Првата риба способна да оди никогаш не го напуштила океанот

Првата риба способна да оди никогаш не го напуштила океанот

Подготвил: М.П.

Лектор: Ивана Кузманоска

Некои од првите морски суштества што имале способност да одат не ја искористиле својата еволуциска предност и останале во океаните, се вели во најновото истражување со кое се тврди дека способноста за одење потекнува од многу порано отколку што се верувало.

фотоизвор: phys.org

Истражувањето е базирано на генетички анализи на мозочните клетки кај рибата од видот „Leucoraja erinacea“, едно од најпримитивните животни со ’рбет. Се открива дека мозочниот систем што го контролира движењето е многу сличен со оној кај цицачите. Со ова се заклучува дека овие морски суштества биле првите што научиле, односно добиле способност за одење. Научниците ги снимиле овие движења, кои биле забележани и порано:



„Leucoraja erinacea“ е последниот познат предок на ајкулите и цицачите, па таа генска историја е важна во овој случај. Научниците ги споредиле експресиите на гените со гените активирани во некои видови ајкули, па донеле заклучок дека движењето на рибата можеби потекнува од пред 400 милиони години.
Рибата нема нозе, но има два пара перки. Поголемите ѝ овозможуваат да плива, а помалите ѝ дозволуваат да оди на дното од океанот, со движења налево и надесно. Тие движења овозможуваат научниците подобро да го анализираат одењето.

Освен што студијата дава информации за тоа кои животни ја имаат способноста за одење, таа ни открива и податоци за тоа како моторните неврони функционираат во мозокот. Со други зборови, научниците можат да истражуваат и да дознаат повеќе за начинот на кој одиме и како може да бидат третирани болестите на моторниот систем. Рибите се едноставен модел за проучување со оглед на тоа дека имаат 6 мускули, наспроти стотиците што ги користи човекот.

Изгледа дека способноста за одење се открива длабоко во океанот наместо на копно. Сепак, студијата не го дава одговорот на прашањето зошто овие риби не ја искористиле својата способност за да истражуваат и надвор од својот дом? Можеби никогаш нема да дознаеме, но научниците ќе продолжат со анализите на уште поголеми риби.