„Поетската ноќ во Велестово“ не доби денар за јубилејот, но „Дитет е Наимит“ во Тетово ќе се прави со 800.000 денари

„Поетската ноќ во Велестово“ не доби денар за јубилејот, но „Дитет е Наимит“ во Тетово ќе се прави со 800.000 денари

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk Сребра Ѓорѓијевска / srebra,gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Здружението „Дрита агб“ од Гостивар за проектот „Афирмација и одржливост на албанската култура преку промоција на традиционалните обичаи на албански сунет во Македонија“ побарало 610.000 денари, а Министерството одобрило 500.000 денари. Здружение фолклорна група „Копачка“ од делчевското село Драмче за прослава на јубилејот „70 години Копачка“, кое е заштитено како нематеријално светско културно наследство од УНЕСКО, побарало 120.500 денари, а одобрени му се 80.000 денари


Манифестацијата што не доби ниту денар поддршка

Двајца реномирани сликари од иста генерација. За изложба на едниот 120.000 денари, за другиот - 10.000 денари. Културни манифестации со мала традиција поддржани со многу повеќе пари од долгогодишни, докажани фестивали и манифестации. Измешани реакции деновиве предизвикаа резултатите од Годишната програма на Министерството за култура. Се добива впечаток дека културниот колач е поделен за сите по малку, но за неколкумина малку повеќе. За поздрав е транспарентноста, односно што првпат се објавуваат побараните и одобрените суми за сите проекти и имињата на членовите на комисиите што решавале за нив.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски, кога ја соопшти програмата, изјави:
- Анализата на резултатите од конкурсот покажува дека годинава имаме далеку порамномерна и поправична дисперзија на средствата од минатите години, во однос на етничката, географската, родовата застапеност, застапеноста на маргинализирани заедници, застапеноста на различните дејности и застапеноста на проектите што доаѓаат од вонинституционални апликанти. Со ова ја демонстрираме и во практика посветеноста кон нашите културни политики, кои се стремат кон изградба на едно општество за сите граѓани, децентрализација на културата и пристап до културата за сите граѓани еднакво.


Министерот Роберт Алаѓозовски: градиме општество за сите граѓани

Големите инвестиции годинава ќе повлечат голем дел од буџетот за култура. Според најавите, годинава ќе почне изградбата на театрите во Струмица и во Тетово, ќе бидат санирани Драмскиот, Албанскиот и „Театар Комедија“, Офицерскиот дом во Битола, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, платото пред Музејот на Македонија во Старата скопска чаршија.

Театарска дејност


Очекувано најсолидна поддршка има Македонскиот народен театар, на кој му се одобрени шест претстави. Најскапи проекти (од по 3 милиони денари) ќе работат Иван Поповски („Рони – ќерката на разбојникот“) и Паоло Маџели („Месец дена на село“). Драмскиот театар доби 7.250.000 милиони денари за седум претстави, а Народниот театар од Битола со 7,7 милиони денари ќе направи пет претстави и ќе го организира Фестивалот на Шекспир. Театарот за деца и младинци може да се пофали со добра поддршка годинава – четири премиери, според програмата.


Претставата „Зад кулисите“ на Кумановскиот театар

За малата поддршка годинава гласно реагираа актерите од Кумановскиот театар, кои добија само два проекта и вкупно 1,6 милион денари. Тие годинава одбележуваат 70 години од основањето.
- Револтирани сме и протестираме поради долгогодишниот третман со кој се маргинализира, уназадува и уништува нашиот театар. Новиот состав на надлежното министерство вети дека ќе се заложи за пофер дистрибуција на парите од центарот кон маргините. Се понадевавме дека, конечно, некој ќе има слух за нашите заложби. Разочарано констатираме дека кон нас само продолжи практиката на дополнително осиромашување на послабиот и зајакнување на позициите на најсилните. Ова е наш личен револт, револт на актери. Од една страна, ние ја делиме судбината со другите колеги низ Македонија и работиме во неподносливо лоши услови – велат од ансамблот на Кумановскиот театар.
Мала финансиска поддршка доби и Велешкиот театар, кој исто така одбележува седум децении постоење. И другите театри од земјава добија во просек по 3 милиони денари за реализација на програмата.
По три претстави имаат Турскиот и Албанскиот театар од Скопје. Но, Турскиот доби 2,9 милиона денари, а Албанскиот – 5 милиони денари. Овој театар дополнително ќе добие пари за да ја направи претставата со која ќе биде свечено отворен реновираниот театар.
Пет претстави му се одобрени на Тетовскиот театар, од кои само една е на македонски јазик. Сосе театарскиот фестивал што го организира оваа институција, ќе има 6,8 милиони денари за реализација на програмата.

