Зошто финскиот образовен систем е најдобар и најквалитетен во светот?

Зошто финскиот образовен систем е најдобар и најквалитетен во светот?

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Училишен автобус
(Фото: Pixabay)


Финска секако е една од најдобрите земји кога станува збор за образованието, но сега се чини дека и САД можат многу да научат на тоа поле. Еве зошто нивниот образовен систем е најквалитетниот на светот:

1.    Не натпревар, туку соработка

Финска навреме сфати дека натпреварувањето меѓу училиштата лошо влијае врз учениците. Соработката го прави токму спротивното и наместо анимозитети, настануваат пријателства. Тоа е една од причините зошто во Финска не постојат приватни училишта. Секоја академска институција во земјата се финансира од јавните фондови, а учителите се тренираат поединечно. И што е најважно – родителите имаат доверба во државните институции.

2.    Учителството е една од најпочитуваните професии

Во Финска вработените во просветата не се малку платени како во САД. Всушност, нивната професија многу повеќе се почитува затоа што Финците сметаат дека квалитетното детство е најважниот темел за натамошниот живот. За да станат учители или наставници, кандидатите мора да завршат мастер-студии и да положат одредени државни, и што е најважно – персонализирани тестови.

3.    Финска ги „слуша“ резултатите од истражувањата

Во САД, резултатите од студиите што покажуваат што е тоа што најмногу им оди во корист на децата, а што не – најчесто завршуваат во нечија фиока. Во Финска, таквите истражувања најпрво ги сослушува министерството за образование и култура и веднаш реагира – па со текот на времето се гледа и се проценува дали таквата промена била исплатлива. Се разбира дека досега секогаш биле во право.

4.    Финците не се плашат да експериментираат

Добра работа од слушањето на истражувачите е тоа што не се притеснувате понекогаш и „да покажете заби“. Во Финска учителите се охрабруваат да направат свои сопствени мини-лаборатории каде што ќе можат да истражуваат заедно со учениците, на кои таквиот начин на учење им е далеку поинтересен од теоријата.

5.    Времето за игра е светост

За разлика од САД каде што времето за игра сè повеќе се скратува, финскиот закон наложува секое дете по 45 минути час задолжително да има 15-минутен одмор. Подоцна и студиите покажале дека децата кои имаат 15 слободни минути по секој час постигнуваат далеку подобри резултати во училиштето од децата што немаат таква „привилегија“.

6.    Што е тоа домашна задача?


Благодарение на заемната доверба меѓу училиштето, учителите и родителите, децата добиваат многу малку задачи што треба да ги изработат дома. Родителите и училиштата претпоставуваат дека учителите целосно го предаваат материјалот и заеднички сметаат дека дополнително ангажирање не е потребно. Времето дома е наменето за семејството, каде што единствени лекции што треба да се совладаат се животните лекции.

7.    Предучилишно образование

Речиси 97 проценти од  децата до 7 години одат во предучилишни установи. Таму децата се подготвуваат за училиштето и за извршување на задачите. Во Америка, пак, од родителите се очекува сами да платат за „раното образование“, со што се поставува нееднаквост поради која детето подоцна би можело да има проблеми.

8.    Факултетот е бесплатен

За разлика од американските студенти кои издвојуваат илјадници и илјадници долари за запишување на колеџ, Финците не плаќаат ништо. За диплома од основни студии, мастер и докторски студии, образованието се финансира од даночните фондови на граѓаните и од владата. Ова овозможува многу луѓе воопшто да не се плашат дали ќе имаат доволно средства за да продолжат со своето образование, бидејќи правото на образование е право на секој човек.