Откриено зошто некои луѓе одеднаш стануваат гении

Откриено зошто некои луѓе одеднаш стануваат гении

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

genijalost

Летото 1860 година Едвард Мујбриџ се соочил со недостиг на книги. Ова за него било проблематично со оглед на тоа што бил продавач на книги. Затоа, му ја оставил книжарницата во Сан Франциско на својот брат и тргнал да купи книги - патување што засекогаш го променило светот.

Тамам стигнал до североисточен Тексас, кочијата со која се возел удрила во дрво. Мујбриџ буквално излетал и ја скршил главата од карпа. Се разбудил девет дена подоцна, во болница оддалечена 150 километри. Несреќата му предизвикала голем број медицински проблеми, вклучувајќи двоен вид, напади и немање чувство за мирис, слух и вкус. Но најрадикални промени претрпела неговата личност.

Пред несреќата Мујбриџ бил генијален и отворен човек, со добра смисла за бизнис. Бил  ексцентричен и мудар, но исто така бил и гениј.

Прашањето од каде доаѓаат креативните согледувања и како можеме да добиеме повеќе, останува предмет на големи шпекулации илјадници години. Според научниците, тие може да се управувани од замор или здодевност. Платон еднаш рекол дека тие се резултат на божествено лудило. Или, пак, како што Фројд верувал, тие произлегуваат од сублимација на сексуалните желби. Чајковски тврдел дека моментите на еурека се наоѓаат надвор од техничкото знаење.

Неодамна научниците се согласија: креативноста започнува во розовата маса во нашите черепи. Секако дека каква било  повреда на мозокот може да доведе до брза смрт на сите големи визии што ги поседувал човекот.

Меѓутоа, некогаш спротивното е вистината.

По несреќата, Мујбриџ закрепнал доволно добро за да отплови во Англија. Таму неговата креативност го достигнала врвот. Се откажал од книжарницата и станал фотограф, еден од најпознатите во светот. А бил и плоден пронаоѓач. Пред несреќата тој немал поднесено за ниту еден патент. Во наредните две децении по несреќата тој аплицирал за најмалку 10.

Во 1877 година започнал да ги комбинира пронајдоците и фотографијата. Легендата вели дека неговиот пријател, богатиот тајкун Лелан Стенфорд, бил убеден дека коњите можат да летаат - поточно, кога трчаат, сите четири нозе не ја допираат земјата. Мујбриџ рекол дека не е во право.

За да го докаже тоа, тој поставил 12 камери по патеката за коњи што ќе се приклучат автоматски како што омилениот тркачки коњ на Стенфорд ќе почне да трча. Потоа го измислил „зоопраксископот“, уред што му овозможувал да проектира неколку слики во брза сукцесија и да даде впечаток на движење. Така, Мујбриџ го снимил првиот филм - и со тоа докажал дека да, коњите можат да летаат.

Ненадејниот пресврт во животот на Мујбриџ, од обичен книжар во креативен гениј, поттикнал шпекулации дека тоа е директен резултат на неговата несреќа. Можно е да доживеал „ненадеен сован синдром“, со кој се појавуваат исклучителни способности по повреда на мозокот или после болест. Синдромот е исклучителен редок, досега се потврдени само 25 случаи во целиот свет.

1
 Фото: Alamy

Слична судбина имал и Тони Чикорија, ортопедски хирург, кој бил погоден од гром во парк во Њујорк во 1994 година. Громот поминал низ главата и кај него предизвикал неодолива желба да свири на пијано. Набрзо почнал да компонира мелодии што постојано му се вртеле низ глава. Денес тој е пијанист и композитор, и хирург.

Друг случај е Џон Саркин, кој од киропрактичар се трансформирал во уметник откако доживеал мозочен удар. Желбата да црта се појавила веднаш. Тој имал секаков вид терапија - терапија за говор, терапија за уметност, физикална терапија, ментална терапија. „Кога ми дадоа боица во раката и ме прашаа дали сакам да цртам, јас реков да“, раскажува тој.

Оттогаш, неговите дела се објавувани во „Њујорк тајмс“, прикажани се на кавери од албуми, а се опфатени и во книгата на автор што освоил Пулицерова награда.

Меѓутоа, најинтересен случај е Џејсон Паџет, кој бил нападнат во бар во Такома, Вашингтон, во 2002 година. Пред нападот Паџет се имал откажано од факултетот. Неговата страст во животот биле забавите и бркањето девојки. На училиште, не ни влегувал во училницата.

Меѓутоа, таа ноќ сè се променило. Првично бил однесен во болница со сериозен потрес на мозокот. „Се сеќавам дека сè ми изгледаше чудно, меѓутоа, мислев дека тоа е резултат на лековите што ми ги даваа. Следното утро, кога се разбудив и ја видов водата, таа изгледаше како тангентни линии што одат надолу“, вели тој.

