Повеќе учење низ игра, помалку предмети за првачињата, поголема слобода за наставниците, најавуваат промените

Повеќе учење низ игра, помалку предмети за првачињата, поголема слобода за наставниците, најавуваат промените

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Министерството за образование и наука од денес ги отвора јавните дебати за своите предлози како до подобро образование, особено за децата од прво до трето одделение

Поголема слобода во реализацијата на наставната програма за наставниците, интензивно користење на учењето низ игра и растоварување на учениците од прво до трето одделение ќе бидат дел од промените кои Министерството за образование и наука ги најави денеска. Суштинските промени наменети за учениците од прво до трето одделение ќе бидат достапни на јавноста и секој ќе може да даде свое мислење, сугестија, а доколку бидат прифатени промените, можно е некои од нив да бидат применети и од наредниот септември.


- Првоодделенците се деца од 5.5 до 6 години. Наставниците се соочуваат со големи проблеми во почетокот на прво одделение. Често се прават погрешни споредби со други наставни планови и програми, каде што децата учат од 7 години, а ние се трудиме тоа да го сведеме на нашата. Сакаме децата во прво одделение да имаат блага транзиција во училиште. Ако уште во прво одделение се јави фрустрација и не се создаде љубов, тогаш ќе имаме сериозен проблем во понатамошното образование – изјави проф. д-р Зоран Велковски, од Институтот за педагогија, кој е дел од работната група што ги подготвува промените.

Тој најави дека ќе се намали и употребата на тестовите за проверка на знаење, а ќе се форсира непосредната проверка од страна на наставниците.

- Сакаме да видиме како ученикот размислува, како заклучува и преку истражувања да решаваат проблеми и да создаваат комплетно знаење. Во прво одделение една од примарните цели ни е да ги развиеме јазичното знаење. Децата слабо зборуваат, имаат мал речник. Комуникацијата на мајчиниот јазик е многу важна и ќе ја сретнете во сите предмети. Ако успееме со бројот на намалување на ученциите, еден наставник ќе има многу повеќе време како да работи групно и поединечно – рече Велковски.
Една од поголемите промени е часот за децата од прв до петто одделение да трае по 55 минути, со тоа што 15 минути од часот ќе бидат наменети за одмор на децата. Наставникот ќе има слобода да одлучува дали и кога им треба одмор на учениците. Се препорачува еден од одморите да се одвива надвор од училницата.



Во прво одделение учениците не смеат да имаат повеќе од 4 часа дневно. Ќе биде воведено физичко и здравствено образование, а во погорните – спорт. На часовите по овој предмет со наставникот ќе соработува стручен наставник за да се реализира наставата.
Досегашните предмети Природни науки и Општество ќе станат – Светот околу нас. Ликовно и музичко образование ќе се интегрираат во еден предмет – Уметност. Министерката Рената Дескоска најави дека уште денес се отвора јавна дебата за промените.
- Очекувам дека наставниците ќе бидат задоволни од овие промени, јас и без измените ќе ги ослободев од многу админстративната работа, но и од методолошки аспект, ќе им биде олеснето – рече таа.

Таа објасни дека ќе има промени и во однос на одлучувањето за учебниците. Имено, ќе се распише конкурс на кој ќе можат да се јават и домашни автори.

- На конкурс ќе може да се јави автор на учебник на адаптирана програма, на домашен автор, на „Кембриџ“. Така се создава конкуренција во однос на квалитет и на цените. Нека се натпреваруваат. Не сакаме да направиме хаос, затоа почнуваме прво само со прво одделение. После јавната дебата, треба Бирото да ги разгледа, зашто тие се формални предлагачи на програмата, да дадат мислење до нас, па потоа се јавува повик за учебник, па ќе следи измени во законот за сите степени на образование – рече министерката.

Во прво одделение учениците ќе ги имаат следните предмети: мајчин јазик, математика, Светот околу нас, Физичко образование, Уметност и Англиски јазик. Истражувањата покажуваат дека долго време седење во училница создава агресија кај децата, нагласи Велковски.
- Постојано зборуваме дека имаме хиперактивни деца, а што да очекуваме од деца што мораат да седат по пет часа во клупа. Првооодделенците не смеат да имаат повеќе од четири часа на ден. Наставниците ќе имаат слобода да одредат кои цели кога сакаат да ги реализираат. Учебникот го губи статусот на монопол и ќе се користат повеќе извори. Поголема слобода, подлабок пристап кон учениците, оти основната намера е да ја развиеме љубовта на детето кон училиштето. Сметаме дека ако даваме поголема слобода на наставниците, ќе добиеме подобро образование. Сето ова ќе може да се реализира и со намалување на бројот на ученциците во едно одделение. Имаме случаеви и на 32 деца што учат заедно, тоа е премногу.