Копродукцијата „Кога дрвјата паѓаат“ денеска премиерно на Берлинале

Копродукцијата „Кога дрвјата паѓаат“ денеска премиерно на Берлинале

Подготвил: С.Ѓ

Лектор: Ивана Кузманоска

Македонија ќе учествува на престижниот Берлински филмски фестивал со копродукцискиот филм „Кога дрвјата паѓаат“ во режија на Марисја Никитук, во програмата „Панорама“. Филмот, кој е соработка помеѓу Украина, Полска и Македонија, ќе ја има својата светска премиера денеска, а во текот на фестивалот ќе има вкупно пет фестивалски и две затворени проекции, информираат од продукцијата „Фокус ин“.

Сцена од „Кога дрвјата паѓаат“

Во создавањето на филмот од Македонија учествуваа: монтажерот Блаже Дулев, Александар Пејовски како кокомпозитор, а супервизор и креатор на визуелни ефекти е Крсте Господиновски со цел тим артисти за 3Д и визуелни ефекти. Македонски продуцент е Дарко Башески.
Проектот беше потврден како квалитетен со учество на повеќе маркети и работилници и освоени награди (Baltic Events, Directors Across Borders, MAIA Workshops, ScripTeast, Odesa IFF) уште пред да почне снимањето, а ја доби и престижната награда „Кшиштоф Кишлофски“ за најдобро сценарио за време на Канскиот фестивал во 2016 година.
„Кога дрвјата паѓаат“ ќе се натпреварува за една од следните награди: GWFF – награда за најдобар прв игран филм (50.000 евра), награда на публиката на Панорама, награда CICAE Art Cinema, награда Peace Film (4.000 евра), награда на Heiner Carow (5.000 евра), награда на екуменското жири и за етикета на Еуропа синемас (Label Europa Cinemas).

По покажаниот огромен меѓународен интерес меѓу филмските професионалци, овој филм доби финансиска поддршка од Украинската државна агенција за филм, од Полскиот филмски институт и од Агенцијата за филм на Република Македонија.
Панорама Берлинале е една од главните програми на фестивалот, основана во 1982 година како селекција за неконвенционални филмови проширувајќи ги границите на значењата и визуелна естетика. Годинава „Панорама“ се одржува под слоганот: „Непослушност - Политика на телото“.