Венко Андоновски за „Нова Македонија“: Со кој образ ќе излеземе пред студентите да им ја предаваме „Македонска крвава свадба“

Венко Андоновски за „Нова Македонија“: Со кој образ ќе излеземе пред студентите да им ја предаваме „Македонска крвава свадба“

Дали денешниве белосветски богови, кои преименуваат воопшто знаат да зборуваат и да мислат - е друга работа. Во секој случај, умните Елини одамна се сомневале дека дури и боговите погрешиле во именувањето, па на некои нешта им дале погрешни имиња, вели универзитетскиот професор и писател Венко Андоновски во текстот објавен вчера во дневниот весник „Нова Македонија“.



„Ова не е колумна. Ова се белешки околу „проблемот со името“, уште една подметната флоскула, која, како и секоја флоскула, означува нешто што реално не постои, туку е илузија произведена во мас-медиумите и глобалната политика. Прифатена од нас здраво за готово, без проверка...

Најпрвин: за кого постои „проблемот со името“? За нас, се разбира, не. Ние немаме проблем со името и знаеме како се викаме и ние, и нашата заедничка татковина, и нашиот јазик. Македонци, Македонија, македонски јазик. Кој има проблем со тоа? Не верувам дека освен Грција и екстремните албански шовинисти, некој друг би имал проблем со тоа име (Кина, Русија, Индија, арапските земји, Мексико, Венецуела, Гватемала, Египет)...

Не знам што ќе се случи, ниту некој ме прашува што мислам дека треба да се случи, ама знам за две последици од евентуалното прекрстување. Едната е лоша, другата добра. Ајде, прво лошата: со кој образ ќе излеземе пред студентите по (ново)македонистика да им ја предаваме „Македонска крвава свадба“ на Чернодрински (почетокот на македонскиот театар), и да им укажеме дека Цвета ХЕРОЈСКИ одбила да се потурчи и да си го смени името? Значи, ќе го бришеме и Војдана. А добрата вест е: ако нè преименуваат на сила, тоа треба да го сфатиме во духот на Елините (повторувам, уште една западна илузија е дека некогаш воопшто постоеле хомогени „стари Грци“, освен ако не мислиме на денешните Грци по геријатриските домови). Во духот на оној врвен етички идеал на возвишеното, за кој пишува славниот Милош Н. Ѓуриќ во своите книги „Историја хеленске књижевности“ и „Историја хеленске етике“ - дека именувањето на светот било - божја работа. Боговите први им дале имиња на нештата. Тоа се вика ОНОМАТУРГИЈА. Дали денешниве белосветски богови, кои преименуваат воопшто знаат да зборуваат и да мислат - е друга работа. Во секој случај, умните Елини одамна се сомневале дека дури и боговите погрешиле во именувањето, па на некои нешта им дале погрешни имиња. Легендарен е примерот од дијалогот „Кратил“ каде што се прашува зошто во зборот за тврдо, „склеротес“, покрај тврдите гласови („т“ и „к“) боговите ставиле и еден многу мек („л“). Европската романтика, надоврзувајќи се на Елините, тврди дека на луѓето им останува ПОЕЗИЈАТА како коректив на тие божји грешки. Таа ги именува нештата вистински, тврдеа романтичарските поети, мислејќи и на метафората, која иако изгледа како „погрешно име“ за нештото („горам“ наместо „љубам“), всушност ја изразува неговата суштина“.

Линк до целиот текст