Кој е најдобриот матурант - лидер на струка?

Кој е најдобриот матурант - лидер на струка?

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Би им го препорачал „Михајло Пупин“ дури и на оние полуматуранти што сѐ уште не се определени за идната професија, бидејќи средното училиште не е финална одлука, а стручното образование овозможува да се запознавеме со една област повеќе, вели Никола Индовски, најдобриот лидер на струка за 2018 во Македонија

Никола Индовски е најдобриот ученик на Средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ од Скопје во оваа учебна година. Тој е прогласен за лидер на струка за 2018 година, по натпреварот во кој учествуваат ученици од средните стручни училишта од земјава. Никола е матурант и одлучи да се запише на eлектротехничкиот факултет. Се двоуми помеѓу две струки - автоматика и роботика или компјутерски технологии.
Скромно момче кое не сака многу да го фалат, така го доживеавме Никола кога се запознавме на настан што беше организиран во неговото училиште. На нашето прашање до директорот на школото, Димитар Ѓоргиев, дали имаат некој ученик кој особено се издвојува во генерацијата, тој како од пушка го изговори неговото име.



- Уште од мал се воодушевував на технологијата и тоа беше причината за изборот на ова училиште. Но, првпат знаењата од електроника и програмирање почнав практично да ги применувам дури во втора година, по еднонеделната обука за микроконтролери во училиште во Словенија, кое е во соработка со моето. Тогаш дознав и за роботиката, нејзината моќ и брз развој, поради што во иднина ќе биде наше секојдневие во секоја област. Таа е сродна со она што го учам, што ми дава мотив да истражувам и да навлегувам повеќе - вели Индовски.



На натпреварот „Лидер на струка“ што се одржува секоја година за секоја струка во средните стручни училишта и е наменет за ученици од четврта година, Никола буквално доминираше. Овој натпревар го опфаќа материјалот од сите стручни предмети кои се изучуваат низ целото образование.
- На натпреварот за електротехничката струка имаше по еден претставник од секој електротехнички профил, од секое електротехничко училиште во Македонија. Па така, на пример, од моето училиште имаше по еден натпреварувач од насоката енергетика, електроника и телекомуникации, а јас се натпреварував во насоката компјутерска техника и автоматика. Натпреварот се состоеше од теоретски и практичен дел. Го освоив првото место од мојот образовен профил, а бидејќи воедно имав и најмногу поени од првите места од другите образовни профили, бев прогласен за лидер на електротехничката струка за 2018 година - објаснува Никола.


Никола Индовски

Ова не беше првата награда што ја освоил за време на средното образование.
- Во трета година освоив прво место на државен натпревар на кој беа комбинирани предметите автоматика, програмирање и дигитални системи. Секако дека овие успеси носат голема лична сатисфакција и предности при понатамошно запишување на факултет, но како најголем успех во средното училиште ја сметам успешната тимска работа со мои соученици на разни проекти, од која се стекнав со многу повеќе знаења и искуства од голема вредност, како и пријателствата што се родија од дружбата, кои ќе останат засекогаш - раскажува Никола.



Го прашавме дали е задоволен од неговото училиште и од знаењето што го стекнал во изминатите четири години.
- Знаењето што го нуди моето училиште е одлична основа за понатамошно унапредување и усовршување. Овозможува запознавање и проширување на видикот околу електротехниката и информатиката, што е од значителна помош во пронаоѓањето на себеси. Од таа причина би им го препорачал дури и на оние полуматуранти што сѐ уште не се определени за идната професија. Бидејќи средното училиште не е финална одлука, а стручното образование овозможува запознавање со една област повеќе, што секогаш е од корист - завршува матурантот.