Сторија на „Дојче веле“: Добре дојдовте во најзагадениот град во Европа

Сторија на „Дојче веле“: Добре дојдовте во најзагадениот град во Европа

Подготвил: М.П.

Лектор: Ивана Кузманоска

Главниот град на Република Македонија е еден од најзагадените во светот. Македонските власти презедоа итни мерки за борба против загадувањето, но ефектот е или мал или воопшто го нема, пишуваат од „Дојче веле“.

фотоизвор: Reuters/ O. Teofilovski

Аерозагадувањето предизвикува повеќе од 1.300 случаи на прерана смрт во Скопје, според официјалните статистики. ПМ10 честичките се присутни во воздухот повеќе од 10 пати од стандардните граници. Се работи за мали честички кои можат да навлезат во белите дробови, па дури и во крвотокот.

Проблемот ескалира секоја зима како резултат на индустриските емисии, чадот од греењето на дрва во домаќинствата и чадот од старите автомобили. Македонските власти најавија низа итни мерки. Јавниот транспорт е привремено бесплатен за сите. На бремените жени и на лицата над 60 години им е дозволено да не одат на работа.

Јавниот транспорт во Скопје се состои само од автобуси. Многу од нив не ги исполнуваат основните стандарди за заштита на средината. Велосипедите ретко се користат бидејќи на градот му недостига инфраструктура и сообраќајна култура, па затоа велосипедизмот е ризичен, со оглед на тоа дека несреќи се случуваат речиси на дневна база.

Локалните медиуми известуваат дека во продавниците во Скопје веќе нема заштитни маски бидејќи побарувачката е зголемена. Локалните невладини организации, пак, предупредуваат дека загадувањето во Скопје е над просекот од 269 дена годишно, па побараа од властите да преземат мерки кои ќе дадат долгорочни резултати, стои во извештајот на „Дојче веле“.

Штутгарт, еден од најзагадените градови во Германија, алармира кога нивото на ПМ10 честичките достигнува 80 микрограми на кубен метар. Во Скопје, просекот во зимските месеци е двојно поголем – околу 200, а некогаш достигнува дури и 600 микрограми на кубен метар и повеќе.

Како што аерозагадувањето во Македонија се влошува, така американската амбасада во Скопје на својот профил на „Твитер“ бара идеи и предлози за справување со состојбата. Не е необично САД и другите западни амбасади во Македонија да се вклучат во јавните предизвици, но овој пат одговорот на нивното прашање дојде директно од Москва:

„Бидејќи нашите пријатели од американската амбасада во Скопје бараат идеи за решавање на аерозагадувањето во Македонија, ние сакаме да помогнеме со решение – „Туркиш стрим“. Се работи за руски гасовод кој доколку се заврши, би се протегал од Турција до Грција и Македонија, па ќе достигне и до источноевропските земји.

Бидејќи Скопје е лоцирано во долина опкружена со планини од 3 страни, единствено остварливо решение за време на зимските месеци за граѓаните е да бараат спас во околните високи места. Освен во чистиот воздух, можат да уживаат и во спектакуларниот поглед, пишува „Дојче веле“.