Топ-листа на градови со највисоки месечни трошоци за живот во светот

Топ-листа на градови со највисоки месечни трошоци за живот во светот

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Цирих
(Фото: Pixabay)


Дали некогаш сте се прашале колку би вредела вашата плата ако живеевте на друго место? Како што моментално стојат работите, најверојатно најбогато ќе се чувствувате ако живеевте во украинскиот град Одеса, кој на листата се наоѓа на последното, 340. место според трошоците за живот.

Погледнете ја топ-листата на светските метрополи што предничат со цените на живот. Според веб-страницата Expatistan.com, најскап град на светот според трошоците за живот е Хамилтон на Бермудите, а најевтин – украинскиот град Одеса.

За почеток, да објасниме што значи поимот „индекс на цени“, односно „индекс на трошоци за живот“. За да ја пресметаме вредноста на индексот на некој град, почнуваме со доделување на вредноста 100 на референтен град – на пример, во овој случај, Скопје. Кога ќе се утврди референтната точка, индексот на цени на секој друг град во базата на податоци се пресметува со споредба на трошоците за животот во Скопје. Значи, ако градот има индекс на цени 134, значи дека животот таму е за 34% поскап во споредба со животот во Скопје.

Истата веб-страница, освен редослед на градовите, нуди и специфични цени на производи и живот за секој град и можност да се пресметаат и споредат цените за живот во поедини градови. Така, на пример, пресметавме дека животот во Виена е за 99% поскап отколку во Скопје. Во однос на најскапиот град на светот, Хамилтон на Бермудите, кој е поскап од нашата метропола за 300%, тоа и не изгледа така многу.

Хамилтон, Бермуди

Хамилтон е главен град на Бермудите, британско прекуморско подрачје кое се наоѓа источно од Северна Каролина. Градот се наоѓа на северниот брег на пристаништето Хамилтон, најважното на Бермудите. Интересно е дека во Хамилтон живеат само 1.000 жители, иако е главен град. Тие плаќаат по 280 денари за една векна леб, а литар млеко чини 200 денари. Ако сепак одлучите да се преселите тука, за наместен стан од 85 квадратни метри, не во луксузен кварт, ќе треба да издвоите околу 4.000 евра месечно. Две влезници за кино чинат околу 1.300 денари, а едно потстрижување за мажи чини околу 1.500 денари!

Женева, Швајцарија

Швајцарија спаѓа во редот на економски најразвиените земји со највисок стандард на живот во светот. Долгогодишната либерална економска политика овозможи Швајцарија да стане најбогатата европска земја, па затоа и не зачудува фактот што ги зазема второто и третото место на оваа листа. Жителите на Женева имаат натпросечни приходи, но 730 денари за половина килограм бело пилешко месо звучи неверојатно со оглед дека комплетно мени „биг мек“ чини 760 денари! Месечната кирија за наместен стан од 85 квадратни метри чини околу 2.500 евра. Сепак, тоа е за 1.500 евра помалку во споредба со Хамилтон!

Цирих, Швајцарија

Во Цирих ќе најдете стан ист како во Женева, за речиси 500 евра помалку, но во основа овие два града имаат многу слични трошоци за живот. Во Цирих цената на јајцата е највисока на светот: 400 денари за 12 јајца! Ако се двоумите дали да посетите кино или театар, овде одлуката не е тешко да се донесе: две влезници за кино чинат 1850 денари, а за театар – дури 10.500 денари! Тука едно капучино е 300 денари, а половина литар локално пиво – 400 денари. И овде не препорачуваме машко потстрижување – чини 2.240 денари или 35 евра!

Гренд Кајман, Кајмански Острови

Гренд Кајман всушност е најголемиот и најнаселен остров на Кајманските Острови, а таму се наоѓа и Џорџтаун, главниот град. Тука се регистрирани дури 600 банки и големи финансиски институции, а градот е познат како светска престолнина за перење пари поради многу либералните закони и евтината и брза отстапка за регистрација на фирми. Ако некогаш имате потреба да престојувате на ова место, вечера за двајца во локален паб ќе ве чини околу 70 евра, или 4.200 денари, а месечната кирија за наместен стан од 85 квадрати чини околу 2.000 евра, но без режиски трошоци, кои се движат околу 18.000 денари или 300 евра.

