Ова е првото место целосно исчистено од пластика

Ова е првото место целосно исчистено од пластика

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Празни пластични шишиња
(Фото: Pixabay)



На брегот на западен Велс се наоѓа селото Аберпорт. Со векови неговите жители се занимавале со рибарство, а денес таму има неколку продавници, паб и еден пуст хотел, пишува „Дејли мејл“.

Во текот на зимата селото е речиси пусто, а поголемиот дел од кафулињата се затворени до Велигден.

Но малку места во Велика Британија можат да се пофалат со атрибутот „чисти од пластичен отпад“ и воопшто од пластика. Аберпорт во последно време се најде на насловните страници на сите важни медиуми поради настојувањето да стане прво село во Велс и едно од првите во Велика Британија целосно исчистено од пластика.

Жителите се комплетно посветени на својата цел, па дури и тоа да значи одредени трошоци кои самите треба да ги поднесат.

Оваа кампања е важна и поради тоа што Кина неодамна најави дека повеќе нема да ја презема пластиката од Велика Британија, по што се појави загриженост дека островската земја не ќе може да ја рециклира својата пластика, односно 500-те илјади тони годишно.

Во меѓувреме, луѓето почнаа да ја исклучуваат пластиката од секојдневната употреба, па така едно семејство кое води локална сендвичарница престанало да употребува пластични цевчиња и пластичен прибор за храна. Друг сопственик на бизнис го отфрлил користењето млеко во пластична амбалажа и се пренасочил на млеко во стаклен сад што чини 20 проценти повеќе. Но, тоа не ги колеба да си ја платат драстичната разлика.

Во едно кафуле пластичниот прибор го замениле со дрвен, кој е многу поскап, а своите гости ги поттикнувале со себе да си носат личен прибор за храна. „Ништо нема да нè чини ако повторно почнеме да миеме садови, нели?“

Селото целосно го забрани пластичниот прибор за храна, а дури и црквата соработува во промовирањето на новиот стил на живот. Поштата и аптеката почнале да користат свои хартиени вреќи, а селската управа одлучила да постави фонтани за вода за пиење со цел никој да не купува вода во пластични шишиња.

Секоја година во морето се фрлаат осум милиони тони пластика, а ако трендот продолжи, во морето ќе има повеќе пластика отколку животински и растителен свет.

Едно неодамнешно истражување покажало дека пластика може да се најде и на дното на Маријанскиот Ров, значи околу десет километри во морето.

Ужасната од количината пластика во морето, Гајл прво се обидела да го придобие локалното население. Првиот чекор бил чистење на плажата во Аберпорт, која набрзо станала една од најчистите во Велика Британија. Набрзо потоа добиле сино знаме и многубројни други награди за најчиста плажа.

Во проектот се вклучило и основното училиште, каде што формирале „одред за ѓубре“. Повеќе никој во Аберпорт не оди на прошетка без вреќа за ѓубре во која ги собираат отпадоците. На организираното чистење се собираат и до 200 луѓе.

„Пресвртен момент во свеста на луѓето за опасноста од пластиката во морето беше документарниот филм на Дејвид Атенборо - ’Сина планета‘, во кој е прикажана желка заплеткана во пластика. Од тој момент сè се промени“, рекла Су Луис, една од жителите на Аберпорт. „Потоа се формираше и одборот за Аберпорт чист од пластика и работите почнаа да се придвижуваат.“

На проектот на жителите на Аберпорт им се придружиле и војниците од околните бази за тестирање оружје, кои и самите престанале да користат пластична амбалажа и прибор за јадење.

Освен што се грижат за планетата Земја, луѓето од Аберпорт се грижат и едни за други. Криминалот е многу редок и местото е сигурно за живот. И што е поважно – настана менување на сопствените обичаи за општо добро.