Еве зошто ставот е поважен од интелигенцијата

Еве зошто ставот е поважен од интелигенцијата

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Силуета на момче на зајдосонце
(Фото: Pixabay)


Влијателниот автор и познавач на емоционалната интелигенција, доктор Тревис Бредбери, е доста активен на „Линкдин“. Тој пишува зошто ставот е поважен од основната интелигенција. Пренесуваме дел од неговиот текст:

„Кога станува збор за успехот, веднаш се помислува дека оние што се многу интелигентни неизбежно ги оставаат другите зад себе во облак од прашина. Но, новите истражувања од ’Стенфорд‘ ќе го променат вашето мислење, но и вашиот став.

Психологот Керол Двек во текот на целата своја кариера ги истражува успехот, постигнувањата и менталниот склоп. ’Мајндсет‘ е терминот што таа го употребува и смета дека начинот на размислување е единствениот виновник поради тоа што луѓето живеат различни животи, некои успеваат, а некои не, некои ги користат своите потенцијали, а некои никогаш не успеваат во тоа. Нејзините последни истражувања покажуваат дека ставот подобро го предвидува успехот во споредба со интелигенцијата. Таа смета дека постојат две категории на ставови кај луѓето:

* Фиксен/нееластичен начин на размислување;

* Начин на размислување кој се стреми кон напредок

Со ’фиксниот начин на размислување‘ луѓето веруваат дека се тоа што се и не можат да се променат. Ваквиот став создава проблеми кога се соочувате со нешто што изгледа невозможно да се разреши и прави да се чувствувате безнадежно и преоптоварено.

Луѓето што имаат начин на размислување што е ’отворен‘ и ’се стреми кон напредок‘ веруваат дека можат да бидат подобри и да се изборат со проблемите. Тие подобро се покажуваат од оние со ’фиксен начин на размислување‘ без оглед дали коефициентот на интелигенција им е помал или не. Токму поради тоа што се соочуваат со тешкотии, истите ги третираат како можност да научат нешто ново.

Здравиот разум ни вели дека ако имаме способности, како што се памет или интелигенција, тоа автоматски значи дека имаме самодоверба. Меѓутоа, овие способности само го олеснуваат животот. Одлучувачкиот животен фактор е како се соочувате со тешкотиите и препреките.

Според Двек, успехот во животот се мери со вашата способност да се соочите со неуспех. Таа препорачува ваков начин на размислување:

* Неуспехот е информација – ја етикетираме како неуспех, но тоа повеќе е како: ’Ова не успеа, јас сум тој што ги решава проблемите затоа ќе се обидам да направам нешто друго‘.

Препораката на психологот е да бидете страсни, да не влегувате во замката на ’беспомошност‘, а пред сè да бидете љубопитни“.