За дебелината го обвинувате бавниот метаболизам? Експерт советува како да го промените тоа

За дебелината го обвинувате бавниот метаболизам? Експерт советува како да го промените тоа

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

debelina
Фото: Thinkstock

Кога се зборува за здрави навики во исхраната и за слабеење, најважен е метаболизмот, а неговата улога во телото често погрешно се толкува. Склони сме кон поедноставни сфаќања на метаболизмот, па велиме дека забавува како што старееме и затоа ни е потешко да ги согориме консумираните калории. Експертот за фитнес и нутриционист Џ.Џ.Вирџин потсетува на тоа дека метаболизмот е многу покомплициран од тоа.

Во магазинот „Мајнд боди грин“, Вирџин, која три децении проучува како начинот на живот и изборот на храна влијаат врз метаболизмот, пишува дека одржувањето здрава тежина не е броење калории, туку мораме да ги направиме и начинот на живот и исхраната такви што ќе го охрабрат телото да напредува. Ова е добра вест бидејќи значи дека метаболизмот е приспособлив и може да се „рестартира“, а не е нешто што сме го стекнале со раѓање. Доколку сметате дека вашиот метаболизам е бавен, проверете дали ги имате класичните знаци за бавен метаболизам на кои укажува Вирџин и како би можеле да ги промените.

Гасови и надуеност


Ако кај вас гасовите и надуеноста се нормална појава по јадење, тоа може да укажува дека нешто не е во ред. Голем број луѓе страдаат од некакви дигестивни проблеми. Сето тоа води до болки во телото, киселини, недостиг на хранливи материи, умор и бавен метаболизам.

Упорно дебелеење


Бавниот метаболизам се искажува со качување килограми. Ќе откриете дека вообичаеното вежбање и диетите што биле ефикасни во минатото повеќе не функционираат. Оваа состојба е многу честа, а Вирџин ја нарекува „отпор на губење на тежината“. Според неа, нетолеранцијата на одредена храна често придонесува до неможност да се изгубат килограми. За намалување на резистенцијата, од исхраната треба да се исфрлат главните виновници, како глутен, млеко и млечни производи, соја, јајце, кикиритки и вештачките засладувачи.

Нерамнотежа на глукозата

Ако сакате да каснете нешто благо или постојано имате потреба за грицки, може да имате флуктуации во нивото на шеќер во крвта. Ако попуштите пред желбите, ја влошувате ситуацијата. Кога шеќерот ќе се крене, паѓа енергијата, намалена е способноста за концентрација, поспани сме, лошо помниме, немаме мотивација. Вирџин советува да јадеме чисти протеини, здрави масти и влакна при секој оброк за да ја држиме настрана лошата храна. Тука е клучен појадокот, вели Вирџин - добро е да појадуваме еден до два часа по будењето за да спречиме промена на вредноста на шеќерот, што резултира со промени во енергијата и расположението.