Рејкјавик, Исланд

Рејкјавик е главен и најголем град во Република Исланд. Сместен е на југозападниот дел од брегот и е најсеверниот главен град на светот. Веројатно веќе сте чуле приказни за скапотијата на овој град, но сепак зависи што ве интересира. На пример, пиво во локален паб чини 500 денари, додека за еден коктел во клуб ќе треба да издвоите околу 1000 денари. И храната е скапа за наши услови: половина килограм пилешко месо чини 580 денари, а 12 јајца – 360 денари. Сепак, тука треба да се земе предвид и просечната плата, која изнесува околу 3.000 евра. На Исланд здравственото осигурување не покрива и стоматолошки услуги, па лекувањето на еден заб може да чини и половина плата!

Њујорк, САД

Големото Јаболко. Има неверојатно влијание врз глобалната трговија, финансиите, медиумите, уметноста, модата, истражувањата, технологијата, образованието и забавата. Њујорк е важен центар за меѓународниот бизнис и се смета за културен центар на светот. За наместен стан од 85 квадратни метри треба да се издвојат вртоглави 2.500 евра месечно и дополнителни 150 евра на име на режиски трошоци. Цените на храната се слични како и кај нас, но затоа горивото е половина поевтино. Литар гориво чини 37 денари, а месечната карта за градски превоз чини 100 евра.

Луанда, Ангола

Како може градот во државата која до 2002 година беше во крвава граѓанска војна да се наоѓа на толку високо место на оваа листа? По војната градот почна да се развива со невидена брзина, а за тоа помогнаа големите резерви на нафта во таа држава. Според некои податоци, Ангола произведува 1,8 милион барели нафта дневно. Поради тоа, многубројни светски нафтени компании ги довеле своите вработени во Луанда, каде што живеат и работат за прилично високи плати. Тука еден ручек со пијалак во деловен кварт чини околу 20 евра, а килограм јаболка е 400 денари. Цената на интернетот е многу висока – чини над 8.000 денари месечно или околу 120 евра!

Лондон, Велика Британија

Лондон е значаен глобален град и е еден од најголемите светски финансиски центри со најголем бруто-домашен производ во Европа. Главниот град на Велика Британија исто така важи за многу скапа дестинација. Месечната карта за градски превоз чини неверојатни 150 евра. Лебот и млекото чинат по едно евро, така што можеме да кажеме дека храната во продавниците не е прескапа, но работите се поинакви доколку одлучите да вечерате во кафеана. Вечера за двајца во локален паб без пијалак чини околу 40 евра, а ако потоа се почестите со коктел, ќе мора да издвоите по 750 денари, или 12,5 евра за чаша.

Сан Франциско, САД

Сан Франциско е четврти по големина град во Калифорнија и дванаесетти во САД. Според процените од 2009 година, градот има 845.559 жители. Тој е втор град по густина на население во САД, веднаш по Њујорк. А веднаш по Њујорк е и на скалата на потребни трошоци за живот, па дури има и повисоки цени за сместување во споредба со Големото Јаболко. Наместен стан од 85 квадрати во просечен кварт овде достигнува и до 3.000 евра. Горивото е околу 40 денари за литар, а најмногу чинат забавата и ноќните излегувања.

Осло, Норвешка

Главниот град на Норвешка е познат како вонредно скапо место за наши стандарди. Се разбира, ситуацијата не е црно-бела. На пример, можете да најдете облека по достапна цена, но за набавка на алкохол ќе треба да издвоите многу средства. Норвешката влада се бори против алкохолизмот со високи цени и забрана за продажба во дуќаните, освен во специјалните државни маркети кои не продаваат алкохол по 18 часот. Како и да е, половина литар пиво во дуќан чини околу 200 денари, а околу 500 денари во локалниот паб.


Галерија