ПОЗНАТИТЕ ЗА ГОДИНАТА ШТО ИЗМИНА: Ратко Дуев, декан на Филозофски факултет – Ме избраа за декан на најстарата високообразовна институција во Македонија

ПОЗНАТИТЕ ЗА ГОДИНАТА ШТО ИЗМИНА: Ратко Дуев, декан на Филозофски факултет – Ме избраа за декан на најстарата високообразовна институција во Македонија

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска


Проф. д-р Ратко Дуев

Што за Вас лично ја одбележа 2017?
- Изминатата беше година во која продолжија глобалните економски, мигрантски и политички кризи, доба на тероризмот, војните, година на политичка нестабилност во нашата земја, која кај секој граѓанин остави длабоки траги на страв за иднината, чувство на безизлезност, страв од растечката нетрпеливост и омраза поради различни политички погледи меѓу своите блиски. Но, како човек и научник, секогаш при својата работа ги барав проблемите за да се сосредоточам на нивното решение, бидејќи од своето животно искуство научив дека секој нерешен проблем создава илјадници и илјадници нови проблеми. Настојував да се посветам на своите обврски, да ги решавам проблемите најдобро што знам и со тоа да дадам пример дека со работа и посветеност може и во оваа наша земја да се создава и да се чекори во животот како во другите развиени земји во светот. Во превод, преку зборовите на еден до најголемите политичари во светската историја Винстон Черчил: If you're going through hell, keep going (Ако минуваш низ пеколот, продолжи да чекориш). Понекогаш се двоумев дали сум на правиот пат. Но, изборот за декан на најстарата високообразовна институција во Македонија, Филозофскиот факултет во Скопје, особено со гласовите на постарите професори, значеше многу за мене и за мојата работа, потврда дека „треба да продолжам да чекорам“. Да се биде декан на првиот факултет основан во далечната 1920 година, во чиј мандат во 2020 претстои одбележување на 100-годишнината од неговото постоење, е голем предизвик и обврска. Долг кон традицијата, декан на факултет низ чии ходници, кабинети и слушални пред вас чекореле и создавале великани како Михаил Петрушевски, Блаже Конески, Харалампие Поленаковиќ, Десанка Миљовска, Фран Петре, Шоптрајанов, Тошев, Љубен Лапе, Димчо Коцо, Томо Томоски, Киро Ќамилов, Пољански, Петар Хр. Илиевски и многу други личности значајни за поновата историја на нашата држава, всушност, декан на институција чие име означува државотворност. Втора значајна работа во 2017 г., што е поврзана со мојата професија како филолог е завршување на проектот „Светско книжевно богатство“, во кој бев ангажиран како редактор од издавачките куќи и како изготвувач на изборот. Иако беше напорно да се редактираат 218 книги, сепак, тоа беше мојот спас од суровата реалност бидејќи книжевното богатство е немерливо, тоа е богатство од зборови, мисли, агонија, радост, верба, надеж, пророштво, една бескрајна низа на светови овековечени во секое едно издание. Изданија што ве водат низ едно совршенство на реченици, а тие низи кај секого будат восхит и стремеж кон убавината на чистиот збор и почит кон авторите и нивното духовно богатство препознаено и овенчано со достојни награди. Ако ги придодадам и претходните мои редакции, посебно е чувството кога човек е дел од низа од илјада врвни дела на најпознати светски автори, илјада дела со милиони зборови, илјадници мисли, илјадници човечки судбини. Ретко кој човек во светот во својот живот имал можност да отвори со своите раце илјада врвни дела, оставени на идните поколенија како сведоштво на немерливото богатство на македонски јазик. Без книжевноста светот е осуден на пропаст.

Кој е настанот или личноста што ја одбележа 2017 во Македонија?
- Благородно е да се прави добро, а поблагородно е да им се кажува на другите да прават добро, што е многу полесно. Во свет во кој нови божества се „парите“, каде што материјалното ги потиснува доблестите, каде што разликата меѓу доброто и лошото е во насоката на погледот, отсекогаш се одушевував на една моја колешка професор по логика на Филозофскиот факултет, во чија личност се содржани сите доблести што може да ги поседува еден професор: благороден и уметнички дух, скромност, разборитост, добрина, посветеност, трудољубивост, професионалност, врвен научник, философ, педагог – едноставно секогаш бев горд што имам таква колешка со импозантна биографија и библиографија од која секој може многу да научи. За жал, нашата средина ретко ги прифаќа ваквите личности или не може да ги препознае. Но, квалитетот не е туѓ во земји каде што особено се почитува. Како декан и колега бев особено горд на настанот на 14 ноември, во резиденцијата на француската амбасада во Скопје, на свечената церемонија на која проф. д-р Ана Димишковска беше прогласена за витез од Редот на академските палми (Chevalier dans l’Ordre des Palmes académiques) и ѝ беше доделен орден со одлука на француското министерството за образование за голем придонес во развојот на француското образование, наука и култура. Во нејзин стил, говорот по доделувањето го заврши со Noblesse oblige (Благородништвото обврзува). За големите луѓе наградата е обврска да се работи повеќе и постојано да се заслужува. Настанот, за жал, не доби публицитет во медиумите. При мојата посета во Неапол забележав дека низ целиот град беа поставени големи билборди со најава за концерт на нашиот пијанист Симон Трпчески и мецосопранот Кетован Кемоклиѕе на 24 октомври 2017 г., под диригентската палка на Јурај Валчуха во театарот „Сан Карло“, еден од најпрестижните музички центри во светот. За мене, тоа беше голем настан иако во нашите медиуми немаше никаква вест. Се обидов со помош на моите колеги во Неапол да купам карта за концертот, но ме информираа дека билетите се одамна распродадени. Зборовите со кои неаполците ми ја опишуваа големината на Симон Трпчески кај мене го разбудија чувството на гордост да кажам дека тој е мој сонародник. Пример на спој на исклучителен талент, но и трудољубивост, упорност и напорна работа. За жал, не можев да присуствувам на концертот, на мојот настан на годината.

Што би им посакале на младите од Македонија во 2018 година?
- Како млад човек најголема инспирација ми беше делото на Махатма Ганди, особено неговата мисла „Живеј како да ќе умреш утре. Учи како да ќе живееш засекогаш“. Уште во антиката Сократ верувал дека знаењето за човекот е најголема доблест, преку која можат да се сочуваат во секоја држава највисоките доблести, а тоа се слободата и демократијата. Затоа би порачал дека најсигурна инвестиција на секој млад човек е знаењето. Иако навидум денес под притисок на новите вредности што ги наметна современиот свет, идејата на глобално потрошувачко општество, глобална турбофолк култура, која се базира врз постојани напади врз нагоните на човекот, секој млад човек мора да осознае дека материјалните добра се минливи и секогаш имаат граница, но стекнатото знаење останува додека човек е жив. На знаењето не му треба осигурување, сеф, банкарска гаранција, регистрација, не му треба луксузен имот, издржливо е на војни, природни непогоди, тоа е најсигурна инвестиција за секој млад човек, која носи моќ да се осознаат нештата што нè опкружуваат, а заедно со трудољубивоста носат личен напредок и успех во секоја работа во животот. Scientia est potentia, Scientia sol mentis, знаењето е моќ, знаењето е светлината на умот, многу одамна осознаено преку зборовите на римскиот философ Сенека.