Манипулативни трикови како да победите во расправа според Шопенхауер

Манипулативни трикови како да победите во расправа според Шопенхауер

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Илустрација - дијалог
(Фото: Pixabay)


Разговорот помеѓу двајца неистомисленици понекогаш може да биде продуктивен во смисла на усвојување нови ставови, коригирање на мислењето или промени во поглед на предметот на расправата. Но, што ако главна цел на соговорникот е да го победи противникот или да биде во право по секоја цена, без разлика на вистината?!

Вакви примери најчесто можеме да сретнеме во политичките ТВ-дуели каде што во практиката можеме да видиме како Шопенхауеровата „Еристичка дијалектика“, односно умешноста на водењето расправа или препирка, изгледа на дело.

Имено, германскиот филозоф Артур Шопенхауер во своето дело прикажува 38 манипулативни трикови како соговорникот секогаш да биде во право, дури и кога не е. Поточно, станува збор за трикови кои помагаат соговорникот да изгледа дека е во право, но не и вистински да биде така. Наведените трикови Шопенхауер ги објаснува, но не ги препорачува. Можеби тоа е една од причините што делото „Еристичка дијалектика“ и не е објавено во текот на неговиот живот. Некои од тие трикови се:

– да се нападне ставот, но доколку не може да се побие, тогаш да се нападне личноста што го изнесува тој став, односно вниманието да се пренасочи кон личноста на противникот;

– изјавите на противникот да се стават во поширок контекст бидејќи на тој начин се попогодни за напад;

– директно да се изнервира противникот, односно да се предизвика бес кај него;

– да се карикираат тврдењата на противникот со цел да се предизвика смеа кај публиката итн.

Меѓутоа, за разговорот да биде продуктивен, соговорниците мора да бидат на исто ниво со интелект и знаење, во спротивно разговорот ќе се сведе на бесмислено расправање, каде што аргументите ги заменуваат фактите. Токму тоа нам нè наведува на прашањето дали е поважно што зборуваме или со кого зборуваме? Според Шопенхауер: „Оној што е паметен, во разговорот помалку ќе мисли на тоа што го зборува, а повеќе на тоа со кого разговара. Ако постапува така, може да биде уверен дека нема да каже ништо поради кое подоцна би се покајал“.