуваат условите.

Кога може да се побара помош од сурогат-мајка?

Во последните неколку децении е направен голем исчекор во лекувањето на брачната неплодност. Откриени се и усвоени нови техники и иследувања со чија помош се доаѓа до толку посакуваната цел, раѓање здраво и за живот способно новородено, кај брачни двојки кои лекуваат брачна неплодност.

- Како врв во третманите со асистирани репродуктивни техники секако би го споменала третманот со ин витро фертилизација и ембриотрансфер -ИВФ, со кој првпат на 25 јули 1978 година во Лондон е донесено на свет првото бебе, познатата Луиза Браун. Во меѓувреме, третманите за асистирана репродукција се проширија и се надградија, а со тоа и нивната успешност, па така во денешно време само во Македонија имаме многубројни установи што успешно го спроведуваат овој третман – вели д-р Трајанова.

Но, за жал, додава таа, голем дел од популацијата што се лекува од брачна неплодност не може да биде покриена само со овие техники на асистирана репродукција. Овде, во оваа голема група спаѓаат брачни двојки кај кои жената е со вродена малформација во гениталниот систем (отсуство на матка), група пациентки кај кои е направено отстранување на матката, притоа е презервирана оваријалната функција (за жал, овде најчесто се работи за малигно заболување на грлото на матката, за што и покрај присутната превенција – ХПВ-типизација и скрининг-тестови, процентуалната застапеност се зголемува), кај пациентки кај кои е настапено делумно оштетување на матката, поради што тие се неспособни за износување на бременоста до фаза на раѓање за живот способно новородено, кај пациентки кај кои претходно има најмалку три неуспешни ИВФ.

- Тука станува збор и за пациентки кај кои постои отсуство или оштетување на матката, но и отсуство или оштетување на ткивото на јајчниците, кај пациенти кај кои постои сериозно нарушување на спермограмот, кај пациентки со системски заболувања кај кои е контраиндицирана бременост - поради влошување на општата здравствена состојба, кај пациентки со хормон-зависни малигни заболувања итн. Решение за ваквите брачни двојки е воведување асистирана репродуктивна техника - родителство постигнато со мајка - гестациски носител. Во овој случај брачната двојка ги презема сите деца родени од повеќеплодните бремености, но и децата што се родени со посебни потреби, а чии оштетувања не се детектираат со стандардните медицински процедури. За жал, оваа техника наидува на голем отпор во јавноста и главно критиките се од етичка природа – вели нашата соговорничка.

Мал број држави во светот имаат законска регулатива со која се овозможува и примена на сурогатство.

Строги услови

- За наша среќа, меѓу тие држави е и Република Македонија откако во 2014 година беа донесени измени на Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, со кои се воведува и терминот гестациски носител. Во законот децидно е одредено кој може да биде гестациски носител, а постои евиденција (регистар) во Министерството за здравство. Исто така е одредено и кои брачни парови имаат право на спроведување на оваа постапка. За таа цел, во Министерството се формирани комисии што ќе водат сметка за исполнетоста за здравствените предуслови, како и за здравствената состојба на гестацискиот носител. Исто така, постојат и комисии за психолошко и правно советување, како на гестацискиот носител така и на брачната двојка. Гестацискиот носител има обврска за психолошко советување три месеци пред спроведување на постапката и пет месеци по раѓање на детето. Доколку е во брак, тогаш истата обврска ја има и брачниот другар – додава Трајанова.

Самохраните родители во нерамноправна положба


Таа единствено изразува несогласување со, како што вели, дискриминаторската одредба во законот според која правото на родителство добиено на овој начин се ограничува за брачна двојка од маж и жена.

- Со тоа се ставаат во нерамноправна положба сите други заедници, како самохран родител - објаснува докторката.