Музика на часовите, ликовно во природа, хуманитарни трки – скопски наставник ѝ пркоси на класичната настава

Музика на часовите, ликовно во природа, хуманитарни трки – скопски наставник ѝ пркоси на класичната настава

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Физичкото образование, според мене, е најважниот наставен предмет. Така децата јакнат и ментално. На следниот Скопски маратон ќе трчам 42 км, а трката ќе ја финиширам со моите ученици – вели Мартин Поповски, одделенски наставник во „Панајот Гиновски“ во населбата Бутел

Наставниците се луѓето што ни ја даваат основата за секоја наредна професија. Но, задача на наставникот, посебно на одделенскиот, е и да ги научи децата на вистински вредности, а не само на материјата пропишана во учебниците. Во време кога родителите постојано се жалат (а и со право) на преголемите обврски на нивните деца, запознавме наставник кој инспирира со својот поглед на светот, кој ги учи децата многу повеќе од дропки и делење на зборовите на слогови.


Мартин Поповски е нетипичен, барем за македонски услови, одделенски наставник во ОУ „Панајот Гиновски“ во скопската населба Бутел. Тој се труди да ја избегне класичната здодевна форма на предавање и слушање и сака да ги анимира децата и на други начини.
- Пред работата во училиште бев ангажиран во детска градинка како воспитувач, што ми е дополнително искуство. Денешните деца сакаат динамична настава, интересни часови, нестандардни предавања, кои и самиот ги практикувам со цел да им биде интересно и да сакаат да усвојуваат знаења низ игра. Моите ученици најмногу ги сакаат часовите што ги одржуваме надвор од училиштето, во природа, се разбира, кога за тоа има услови. Многу често наставните часови, конкретно по природни науки, физичко, ликовно ги одржуваме во блиската парк-шума Гази Баба, каде што има одлични услови за тоа. За време на часовите постојано слушаме музика. Таа е неразделив дел од наставата, особено по предметите ликовно и математика. Слушаме џез, класика и музика за медитација. На часовите, особено во зима, им правам чај на децата. Правам сѐ што сметам дека е полезно за нив, а целта ми е да направам да одат на училиште со задоволство, а не да го чувствуваат тоа како некаков притисок или обврска – вели Поповски.

Заедно со своите ученици на хуманитарна трка

Тој смета дека е многу важно наставникот да работи на својот углед и да биде пример за децата, но не и идол.
- Како што ќе го посадите дрвото, така и ќе расте. Првите години од основното образование се клучни за понатамошниот развој на личноста. Наставникот, како втор родител, а училиштето како втор дом, секако играат многу важна улога во тој процес. Многу е важно наставникот да работи на својот личен углед, како и на тоа да има голема самодоверба. Децата тоа го гледаат и го следат примерот. Секако, потребно е тие да му веруваат на својот наставник, да можат да му се доверат, да видат во него голем и искрен пријател. Мојот однос кон нив е многу човечки. Учениците се личности и заемната почит е неопходна. Сакам да им бидам пример, но не би сакал во мене да гледаат идол зашто секој од нив си е свој и секој од нив на различен начин го трча својот животен маратон. Секој од нив треба да си ги следи своите желби и соништа. А јас сум овде да ги поддржам во тоа и правилно да ги насочам на патеката што самите ќе ја изберат – вели наставникот.
Една од неговите пасии е токму трчањето и таа љубов се труди да има ја пренесе на своите ученици.
- Спортот е дел од моето секојдневие. Освен што трчам, активно возам и велосипед. Играм фудбал и планинарам. Додека го правам утринскиот тренинг, размислувам и правам концепт за претстојниот училиштен ден. Сакам да им ја пренесам љубовта кон спортот бидејќи физичките активности се клучни во развојот на секој човек. Физичкото образование, според мене, е најважниот наставен предмет. Со редовните активности децата и ментално се развиваат и јакнат, а не само физички. Досега неколкупати имаме учествувано заеднички на неколку трки, кои имале хуманитарен карактер. На следниот Скопски маратон ќе трчам 42 километри, а трката ќе ја финиширам со моите ученици. По завршувањето на секоја трка, задоволство е да се видат насмевките на нивните лица, како и задоволството на нивните родители откако ќе стасаат на целта, поради што ми е посебно драго. Поборник сум на здравиот начин на живот затоа што сметам дека тоа е правилен избор уште од најмала возраст, и токму поради тоа, сакам на моите ученици да им всадам љубов кон спортот и здрави навики.


Кога би имал моќ, Поповски би ги подобрил условите за учење. Би направил да има многу кабинети кои би биле опремени со сѐ што ни е потребно за настава. Би набавил надгледни средства кои би ни служеле за експериментирање, вели тој.
- Реално, и за жал, наставниците често се принудени да импровизираат на часовите. Би го скратил бројот на предмети и би ги растоварил преобемните наставни програми. Би се сконцентрирал на развојот на поединечни афинитети и вештини на секое дете. Затоа што сметам дека сето ова би понудило еден поинаков образовен систем во чиј фокус ќе биде изразот на нивните лични квалитети – вели наставникот од скопското училиште.
Темата за „Кембриџ“ беше неминовна за споменување.


- Сметам дека „Кембриџ“ си има свои позитивни и свои негативни страни. Тие бараат претходна подготвеност и многу ресурси. Најдобро е кога детето учи преку истражување на конкретна појава. Но, за реализирање на тие истражувања, потребни се финансиски средства со кои треба да се набави сето она што е потребно. „Кембриџ“ бара ангажман и на родителите во домашни услови, кои, од друга страна, разбирливо, поради секојдневните обврски, немаат време да се посветат на работа со децата. Да, сметам дека наставникот не треба по секоја цена да се држи за програмата, туку да постапува по своја процена. Ако процени дека нешто од материјата не е соодветно за возраста, секако дека не треба да инсистира да биде научено – категоричен е наставникот.

Среќен е што има добри примери од поискусни колеги од кои може да учи и да побара совет.
- Нивните искуства, работа и посветеност се непроценливи, тоа се луѓе што произвеле многу квалитетни генерации. Инспирација ми се многу македонски наставници чија работа ја следам на социјалните мрежи. Љубовта кон оваа професија всушност потекнува од моето учителско семејство, на кое сум посебно горд. Токму тоа ми е секојдневна поддршка и мотив да бидам сѐ подобар во тоа што го работам – додава Поповски.