Оттогаш, Паџет почнал да го гледа светот во геометриски форми и мрежни линии. Тој станал опседнат со математиката и сега е познат по неговите цртежи на формули како Пи.

Зошто се случило ова и како функционира? И зошто гениите се посебни?

Постојат две водечки теории. Првата вели дека кога сте удрени на главата, ефектите се слични како да земете ЛСД. Се верува дека психоделичните лекови ја зголемуваат креативноста со зголемување на нивото на серотонин, т.н. хормон за среќа во мозокот. Ова доведува до „синестезија“ што истовремено активира повеќе од еден регион, а сетилата што обично се одвоени стануваат поврзани.

На многу луѓе не им е потребна дрога за да го доживеат ова: речиси 5 отсто од населението имаат некоја форма на синестезија, при што најчест тип е „графем-боја“, во која зборовите се поврзани со боите. На пример, актерот Џефри Раш верува дека понеделниците се бледо сини.

Кога мозокот е повреден, мртвите клетки и клетките што умираат протекуваат серотонин во околното ткиво. Ментално, ова ѝ овозможува на личноста да го поврзе неповрзаното. „Откривме трајни промени - можат да се видат врските во мозокот што претходно не биле таму“, вели Берит Брогард, невролог кој раководи со лабораторијата „Брогард“ за мултисензорни истражувања во Флорида.

Меѓутоа, постои алтернатива. Првата индикација се појави во 1998 година кога група невролози забележале дека петмина од нивните пациенти со деменција се исто така неверојатно добри уметници. Поточно, тие имале фронтотемпорална деменција, што е необична затоа што влијае само врз некои делови од мозокот. На пример, визуелната креативност може да биде поштедена, додека јазичните и социјалните вештини постепено се уништуваат.

Меѓу пациентите бил и „Пациентот 5“. На возраст од 53 години се запишал на краток курс за цртање во локален парк, иако претходно немал никаков интерес за таква работа. Со напредувањето на деменцијата, тој започнал да искусува проблеми со зборувањето. Наскоро станал нервозен и ексцентричен, развивајќи порив да бара пари на улица. Како што неговата болест напредувала, така напредувало и неговото цртање - од едноставни цртежи во прогонувачки импресионистички претстави на згради од неговото детство.

За да откријат што се случило, научниците направиле 3Д-скенирања на мозокот на пациентите. Во четири од пет случаи откриле лезии на левата хемисфера. Истражување од 60-тите години што добило и Нобелова награда покажува дека двете половини на мозокот се специјализирани за различни задачи; генерално, десната страна е дом на креативноста, а левата е центарот на логиката и јазикот.

Но левата страна е и еден вид „силеџија“. „Има тенденција да биде доминантен мозочен регион и да ги потисне маргиналните типови на размислување - високото оригинално и креативно размислување“, вели Брогард. Теоријата вели дека како што левата хемисфера на пациентите се оштетувала, така нивната десна хемисфера се ослободувала и започнувала да „цвета“.

Но што е со мејнстрим гениите? Дали оваа теорија може да го објасни нивниот талент?

Земете го предвид аутизмот. Од Даниел Тамер, кој со неверојатна брзина може да направи математички пресметки, до Готфрид Мајнд, кој црта животни со зачудувачко ниво на реализам, таканаречените „аутистични научници“ имаат натчовечки вештини.

genijalnost
Фото: Alamy

Се проценува дека едно од десет лица со аутизам е гениј и постојат докази дека ова нарушување е поврзано со зголемена креативност. Иако е тешко да се докаже, се претпоставува дека голем број гении како Ајнштајн, Њутн, Моцарт, Дарвин и Микеланџело спаѓале во некој спектар на аутизам.

Една теорија сугерира дека аутизмот произлегува од абнормално ниските нивоа на серотонин во левата хемисфера во детството, што го спречува регионот да се развива нормално. Исто како и кај ненадејниот савант синдром, ѝ се овозможува на десната хемисфера да стане поактивна.

Интересно е тоа што многу луѓе со ненадеен савант синдром исто така развиваат симптоми на аутизам, вклучувајќи и социјални проблеми, опсесивно компулсивно нарушување. „Стана толку лошо што кога имав пари, ги прскав со ’лизол‘ и ги ставав во микробранова неколку секунди за да се ослободам од бактериите“, вели Паџет.

„Обично можат да имаат нормален живот, но имаат некаква опсесија“, вели Брогард. Ова е нешто универзално за сите оние што го имаат савант синдромот. Џон Саркин ја споредува неговата уметност со инстинкт. „Не чувствувам дека сакам да цртам, туку чувствувам дека морам да цртам“, вели тој.