Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз него и кликнете два пати.
 

Работи што треба да се земат предвид во пресрет на промените што ги воведува „Фејсбук“

 
fb
Фото: Getty Images

„Фејсбук“ најави неверојатни промени на „Њуз фид“, реката на содржини што луѓето ја гледаат кога ќе се логираат на оваа социјална мрежа. Целта на промените е да им се даде приоритет на постови што инспирираат „значајни интеракции“ помеѓу пријателите и семејството, отстранувајќи ги пасивните постови од издавачите и брендовите.

Овие промени се спроведуваат додека „Фејсбук“ се бори да закрепне од низа контроверзии - лажни вести, говор на омраза и мешање на Русија во претседателските избори во Америка.

Промените се големи и имаат потенцијал да ги преструктурираат дискурсот и економијата што се развила околу „Фејсбук“ - да не споменуваме дека компанијата вреди 545 милијарди долари. Нема да го знаеме нивниот полн ефект додека промените не се промовирани кај сите 2,07 милијарди корисници, меѓутоа, еве што би значеле тие.

Коментирањето е новото „споделување“

Споделувањата на „Фејсбук“ долго време се сметаат за нешто поради кое одредени постови станале вирални на оваа социјална мрежа, меѓутоа, коментарите ќе го преземат нивното место. Со промените, „Фејсбук“ ќе им даде приоритет на мислењата во „Њуз фид“, со што луѓето ќе разговараат едни со други во коментарите. Со тоа, коментарите ќе станат новото споделување. „Фејсбук“ ја прави оваа промена откако откри дека кога луѓето пребарувале низ нивниот „Њуз фид“ без да бидат во интеракција со содржината, тие се чувствувале лошо. „Општо земено, кога луѓето поминуваат многу време пасивно консумирајќи ги информациите - читајќи, а не во интеракција со другите луѓе - тие пријавија лошо чувство“.

Повеќе интеракции не мора да значи подобри интеракции

Со приоретизирање на интеракциите во коментарите, „Фејсбук“ исто така ќе ја зголеми фреквенцијата на аргументите на својата платформа. Предизвикот на „Фејсбук“ ќе биде да пронајде начин да се олеснат конструктивните разговори и да се деприоретизираат говорите на омраза.

„Се обидуваме да разбереме кои интеракции луѓето ги сметаат за значајни и ќе ги вреднуваме различните активности според тоа колку се значајни за луѓето“, вели главниот шеф на „Њуз фид“ одделот. „Кога станува збор за проблематичните интеракции, како омразата и лошите коментари, активно работиме на нивно идентификување и дестимулирање и во одредени случаи нивно отстранување“.

Најверојатно рекламните агенции ќе бидат вознемирени

На барање на „Фејсбук“, големите брендови потрошија милиони долари за градење публика лесна за дофат токму на оваа платформа. Тогаш „Фејсбук“ ги убеди рекламните агенции да потрошат милиони за спонзорирани постови за побрзо да стигнат до таа публика. Сега „Фејсбук“ треба да им каже дека поради политиката на компанијата, планира да ги стави во втор план нивните односи со публиката.

Ќе биде болно и за издавачите


Слично на тоа, на барање на „Фејсбук“ издавачите потрошија многу пари за привлекување на публиката на оваа платформа. Тогаш „Фејсбук“ ги убеди да објавуваат содржини директно на платформата и да платат за промовирање на содржината на публиката. Многу издавачи ги убедија читателите да ги следат на нивната фејсбук-страница, а некои од нив дури и платија за да пораснат. Сега „Фејсбук“ ќе го намали нивниот досег.

Предвидлив исход


„Фејсбук“ вложи многу напори за да ги привлече издавачите и брендовите на својата платформа, а издавачите и брендовите вложија напор за да останат таму. Но на крајот, „Фејсбук“ не доби сѐ што сакаше од нив. Сензационализирани и партиски лажни вести почнаа да се појавуваат кај корисниците. Содржините со брендови ги натераа луѓето да престанат да објавуваат селфи-слики од нивниот природен изглед од страв да не почне да им се појавува професионално снимено видео со буџет од три милиони долари.

Дајте му одредени заслуги на „Фејсбук“ и подгответе се за промените

Кога „Фејсбук“ ќе се реши да направи нешто големо, вложува сѐ. И токму тоа го прави сега. Малите поправки на проблемите предизвикани од лажните вести, изборното мешање и насилните содржини едноставно нема да направат да исчезнат. Оваа година Закерберг за личен предизвик го постави решавањето на овие проблеми и гледаме дека веќе се фати за работа.

Промените нема да бидат безболни. Тие ќе му наштетат на „Фејсбук“ и компанијата ќе се соочи со намалување на времето поминато на платформата. А ќе страдаат и издавачите и брендовите. Според Закерберг, ќе бидат потребни месеци за да се спроведат овие промени целосно, но кога ќе се спроведат, времето што ќе го поминуваме на оваа платформа ќе биде многу повредно.
 
Објавено на 13.01.2018 во категорија Технологија
Подготвил: Тамара Гроздановски / Лектор: Ивана Кузманоска
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook