Колку пари ѝ требаат на Македонија за да организира олимписки игри?

Колку пари ѝ требаат на Македонија за да организира олимписки игри?

Подготвил: Д.Ф

Лектор: Ивана Кузманоска

Колку пари ќе потроши Македонија доколку некогаш се кандидира и успее да ја добие организацијата на некои летни или зимски олимписки игри? Одговорот на ова хипотетичко прашање го побаравме во пресрет на отворањето на годинашните Зимски олимписки игри, кои од денеска до 25 февруари ќе се одржуваат во градот Пјонгчанг во Јужна Кореја.


Извор: Pixabay

Трошоците за организација на најголемата и најпрестижна масовна спортска манифестација во светот ги пресмета и спореди една студија спроведена на Универзитетот „Оксфорд“, на која се работело во текот на 2016 година. Според финалниот извештај од оваа студија, организацијата на едни олимписки игри во просек чини околу 7,3 милијарди евра, односно толку пари просечно потрошиле земјите-домаќини на зимските и летните олимписки игри во изминатите десет години. Притоа, најскапи летни олимписки игри биле оние во Лондон во 2012 година, за чија организација биле потрошени 12,2 милијарди евра. Најскапа зимска олимпијада, пак, била таа во рускиот град Сочи во 2014 година, која чинела 17,9 милијарди евра.

Интересно е што многу голем дел од финансискиот товар за организација на игрите паѓа врз грбот на даночните обврзници на земјата-домаќин. Меѓународниот олимписки комитет финансиран од приватниот сектор задржува 10 отсто од своите приходи од договорите за телевизиски права и од спонзорствата. Останатите 90 отсто од овие приходи Комитетот ги издвојува за поддршка и промоција на олимписките игри и светскиот развој на спортот. Овие средства вклучуваат пари за националните олимписки комитети и финансиска поддршка за спортот во земјите низ светот. Според студијата на „Оксфорд“, за олимписките игри во Сочи, Меѓународниот олимписки комитет дал 679 милиони евра. 

Судејќи според моментната состојба, Македонија уште долго нема да биде потенцијален кандидат за земја-домаќин на некои олимписки игри. На оваа зимска олимпијада нашата земја ќе има тројца претставници кои ќе се натпреваруваат во алпски и нордиски дисциплини, како и шестчлена делегација која е поддршка на македонскиот олимписки тим. Боите на Македонија во Пјонгчанг ќе ги бранат Антонио Ристевски во алпско скијање и Ставре Јада и Викторија Тодоровска во крос кантри. Ристовски ќе настапи во дисциплините слалом и велеслалом, Јада во спринт трката и трката на 15 километри, додека Тодоровска ќе се натпреварува во дисциплината на 10 километри.

Церемонијата на свеченото отворање ќе се одржи денеска на Олимпискиот стадион во Пјонгчанг, со почеток во 12 часот напладне по македонско време.