Во Државниот просветен инспекторат за три години има само еден пријавен случај на сексуално вознемирување во училиште

Во Државниот просветен инспекторат за три години има само еден пријавен случај на сексуално вознемирување во училиште

Подготвил: М.А.М.

Лектор: Ивана Кузманоска

Се работи за случај во средно училиште и за него сѐ уште се води постапка од страна на друг надлежен државен орган, вели директорот на ДПИ, Томе Спировски, во изјава за Факултети мк.



Во Државниот просветен инспекторат (ДПИ) во последните три години е поднесена само една претставка за сексуално вознемирување на ученици од страна на просветен работник.
- Државниот просветен инспекторат, согласно своите законски надлежности, постапува во случаи на психофизичко малтретирање согласно постојната законска регулатива. Во однос на случаи на сексуално вознемирување имаме добиено една претставка во изминативе три години. Се работи за случај во средно училиште и за него сѐ уште се води постапка од страна на друг надлежен државен орган – вели директорот Томе Спировски во изјава за Факултети мк.
Преку иницијативата „Сега кажувам“ многу жени и девојки деновиве објавуваат потресни приказни за сексуално вознемирување што го доживеале и со тоа ја подигаат свеста за овој вид насилство. Голем дел од случаите на сексуално вознемирување и напад што се споделуваат на „Фејсбук“ со хаштагот #СегаКажувам и #TaniTregoј се случиле токму во образовни институции.



Акцијата ја поддржа и Министерството за образование и наука (МОН) и соопшти дека ги охрабрува сите ученици и студенти да пријават вакви обиди или случаи во ДПИ.
Дали некој поднел претставка за сексуално вознемирување или напад во образовна институција во последните три години прашавме и кај народниот правобранител. Ни изјавија дека немале таква претставка.
- Процедурата е таква што и кај нас ако поднесат претставка, истото мора да го направат и до Државниот просветен инспекторат, па веројатно таму ги пријавуваат случаите – ни соопштија од канцеларијата на народниот правобранител.
Ирена Цветковиќ, една од иницијаторките на кампањата „Сега кажувам“, која исто така сподели случај за сексуално вознемирување што го доживеала на факултет од страна на универзитетски професор, ни изјави дека е изненадена што најголем дел од споделените искуства на жртвите се однесуваат на професори и наставници.
- Тоа покажува колку овој тип однесување е раширено, но и толерирано, и тоа онаму каде што најмалку треба да се случува - во образованието. Повеќето споделени приказни се со временска дистанца, така што не знам каква е состојбата сега. Сепак, доколку никој ништо не презел, можеме слободно да очекуваме дека истото се случува – ни изјави Цветковиќ.