ЗОИ како шанса за пребегнување: Се очекуваат ли дезертирања на Севернокорејци?

ЗОИ како шанса за пребегнување: Се очекуваат ли дезертирања на Севернокорејци?

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Корејски навивачи
(Фото: Reuters)


Моментално во Јужна Кореја живеат 31.000 лица што во изминатите децении на различни начини пребегнале од северниот во слободниот, јужен дел од Корејскиот Полуостров. Иако се потребни решителност и храброст за ваков чекор затоа што границата е преплавена со мини и митралески гнезда, а движењето во странство е ограничено на сосема мал број севернокорејски граѓани – сепак, пребегнувања има. И тоа секоја година.

Последното пребегнување го извршиле двајца севернокорејски војници, кои минатата година ја напуштиле својата погранична единица и во агресивно бегство, очигледно знаејќи каде се поставени мините, успеале да стигнат до јужнокорејските постројки. Притоа, еден бил тешко ранет, но преживеал.

Кога пред неколку дена во Јужна Кореја слетаа авиони со околу 400 севернокорејски претставници – спортисти, лекари, тренери, функционери, новинари, оркестар, навивачи..., тоа стана најмногубројната група што кога било ја преминала границата на раздвојување меѓу двете Кореи. Секако, тоа веднаш го предизвика и премолченото прашање - колкумина од нив ќе се вратат назад во својата држава откако Игрите ќе завршат, односно колку од нив ќе ја искористат можноста да пребегнат во слобода?

Добро упатените стручни лица од двете држави тврдат во еден глас – тешко дека ќе се случи тоа. И тоа од најмалку две причини.

Прва причина: сите што допатуваа на ЗОИ под знамето на Северна Кореја бескомпромисно му се верни на севернокорејскиот режим. Кога станува збор за спортистите, тие не само што постигнале врвни резултати во својата спортска гранка туку имаат и кристално чисти партиски досиеја. Како тие лично, така и нивните семејства. Диктаторските системи така функционираат – за сè водат сметка. Едноставно, сите што се дел од севернокорејската делегација на овие ЗОИ се припадници на елитата на НДР Кореја.

Втора причина: најмалку 10% од сите севернокорејски претставници во Пјонгчанг всушност се агенти на државните служби. Тоа не е измислица на западните медиуми, туку и изјава од Ји Јонг Ли, и самиот поранешен севернокорејски спортист што пребегал, а денес е претседател на Здружението на пребегнати во Јужна Кореја, со седиште во Сеул.

„На секои 10 члена на репрезентацијата има најмалку еден припадник на безбедносните служби. Тие се меѓу новинарите, лекарите, музичарите... Тие внимаваат да не дојде до какво било девијантно однесување“ – вели тој.

Треба да се додаде уште нешто. Спортистите во Северна Кореја сепак имаат поголеми привилегии во однос на другите. Имаат поголеми станови, повеќе храна. Ситници што не ги принудуваат на бегство. Токму затоа и последните два случаи на спортски пребегнувања од Северна Кореја се случиле одамна. Во 1991 година еден џудист пребегал кога стапнал на шпанска територија на некој турнир, додека вториот настан бил забележан во 1997 година кога една хокеарка спас побарала на едно гостување во Кина.

Значи, во овој век воопшто не се забележани спортски пребегнувања на севернокорејски спортисти, кои никогаш не се случиле за време на некои олимписки игри. Затоа и шансите да се случи такво нешто во Пјонгчанг се речиси минимални.