Иван Новаковски, менаџер на меѓународното училиште НОВА: Интересот за стипендиите „Борис Трајковски“ четирикратно се зголеми низ годините

Иван Новаковски, менаџер на меѓународното училиште НОВА: Интересот за стипендиите „Борис Трајковски“ четирикратно се зголеми низ годините

Гимназијата НОВА и годинава доделува три целосни и најмногу до 10 делумни стипендии за четиригодишно школување, при што пријавувањето се одвива преку пополнување на електронски формулар истакнат на веб страницата на училиштето http://www.nova.edu.mk.



Меѓународното училиште НОВА годинава по 14. пат го распишува конкурсот за стипендиите „Борис Трајковски“, преку кои на најдобрите основци од земјава им се овозможува да добијат целосно или делумно финансирање на нивното четиригодишно школување во оваа гимназија. Интересот за овие стипендии секоја година е сѐ поголем, а се пријавуваат кандидати од целата земја, што за раководството на НОВА е показател дека ова меѓународно училиште е многу посакувана дестинација за учениците, но и за нивните родители. За начините на кои заинтересираните може да аплицираат за оваа стипендија, но и за нејзиното значење, разговаравме со Иван Новаковски, менаџер на меѓународното училиште НОВА.

За кого е наменета програмата за стипендирање „Борис Трајковски“ и на кој начин заинтересираните може да се пријават?
Стипендиите се наменети за ученици кои го имаат завршено своето основно образование и сакаат да го продолжат своето гимназиско образование во образовна средина во која ќе можат да ги развиваат своите специфични афинитети и интереси. Гимназијата НОВА доделува три целосни стипендии за четиригодишно школување, и финансиска помош која може да изнесува до половина од износот на школарината, на најмногу десет ученика. Пријавувањето се одвива преку пополнување на електронски формулар истакнат на веб страницата на училиштето http://www.nova.edu.mk, која дополнително ги содржи и сите потребни информации врзани за програмата за стипендирање.

Кои критериуми се клучни при изборот на добитниците на оваа стипендија? Што треба особено да ги издвојува од останатите кандидати?

Годинешниот проект за стипендирање е со малку поразличен формат од оние во претходните години. Во изминатите 14 години програмата растеше и еволуираше, а и ние со неа, учејќи за тоа кои карактеристики се важни да ги поседува еден стипендист, кој освен лична мотивација и амбиција, треба да е свесен за своето опкружување и процесите коишто се одвиваат околу него, за тоа како личните постапки влијааат на околината, со желба да придонесе не само за личното туку и за општото добро.



За таа цел годинава селекцијата на најдобрите кандидати ќе произлезе од тестирањата по англиски јазик и математика, кадешто најдобрите десет од секоја од овие категории, односно вкупно дваесет кандидати, ќе продолжат во следниот круг на селекција. Вториот круг на селекција, досега се состоеше од интервју пред комисија кадешто еден ученик имаше шанса да одговара на прашања поставени од повеќе членови на комисијата. Овој пат комисијата ќе биде ставена во улога на обсерватор на тимската динамика која ќе се развива помеѓу кандидатите, како резултат на зададена проблематика и ограничен временски период во којшто истата ќе треба да се адресира, ставајќи го во фокусот колаборативниот и креативен потенцијал на секој од финалистите.

Каков е интересот на основците од земјава за овие стипендии? Што покажуваат споредбените бројки од година во година?
Бројката на апликации низ годните има четирикратно пораснато, што кажува за перцепцијата која фамилиите и учениците ја имаат за НОВА, како посакувана дестинација за продолжување на нивното школување, но и за самата програма и процес на селекција, за кои веруваат дека се непристрасни и високо селективни при изборот на крајните добитници на стипендија или финансиска помош.
Според профилот на ученици коишто учествуваат во програма, и фактот дека се пријавуваат од сите делови на Македонија, со право можеме да кажеме дека станува збор за најреномираната програма за стипендирање за оваа возраст во Македонија.

Програмата за стипендирање почна во 2005 година. Колку стипендисти поминале досега низ оваа програма и каде тие го продолжуваат нивното школување најчесто по завршувањето на четиригодишното средно образование? Остануваат во земјава или одат на странски универзитети?
Во 14 години на програмата низ НОВА имаат поминато триесетина целосни стипендисти и уште стотина ученици коишто се изборија за делумна финансиска помош. Нивното присуство во училиштето низ годините ја збогати училишната динамика и разноликоста на ученичкото тело. Од ваквата академска, социоекономска, и културолошка разновидност учат и бенефитираат сите, а на училиштето му овозможува да биде средина во која се слават разликите наместо да се извор на поделби. Токму овие квалитети се клучни во изборот на тоа каде учениците ќе го продолжат својот образовен процес, што за еден дел од нив значеше продолжување на своето образование надвор од границите на Македонија, додека пак за други беше предизвикот да останат дома. Подеднакво сме горди на сите ученици излезени од програмата за стипендирање, независно дали нивниот факултет го носи името Харвард, Јејл, Колумбија, или Грониген, Јакобс Бремен и Кирил и Методиј.

Што покажува вашето досегашно искуство, дали според остварените резултати во школувањето избраните стипендисти ја оправдуваат дадената доверба и шанса од меѓународното училиште „Нова“ и фондацијата „Борис Трајковски“?

Програмата беше иницирана од една исклучително благородна идеа на нашиот покоен претседател, дека квалитетното образование не треба да биде привилегија само за малкумина, туку реалност за повеќемина. Ние оваа мисла ја имаме длабоко вградено во нашата мисија и визија, и во рамките на нашите можности придонесуваме кон нејзиното остварување. Ученците кои минуваат низ оваа програма дадената доверба прво ја оправдуваат пред самите себе, а потоа и кон училиштето. Наша цел е создавање на автентичен амбиент и соодветни образовни стандарди во чии рамки тие ќе се развиваат и надоградуваат во најдобрата верзија која ја имаат за самите себе, која не секогаш по автоматизам е врзана за оценка, име на факултет, висина на плата, или работна позиција, туку со нивната лична среќа и чувството на корисност. Ваквата перцепција за самиот себе создава задоволни и сочувствителни индивидуи кои оставаат зад себе дела вредни за паметење. Фактот дека овие ученици често се враќаат назад во НОВА, после години поминати од нивното матурирање, како и врзувањето на некои од нивните најубави мемории со времето поминато во училиштето, јасно говорат за влијанието што програмата ја има во исполнувањето на своите првични очекувања.