Издаваштво и манифестации

Евидентно е дадена поголема поддршка на манифестации што се организираат на албански јазик или на уметници од албанска националност, за сметка на другите малцинства. Манифестацијата „Рацинови средби“, која се одржува од 1964 година, ќе добие 250.000 денари, а побарала двојно повеќе. За 22. издание на Меѓународната литературна манифестација „Дитет е Наимит“ од Тетово ќе бидат одвоени 800.000 денари.
За литературната манифестација „Движењето нѐ обединува“, Здружението „Традута“ од Тетово ќе добие 450.000 денари. За локален саем на албанските издавачи се доделени 250.000 денари. Прозниот фестивал „Про-за Балкан“ од Скопје, кој донесе врвни имиња од балканската и од европската прозна сцена, за годинава има само 200.000 денари. Фестивалот на античката драма „Стоби“ има само 300.000 денари буџет, што е за 500.000 денари помалку од лани. Манифестацијата „Поетската ноќ во Велестово“ не доби поддршка за 30. издание и организаторите реагираа на одлуката на комисијата.
- Уште повеќе сме разочарани што министерот Алаѓозовски вети дека предност ќе имаат манифестациите со традиција и со уникатен концепт. „Поетската ноќ во Велестово“ е втората најстара книжевна манифестација во Македонија, веднаш по Струшките вечери на поезијата, која континуирано се одржува веќе 30 години. Сакаме да веруваме дека се работи за грешка, пропуст. Се надеваме дека грешката ќе биде исправена - велат од манифестацијата.


Од фестивалот „Сонот на облачето“

На својот фејсбук-профил реагираше актерот Круме Стафановски, организатор на 6. фестивал „Сонот на облачето“. Тие добија само 150.000 денари за да го организираат, а побарале 675.000 денари.
- По она што го објави Министерството за култура, си поставив неколку прашања. Дали власта има концепт и критериум според кој се оценуваат (бодираат) апликациите и ако има, кои се? Дали јас како Македонец, работејќи на македонски јазик, сум помалку вреден од моите сонародници од други националности? Дали мислат дека има премногу голема театарска продукција за деца, па поради тоа за фестивалот ни даваат помалку од поранешните скромни средства – прашува Стефановски. Најголема поддршка во издавачката дејност имаат издавачите „Или Или“ и „Литера гроуп“ со по девет одобрени книги, следуваат „Темплум“, „Антолог“, „Три“ со осум, „Бегамот“, по седум – „Авант прес“, „Панили“, „Сигма прес“...

Музичка дејност

Солидна поддршка добија големите фестивали Охридско лето, Скопски џез-фестивал, продукцијата „Авалон“ по повод 25 години дејност. Македонската култура ќе биде претставена и во светот. МОБ ќе ја изведе „Андреа Шение“ во Лече, Италија, Македонската филхармонија ќе оди во Сарагоса и Хуеска, Шпанија (со одобрени колку и побарани 3.008.000 ден/). Битолскиот театар ќе гостува во Полска и во Ерменија со вкупно три свои претстави.
Големи се разликите во сумите што ги добиваат уметниците за слични настапи – на пример, сопранот Ана Ројдева-Талевска за концерти во Куманово и во Штип ќе добие 35.000 денари, додека сопранот Бесарта Муртезани за настап во Тетово ќе добие 120.000 ден.
За концерт на детето-пејач Виган Максути во Центарот за култура во Тетово, Министерството за култура ќе одвои 300.000 денари, додека за концертна промоција на албумот „Мајчин јазик“ на легендата Влатко Стефановски ќе даде 100.000 денари помалку (а биле побарани околу 547.000 ден).

Музејска дејност

Во програмата се финансирани многу проекти од музејската дејност. Сите национални и локални институции ќе работат, а проектите, во зависност од потребите, се финансирани од 20.000 денари до 400.000 денари. Помалку се, но некои добиле и буџет од 500 до 800.000 денари. Во овој дел ги селектираме оние што добиле најмногу – повеќе од еден милион денари. За тековни работи во осовременувањето на постојаната природо-научна поставка во музејот во Струга вработените во музејот „Д-р Никола Незлобински“ побарале 1,5 милион денари, а одобрени им се 1 милион денари. За санација на оштетувањата од влага и заштитата од атмосферските води во скопскиот Чифте амам, воведување систем на вентилација на ентериерот, заштита од УВ-зрачење и оградување на културното добро, Национална галерија на Македонија побарала 16 милиони денари, а одобрени се само 2 милиона. Но, за приспособување на дворот на Уметничката галерија во Тетово (сместена исто така во стариот амам), скалите и инвалидската патека „со калдрма и плочки од Порфид“, побарани се вкупно 2.098.000 денари, а Министерството за култура одобрило 2 милиона.


