Научниците го идентификувале физичкиот извор на анксиозност во мозокот

Научниците го идентификувале физичкиот извор на анксиозност во мозокот

Подготвил: М.П.

Лектор: Ивана Кузманоска

Не можеме да се чувствуваме безбедно цело време, но еден ден најверојатно и ќе можеме. Нова студија ги анализирала невролошките основи на анксиозноста во мозокот, па се обрнало внимание на „анксиозните клетки“ лоцирани во хипокампусот, кој не само што го регулира анксиозното однесување туку може да биде контролиран и од зрак светлина.


Откритијата, засега демонстрирани при експерименти спроведени на лабораториски глувци, може да понудат надеж за милиони луѓе низ светот што имаат анксиозни нарушувања преку креирање нови лекови кои ќе ги „замолчат“ невроните што ја контролираат анксиозноста.

Научниците користеле техника наречена „калциум отсликување“, преку вметнување минијатурни микроскопи во мозоците на глувците за да се сними активноста на клетките во хипокампусот. Тимот на научници креирал специјални лавиринти, каде што некои патеки водат до отворен простор и подигнати платформи. Изложените средини се познати дека доведуваат до поттикнување на анксиозноста кај глувците поради зголемената ранливост кон предаторите. Настрана од безбедноста на ѕидовите, нешто се случило во главите на глувците – колку што се зголемувала анксиозноста кај нив, толку поголема била активноста на невроните во хипокампусот.

Излезот на овие клетки бил следен до хипоталамусот, регион во мозокот кој, меѓу другото, ги регулира хормоните што ги контролираат емоциите. Бидејќи овие исти регулирања се случуваат и кај луѓето, научниците претпоставуваат дека анксиозните неврони се можеби дел и од човековата биологија. Тие пронашле начин за да ги контролираат клетките, барем кај глувците. Насочувајќи зрак светлина кон клетките, тие успеале да ја намалат нивната активност, а со тоа се намалила и анксиозноста. Глувците тогаш дури имале потреба повеќе да го истражуваат лавиринтот.

Следниот чекор ќе биде да се открие дали истиот начин може да се употреби и кај луѓето за да се намали човековата анксиозност.