Детали за новата програма за основно образование: За три саати неделно ќе им се скрати седењето во клупите на првачињата

Детали за новата програма за основно образование: За три саати неделно ќе им се скрати седењето во клупите на првачињата

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Вкупното време што учениците ќе го потрошат на инструкции изнесува 12 часа неделно. Во споредба со старата програма (15 часа и 20 минути), има намалување на наставата за цели 3 часа.

Со новите наставни програми што ги предлага Министерството за образование и наука првачињата ќе поминуваат помалку време во училиште за цели три часа неделно. Тие сега во просек во клупите се по 17 часа и 40 минути во текот на неделата, а со новата програма во училиште ќе поминуваат по најмногу 14 часа и 20 минути.

Споени предмети, намален фонд на часови

МОН предлага во текот на неделата учениците од прво одделение да имаат три дена по четири наставни часа, а два дена по 3 наставни часа. Вкупното време што учениците ќе го потрошат на инструкции изнесува 12 часа неделно. Во споредба со старата програма (15 часа и 20 минути), има намалување на наставата за цели 3 часа. Ако на ова се додаде и времето потребно за одмор, вкупното минимално време за престој на учениците од прво одделение изнесува 14 часа и 20 минути и е помало во споредба со старата програма, каде што изнесуваше 17 часа и 40 минути.

Како МОН го постигна ова драстично намалување на времето поминато во училиште? Според предлог-верзијата за основното образование што МОН ја става на јавна расправа, покрај спојувањето на некои предмети, се планира и намален фонд на часови за мајчин јазик и за математикa. Ако се изгласа новата програма, првачињата ќе имаат два наставни часа помалку по мајчин јазик и еден наставен час помалку по математика. Според старата програма, првачињата имаа шест часа неделно по мајчин јазик, или 240 минути, а сега ќе имаат четири часа неделно, или 160 минути. Математиката беше застапена со пет часа неделно, а сега ќе биде со четири.
Музичко и ликовно се споени во предметот Уметност, кој ќе биде застапен со 3 часа неделно. Физичко и Англиски остануваат со ист број на часови. Природа и Општество исто така се спојуваат во еден предмет – Светот околу нас, кој ќе се учи три пати неделно.


Мајчин јазик со два часа помалку

Сега првачињата имаат 23 наставни часа неделно, или 920 минути, а со новата програма се планирани 18 часа неделно, или 720 минути за седење во клупа. Во образложението на МОН за предлог-измените стои дека за мајчин јазик се намалува бројот на програмски подрачја за учење.
- При анализата на досегашните наставни програми по овој предмет е констатирано дека некои цели/содржини од постојните подрачја се прешироки и се повторуваат. Во новиот концепт програмското подрачје слушање и говорење и програмското подрачје изразување и творење се дел од подрачјето комуникација и јазик, со што се обезбедува и помало оптоварување на учениците – пишува во документот.
Неделниот фонд на часови од 6 се намалува на 4 часа неделно.
- Планирано е поради развојните карактеристики на децата и периодот на адаптација во училишната средина, во прво одделение тие временски да се покусо во новата средина, а престојот постепено да се продолжува секоја наредна учебна година. Ова намалување на фондот на часови кореспондира со намалувањето на содржините што ја оптоваруваа претходната програма. Го овозможува и можноста од интегрирање на целите во рамките на предметот, а особено со другите предмети, со што активности на мајчин јазик не се реализираат единствено на тие 4 часа – се вели во образложението.



Првачињата нема да учат да бројат до 100

Промени се предлагаат и за предметот математика. Од МОН утврдиле дека при ревидирањето на постојната наставна програма по математика се забележани низа недоследности во однос на другите наставни предмети што се изучуваат во прво одделение.
- Во наставата по мајчин јазик детето само ги препознава големите печатни букви, а во програмата по математика се забележува заложбата за решавање задачи, што подразбира и пишување на броеви. Скратена е вкупната оптовареност на децата по сите наставни предмети во прво одделение, па така наставата по математика е застапена со 4 часа неделно, наместо 5 часа. Вредно е да се напомене дека новата предлог-наставна програма по математика ги фузира програмските подрачја (теми) од причини што при ревидирањето на претходните забележливо беше нивно повторување – стои во предлог-документот.
Друга новина во новата предлог-наставна програма по математика е дека децата низ игра ги учат броевите до 10, наместо до 20, и бројат најмалку до 20, наместо до 100. Во новата предлог-програма, за да се одбегне пишувањето и за да се почитуваат развојните карактеристики на децата од прво одделение (5-6 години), математичките операции се сведени на ниво на конкретни операции (моделирање, цртање, игра).
- Новата предлог-наставна програма по математика е поедноставена, не поради тоа дали детето на оваа возраст може, туку дали треба да се соочува со поставување повисоки стандарди за изучување математички поими што не се соодветни на неговите развојни карактеристики – пишува во документот.
Наставниот план и програми за прво одделение имаат задача да ги реализираат следниве цели:
- Првото одделение треба да обезбеди сигурен и мирен „премин“ во училишна средина.
- Утврдување на индивидуалното ниво на развој и развојните можности на секое дете.
- Утврдување на потенцијалите, но и афинитетите на секое дете.
- Усвојување на неопходните почетни нивоа на знаења, вештини и способности.
- Поттикнување на љубопитноста.
- Поттикнување на критичкото мислење.
- Развивање на компетенциите за учење, како се учи.
- Поттикнување на самодовербата како услов за самостојна работа.
- Поттикнување на интеракцијата како услов за тимска работа.
- Почеток на интензивна социјализација и поттикнување на саморефлексија и рефлексија за доброто и злото како услов за самоизградба и изградба на одговорен член на заедницата.
 - Градење на личниот идентитет и интегритет – почитување на себеси и на сопствените специфики.
- Свесност за припадност кон заедницата, но и почитување на разликите. - Учење низ игра.