Што покажуваат нутритивните декларации на производите?

Што покажуваат нутритивните декларации на производите?

Подготвил: М.П.

Лектор: Ивана Кузманоска

Поголемиот дел од спакуваната храна на пазарот содржи нутритивни декларации и список со состојки на пакувањето. Нутритивните декларации на спакуваните прехранбени производи се информации што произведувачот ги пишува за потрошувачите.


Произведувачите се задолжени да ги дадат овие информации за процесираната храна во многу развиени земји, како што се Канада и САД. Причината за ваквата политика лежи во намерата потрошувачите да се информираат за хранливата вредност на производот и да направат поздрав избор кога е во прашање храната. И на производите во нашата земја се наведени тие информации, како на пример состојките, калориите, хранливата вредност и, се разбира, потеклото на производот, со рокот на траење.

Нутритивната декларација може да се подели на 3 главни дела што се одвоени со задебелени линии. Информациите во првите два дела може да варираат од производ до производ, но се работи за информации што ги кажуваат хранливата вредност и калориите на производот. Третиот дел содржи напомена за дневни вредности за храната што содржи 2.000 и 2.500 калории. Најчесто ја има на производите во поголеми пакувања.

Порција

Под нутритивните податоци често се наоѓаат и големината и бројот на порции на самото пакување. Се работи за количината на храна за која производот е наменет и треба да се внесе според препораките на едукативните материјали за потрошувачите. Најчесто се изразува во грамови или во милилитри, колку што прават една порција.

Калории

Овој податок ни кажува колку енергија содржи храната по порција и колку енергија потекнува од мастите. Се изразува во килоџули или килокалории.

Список со состојки

Состојките се наброени по ред, почнувајќи од онаа што ја има во најголема количина во производот. Лицата што имаат алергија на храна треба секогаш да го проверуваат списокот со состојки бидејќи може да содржи материи на кои се алергични. Најчесто тоа се јајца, соја, глутен и слично.

Дневна вредност

Се работи за стандарден водич за лица што внесуваат 2.000 калории секој ден. Дневната вредност во проценти служи за да се утврди дали порцијата со храна содржи многу или малку од одредените хранливи состојки за лице чии дневни енергетски потреби се 2.000 калории. Се препорачува да се избира храна со најнизок процент (5% или помалку) на заситени масти, холестерол, натриум и шеќер. Преголемата количина од овие состојки може да го зголеми ризикот за многу хронични болести.

Нутритивни етикети


Ова е брз начин за да се истакнат одредени хранливи материи или состојки што го интересираат потрошувачот. Обично се наоѓаат на предната страна на пакувањето. Системот за декларирање ги предупредува потрошувачите за количините хранливи материи што треба да ги консумираат умерено. Производот кој содржи високо ниво на хранливи материи, како масти, холестерол, шеќер и слично, е најчесто означен со црвена боја, жолтата значи умерено ниво, а зелената - ниско.