Спорот за името меѓу Македонија и Грција низ призмата на светските медиуми

Спорот за името меѓу Македонија и Грција низ призмата на светските медиуми

Подготвил: М.П.

Лектор: Ивана Кузманоска

Европската земја што прогласи независност пред повеќе од четвртина век и е признаена како целосна нација толку време сè уште има проблеми со името. За некои, земјата со два милиона жители, со главен град Скопје, е Македонија, но за некои никогаш нема да биде толку едноставно, стои во извештајот на „Њуз Австралија“.


Нацијата која се наоѓа во центарот на Балканскиот Полуостров е тема на разговор во Брисел, Њујорк и Женева. Во текот на викендот повеќе од 100.000 луѓе се собраа во Атина да протестираат за можниот компромис меѓу двете земји, со цел Скопје да го користи зборот „Македонија“ во своето официјално име. Масата народ во Грција извикуваше: „Македонија ѝ припаѓа на Грција!“

На прашањето каде е Македонија, светските медиуми пишуваат дека се работи за добро прашање, но без прецизен одговор. За Скопје, Република Македонија е нивна земја. За Атина, Македонија е регион во центарот на Северна Грција со Солун како најголем град. Античкиот дел од Македонија вклучува територија од двете споменати места, а целата античка Македонија се простирала и во делови од денешна Бугарија, Албанија, Србија и Косово.

Светските медиуми пишуваат дека луѓето во Македонија во поголем дел зборуваат македонски јазик, а дел од нив албански јазик. Македонскиот јазик воопшто не е поврзан со грчкиот, кој го зборуваат во делот од Грција наречен Македонија. Пред независноста во 1991 година Македонија беше дел од Југославија со сосема истите граници и име. Атина, пак, тврди дека и античка и модерна Македонија се во границите на Грција. Притисокот од Грција доведе до тоа Македонија да се претставува како Поранешна Југословенска Република Македонија или скратено ФИРОМ. Сепак, многу посетители едноставно ја нарекуваат Македонија, пишуваат светските медиуми. Но Македонија не е дел од НАТО и од Европската Унија токму поради тие причини и поради притисокот од Грција.

Александар Велики е прифатен од владата во Скопје како национална историска фигура. Атина, пак, упатува остри критики кон споменикот на Александар и неговата улога како историски херој во Скопје бидејќи родното место на Александар е во границите на модерна Грција.

Отсекогаш постоеле стравови кај Грција дека ако на Скопје му се дозволи да го користи името Македонија како официјално, подоцна ќе бара делови од тој регион во Грција. ФИРОМ, пак, како израз не доаѓа предвид поради тоа што се потпира на Југославија, која одамна веќе не постои. Проблемот постои долго време, но сега меѓународната заедница се обидува да помогне во неговото решавање. Метју Нимиц е вклучен како медијатор, а и покрај протестите, светските медиуми оценуваат дека има надеж.

Македонија има нов претседател на владата, Зоран Заев, кој предложи отстранување на името „Александар Велики“ од аеродромот во Скопје. Заев одржа средба со Ципрас во Давос минатиот месец, каде што Ципрас истакна дека Грција може да прифати композитно име кое ќе го вклучува и зборот „Македонија“.
Има предлози Македонија да го користи тоа име интерно, но во интернационалните односи да биде „Северна Македонија“. Предлозите од Грција за „Вардарска Македонија“ не се прифатени, а владата во Скопје навести поставување на ова прашање на референдум. Референдум се очекува и во Грција, пишуваат светските медиуми.