Музејот на албанската азбука доби еден милион денари за брошури и летоци

За осовременување на четири археолошки депоа (трета фаза), Заводот и музеј од Битола побарал 3,271 милиони денари, а добил само еден милион денари. За споредба, Музејот на албанската азбука (исто така од Битола) побарал 1,4 милион денари за подготовка и печатење на рекламен материјал (брошура и летоци), а одобрени му се исто така еден милион денари.

Интердисциплинарни проекти


И во оваа категорија ги ставаме проектите што добиле најголема поддршка. Одобрени се вкупно 71 проект. Струмица ОПЕН фестивал од Министерството за култура добил 3 милиони денари (а побарал нешто повеќе од 10 милиони денари). Битола за фестивалот Бит-фест побарала поддршка од 4 милиони денари, а доби половина од тој буџет.
КРИК - Фестивал за критичка култура побарал 1,7 милион денари, а Министерството одобрило еден милион, додека Остен за 50. Светска галерија на карикатури што ќе ја организира годинава доби 2 милиона денари (а побарал двојно повеќе).
„Театарот на навигаторот Цветко“ ќе работи со државна поддршка од 1,5 милион денари (од побарани 2,566 милиони), а Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“ ја добил целата поддршка што ја побарал - 1,086 милион денари.

Ликовна дејност

Проектите од ликовната дејност се разновидни. Доминираат домашни автори, а буџетите се движат од 10.000 денари (претежно 30-40.000 денари) до 500.000 денари за покомплексните проекти. „Милионска“ сума има единствено самостојната изложба на уметникот Анри Сала, еден од најпознатите мултимедијални уметници во светот, која лани ја посети земјава. За неговата изложба, Националната галерија на Македонија побарала 3,1 милиони денари, а Министерството одобрило 2 милиона. Уочлива е драстичната разлика во сумата за две изложби на наши реномирани ликовни уметници од иста генерација. И двете ќе бидат отворени во Културно-информативниот центар во Скопје. За изложба на слики од Илија Пенушлиски биле побарани 289 илјади денари, а Министерството одобрило 120 илјади. За изложба на слики, пак, од Жарко Јакимовски биле побарани 309 илјади денари, а се одобрени само 10 илјади.

Заштита на културното наследство

И во оваа дејност има интересни факти за споредба. На пример, Музејот на град Скопје за истражување на два објекта на античкиот град Скупи побарал по околу 1 милиони денари, а одобрени му се по 200 илјади. Светиниколскиот музеј за систематски археолошки истражувања на локалитетот Градиште, кај селото Кнежје, каде што се претпоставува дека се наоѓа раноантичкиот град Билазора, побарал 775.331 денар, а Министерството одобрило само 200 илјади.
Но, Здружението за спорт, култура и екологија „Солеина“ од Тетово за „промотивен карван на Мал музеј на Зекирија Алији и евиденција на музејски експонати на Мал музеј на Зекирија Алији“ побарало по 400 илјади денари, а одобрени се по 300 илјади (вкупно 600 илјади денари за двата проекта). Здружението „Дрита агб“ од Гостивар за проектот „Афирмација и одржливост на албанската култура преку промоција на традиционалните обичаи на албански сунет во Македонија“ побарало 610.000 денари, а Министерството одобрило 500.000 денари.


„70 години Копачка“ до 80 илјади денари

Здружение фолклорна група „Копачка“ од делчевското село Драмче за прослава на јубилејот „70 години Копачка“, кое е заштитено како нематеријално светско културно наследство од УНЕСКО, побарало 120.500 денари, а одобрени му се 80.000 денари.
За обнова на опожарените конаци и изработка и реализација на проектите за црквата, трпезаријата, магерничкиот конак и магерницата на манастирот Трескавец кај Прилеп биле побарани 122,9 милиони денари, а одобрени се 35 милиони.
За археолошки истражувања на локалитет Стибера кај селото Чепигово (локалитет кој даде исклучително интересни пронајдоци во изминатите години) прилепскиот Музеј побарал 1,1 милион денари, а добил 300 илјади. За пофалба е примерот со конзервација и препокривање на манастирската црква „Св. Никола“ во мариовското село Манастир. Побарани се еден милион денари, а Министерството одобрило 1,5 милион.
Наместо со побараните 24 милиони денари, итната санација и регулација на коритото на Црна Река во должина на археолошкиот локалитет Стоби ќе се прави со одобрени 800 илјади денари. Слично помина и проектот за конзервација, реставрација, реконструкција и археолошки доистражувања на римскиот театар во Стоби. Од побарани 44.360.000 денари, Министерството одобри само еден милион.