Како Сонцето ќе ја уништи Земјата?

Како Сонцето ќе ја уништи Земјата?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

јадро
Фото: Reuters

Ако се плашите од удар на метеори, инвазија на вонземјани, нуклеарна војна и слични ужасни сценарија што нашата планета ќе ја претворат во немилосрдна средина, не грижете се. Сонцето ја подготвува својата апокалипса што е апсолутно неминовна и, што, за наша среќа, нема да се случи идната недела, туку за неколку милијарди години.

Самата процедура ќе биде доста болна, а за неа, помалку или повеќе, ќе биде одговорен водородот. Всушност, Сонцето секој ден длабоко во своето јадро ќе гори атоми на водород и молекули на хелиум. Овој процес се одвива неверојатно брзо. Паралелно со зголемувањето на концентрацијата на хелиум, Сонцето се намалува и со тоа предизвикува забрзување на процесот на нуклеарна фузија, што значи дека тоа ќе почне да исфрла многу повеќе енергија. На секои милијарда години, поради овој процес, Сонцето ќе станува за 10 отсто посветло.

Иако можеби 10 отсто не е многу, последиците врз нашата планета би можеле да бидат апсолутно катастрофални. Предвидувањето на специфични сценарија што би можеле да ѝ се случат на Земјата откако Сонцето ќе стане посветло е прилично непрецизно, но генералната идеја е дека зголемената топлина на Сонцето ќе предизвика испарување на водата од површината и нејзино задржување во атмосферата. Водата во ова сценарио ќе ја преземе улогата на гас со ефект на стаклена градина, што ќе привлече дополнителна топлина и ќе предизвика уште поголемо испарување.

1
Вака еден ден ќе изгледа Земјата/Фото: Wikimedia Commons

Пред Сонцето да остане без водород, неговата високоенергетска светлина ќе ја бомбардира нашата атмосфера и ќе ги подели молекулите на вода што ќе ја напуштат атмосферата како водород и кислород. Со други зборови - Земјата буквално ќе се исуши.

10 отсто посветло Сонце на секои милијарда години значи дека Сонцето за четири милијарди години ќе биде за 40 отсто посветло. Тоа ќе ги свари океаните на Земјата и ќе ги стопи ледените полови. По ова нашата планета ќе стане неподносливо топла и сува карпа - нешто слично на Венера.

За четири-пет милијарди години Сонцето ќе помине низ последниот атом на водород и полека ќе започне со горење на хелиумот. Откако ќе престане да гори водород во јадрото, Сонцето ќе стане црвен гигант кој ќе помине околу милијарда години ширејќи и палејќи хелиум во своето јадро. Неговата маса ќе стане сè помала поради отфрлањето на надворешните слоеви, а со неа ќе падне и гравитацијата што ги привлекува планетите. Откако Сонцето ќе стане црвен џин, неговото јадро ќе стане жешко и густо, додека надворешниот слој ќе се прошири и ќе ги проголта Меркур и Венера. Од Марс нема да остане ништо, а Земјата целосно ќе биде „испржена“.

Откако ќе го потроши горивото, Сонцето ќе стане нестабилно и ќе почне да пулсира. Со секој пулс ќе исфрла слоеви од својата надворешна атмосфера сè додека од него не остане жешко и прилично тешко јадро опкружено со планетарна маглина. Јадрото што се нарекува Бело џуџе секој ден ќе станува сè поладно, до моментот кога ќе стане студено Црно џуџе.

Но, не грижете се - до тој момент ќе имаме уште многу можности за сами да си ја запечатиме судбината.