„Повеќето возрасни немаат поим што преживуваат денес тинејџерите!“

„Повеќето возрасни немаат поим што преживуваат денес тинејџерите!“

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Тинејџери гледаат во своите мобилни телефони
(Фото: Pixabay)


Во рамките на документарната емисија „Андеркавер хај“, која се снимаше минатата година, во едно средно училиште во Канзас беа уфрлени седум лица на возраст од 21 до 26 години со цел да ги посочат клучните разлики меѓу денешните тинејџери и тинејџерите пред 6-7 години, односно кога тие биле тинејџери.

„Предизвиците со кои се соочував во текот на моето школување сега станале 24-часовни проблеми благодарение на технологијата, компјутерите, мобилните телефони и социјалните мрежи. Нема вистинско бегство“, изјавил Шејн Фелдман за „Бизнис инсајдер“, уфрлен „ученик“ кој матурирал во 2012 година.

Седумте инфилтрирани лица во училиштето во Канзас се обидувале да се приспособат на животот на денешните ученици. Оделе на часови, им се приклучувале во клубовите и од „прва рака“ ги гледале сите проблеми со кои се соочувале тинејџерите од ден на ден.

„Тајните ученици“ забележале дека мнозинството ученици во текот на наставата повеќе гледале во своите телефони отколку што ги следеле предавањата.

Уште една маана на модерните уреди е дека малтретирањето станало активност која се случува без престан. Инфилтрираните „ученици“ откриле дека девојчињата се соочувале со единствени проблеми во училиштето затоа што биле под постојан притисок да ги објавуваат и да ги споделуваат своите провокативни фотографии со другите ученици.

„За нив е нормално да објавуваат промискуитетни фотографии и меѓусебно да се оценуваат“, истакнала „ученичката“ Николет.

Последиците од таквиот притисок можат да бидат разорни за девојчињата, особено откако фотографиите ќе се постават на интернет.

Како што наведува „Бизнис инсајдер“, под влијание на социјалните медиуми и паметните телефони, депресијата и стапката на самоубиства меѓу американските тинејџери се во загрижувачки пораст. Една од причините е тоа што социјалните мрежи можат да покажат колку е некој популарен или не.

„Сега учениците постојано мора да бидат во тренд и да се прикажуваат во најдобро светло, од облеката и обувките до ранците што ги носат. Тие бројат колку лајкови имаат на фотографиите, кој ги следи и колку пријатели имаат на мрежите. Сето тоа двократно го зголемило влијанието во споредба со порано“, заклучува Николет. 

Даниел, уште еден од уфрлените, смета дека самодовербата кај учениците е поврзана со социјалните мрежи и зависи од бројот на лајкови што ги добиваат на фотографиите. „Тоа може да биде многу мачно за децата, особено ако никој не лајкува на нивните фотографии“, вели тој.

Уфрлените „ученици“ ги направиле најважните конекции со „проблематичните ученици“ – оние што ја попречувале наставата, не можеле да се фокусираат и на кои им се заканувало исклучување. Во текот на полугодието тие им помогнале да се соочат со коренот на проблемот, без разлика дали се работело за семејни проблеми, љубовни проблеми, стравови за иднината или лични трагедии.

„Повеќе од сè забележав дека постои алармантна неповрзаност меѓу децата и возрасните. Повеќето возрасни немаат поим што преживуваат тинејџерите денес. Тие се желни возрасните да ги сфатат и да ги видат онакви какви што се, но и со какви маки се соочуваат. Со цела почит, но не сметам дека наставниците и родителите ги разбираат нивните проблеми“, изјавил Федман за „Бизнис инсајдер“.