Битолскиот Итар Пејо од трибините ја бодри македонската репрезентација на сите првенства

Битолскиот Итар Пејо од трибините ја бодри македонската репрезентација на сите првенства

Подготвил: Д.Ф.

Младиот адвокат Дарко Јанкуловски веќе девет години во живо ги следи натпреварите на македонската ракометна селекција облечен во традиционална мариовска носија, по која стана препознатлив меѓу нашите, но и меѓу странските навивачи.



Фанатичното навивање и впечатливите црвено-жолти реквизити се главната одлика на популарната „Фаланга“, групата навивачи која ги бодри македонските национални селекции на големите натпреварувања. Во моментов „Фалангата“ е во Загреб, каде што македонската ракометна репрезентација настапува на Европското првенство. Сепак, меѓу многубројните антички воини и црвено-жолти „викинзи“, вниманието на навивачите, но и на телевизиските камери го привлекува еден необичен лик - Итар Пејо. Тоа е битолчанецот Дарко Јанкуловски, кој веќе девет години во живо ги следи натпреварите на македонската ракометна селекција облечен во традиционална мариовска носија.

Младиот адвокат од Битола идејата да навива облечен во носија првпат ја добил кога се подготвувал за светското првенство во ракомет што се одржа во Хрватска во 2009 година. Инспирацијата ја добил од шкотските навивачи кои во 2009 година дојдоа во Скопје за да ја бодрат својата фудбалска репрезентација. Речиси сите од нив носеле килтови кои се традиционална облека во Шкотска, па Јанкуловски решил и тој на големите натпреварувања да промовира нешто од нашата традиција. И така се појавил на трибините во Вараждин облечен во мариовска носија, која оттогаш ја носи буквално на секој натпревар на нашата репрезентација што го следи во живо. Сега, по девет години подоцна, речиси сите го препознаваат како Итар Пејо во македонската „Фаланга“.



- Досега бев на пет првенства на кои настапувала македонската репрзентација и тоа четири во ракомет и едно во кошарка. Почнав од СП во Вараждин, па ЕП во Ниш во 2012 година, потоа продолжив со кошаркарското ЕП во Загреб во 2015 година. Минатата година го следев Светското првенство во ракомет во Мец и сега сум повторно во Загреб. За нашите навивачи станав препознатлив лик, но ме препознаваат и дел од странските навивачи со кои се гледаме на големите натпреварувања - раскажува Јанкуловски.

Интересно е што мариовската носија со која се појавува на првенствата е специјално направена за него, поради што има уште поголемо значење. Последните неколку првенства Јанкуловски ги следи заедно со неговите двајца колеги од адвокатската канцеларија во која работи, Никола Димитровски и Борче Димитровски, со кои овие патувања почнува да ги планира веднаш штом нашата репрезентација ќе се пласира на некое големо натпреварување. Токму со неговите двајца колеги имал многу интересно патешествие кога лани патувале на ракометното светско првенство во Мец, Франција. Планот им бил со такси да патуваат од Битола до аеродромот во Солун, оттаму да летаат до Атина, па до Париз. Потоа од Париз со воз да стигнат во Мец навреме за првиот натпревар меѓу Македонија и Тунис. Но, планот тешко го реализирале.



- Такси возилото што нѐ возеше од Битола се расипа на 30 километри пред Солун, многу рано наутро. Стопиравме застанати на автопат, за по 20 минути со испружени палци и изгубена надеж дека ќе најдеме превоз до аеродромот, пред нас застана автомобил, што всушност било друго такси возило со патник во него. И нѐ однесе до аеродромот. Откако се качивме во авионот и долго време чекавме да полетаме, пилотот нѐ извести дека ќе има мало доцнење, што всушност испадна доцнење од повеќе од два часа. Кога слетавме во Атина веќе го пропуштивме летот за Париз, а следниот беше дури за 5 часа. Тоа значеше дека ќе го пропуштиме и возот од Париз за Мец и дека нема да стасаме за натпреварот со Тунис. Во Париз пристигнавме ноќта во 19 часот, разочарани и уморни, но сепак одлучивме веднаш да отпатуваме за Мец со рент-а-кар. Наместо во 13 часот попладне, во Мец бевме во 2 часот по полноќ и го пропуштивме натпреварот - раскажува Јанкуловски.

И покрај тоа што Загреб е многу поблиску до Македонија отколку Мец, судбината сакала тој да има слично патешествие и за ова првенство. Патот до Загреб совршено го испланирал заедно со колегите Никола и Борче. Тие го чекале во Битола да се врати од Филипини и веднаш да тргнат за Загреб. Два дена претходно Јанкуловски од Филипини летал за Хонг Конг, Доха, Атина и на крај за Солун, од каде со автомобил требало да стигне во Битола.



- Според планот, требаше да слетам во Солун во петокот во 11 часот, во Битола да бидам околу 13.30 и час и половина подоцна тројцата да тргнеме за Загреб. Но, летот Атина-Солун повторно беше откажан поради замрзнат аеродром во Солун. По неколкучасовно чекање во Атина, мојот лет го пренасочија кон Кавала. Успеав да договорам да ме чекаат со автомобил во Кавала и оттаму по четири часа возење стигнав во Битола. За Загреб тргнавме во 1 часот по полноќ, но овојпат за голема среќа навреме стигнавме за првиот натпревар на македонската репрезентација и бевме сведоци на големата победа над Словенија - вели Јанкуловски.

Неговиот „соборец“ на првенствата, Никола Димитровски, за атмосферата на ова првенство вели дека е прилично млака и дека генерално во Загреб не се чувствува оти во градот се организира ЕП. Нема фан зони, анимација на посетителите, брендирање, само неколку шанкови околу арената и внатре во неа. Димитровски објаснува дека македонските навивачи се собираат во клубот „Роко“ кој е нивна неофицијална фан-зона, каде што има и одредена програма со македонска музика.

Димитровски сѐ уште ги средува впечатоците од саботниот натпревар.

- Чувството да си Македонец после натпреварот со Словенија беше бесценето. Луѓе кои не се познаваат се гушкаа, си честитаа, се честеа, играа ора заедно, пееја. Словенците беа целосно потиштени, макар што многу од нив коректно ни подадоа рака и ни честитаа. Се забележува дека Хрватите многу ги сакаат Македонците, секаде се чувствува тоа - во клубови, кафе барови, такси, ресторани, додека воопшто не ги сакаат Словенците. Дури и официјалниот спикер на натпреварот многу повеќе ја анимираше македонската отколку словенечката публика. А Кире Лазаров е суперстар во Хрватска. Дури и вработениот на патарина, кога доаѓавме во Загреб, нѐ поздрави со „Македонци, колку голови ќе постигне вечер Кирил Лазаров?“ - вели Димитровски.

Тој потенцира дека за првпат на ЕП на кое тој присуствува Македонија успева да победи во првиот натпревар и се надева дека таа низа ќе продолжи. На ред вечерва е Црна Гора.