Ракометни навивачи од цела земја уште пред зори тргнаа да го освојат Загреб

Ракометни навивачи од цела земја уште пред зори тргнаа да го освојат Загреб

Машката ракометна репрезентација на Македонија вечерва ќе го одигра првиот натпревар на Европското првенство против селекцијата на Словенија. Голем број возила украсени со македонски знамиња и навивачки шалови уште пред зори почнаа да го минуваат граничниот премин Табановце и да се упатуваат кон заедничката крајна дестинација - Загреб. Таму машката ракометна репрезентација на Македонија вечерва ќе го одигра првиот натпревар на Европското првенство кое до 28 јануари се одржува во четири градови во Хрватска.



Автомобили со регистарски таблички од Скопје, Битола, Кавадарци, Струмица, Куманово и од други градови од земјава полни со навивачи патуваат до популарната Арена Загреб, каде вечерва Македонија ќе ги одмери силите со третата репрезентација во светот, Словенија. Според продадените билети, се очекува во Загреб да пристигнат околу 2.000 македонски навивачи кои патуваат во сопствена режија, со автомобили, редовни автобуски линии, а дел и со авион. За целосно да уживаат во атмосферата пред натпреварот, мал дел од македонските навивачи уште вчера пристигнаа во Загреб, но се очекува денеска „Фалангата“ да се комплетира и да се покаже во вистинско светло.

И покрај тоа што македонската репрезентација ќе има голема поддршка од двеилјадната навивачка група, сепак Словенците ќе може да сметаат на двојно поголема поддршка од своите навивачи. Имено, медиумите уште пред Нова година објавија информации дека Словенците веќе купиле над 5.000 билети за вечерашниот натпревар. За навивачите од Словенија е обезбеден специјален навивачки воз со кој тие од Љубљана, преку Целје, Ѕидан мост и Севница организирано патуваат до Загреб.

Предводени од новиот селектор Раул Гонзалес, кого читателите на Факултети.мк го избраа за личност на годината во 2017, македонските ракометари бодрени од своите навивачи ќе се обидат да остварат што е можно подобра резултат на ова ЕП. Покрај Словенија, противници на нашите ракометари во групата Б се и Црна Гора и Германија.

Интересно е што вечерашниов ракометен дуел ќе биде битка и меѓу двајца селектори кои се поранешни тренери на ракометниот клуб „Вардар“. Македонскиот селектор Гонзалес лани го однесе „Вардар“ до европската клупска титула, а на крајот од годината го најави своето заминување во Парис Сен Жермен. Словенечкиот селектор Веселин Вујовиќ, пак, неколку години беше тренер на Вардар и со екипата учествуваше во европските купови, но не успеа да го постигне успехот на Раул Гонзалес.